Што треба да знаат родителите за повторното отворање на училиштата во време на корона вирусот

Животот за време на пандемијата со КОВИД-19 е тежок како за родителите, така и за децата. Враќањето на училиште е важен чекор, но вие и вашите деца веројатно имате многу прашања.

УНИЦЕФ
a student showing her work to a teacher in a classroom
UNICEFMK
10 Август 2020
  1. Кога и како треба да се отворат училиштата?

На глобално ниво, полека гледаме дека сѐ поголем број деца се враќаат во училница. Со оглед на тежината на состојбата и нејзините варијации низ светот, земјите се наоѓаат во различна фаза во поглед на тоа како и кога планираат да ги отворат училиштата. Овие одлуки обично ги носат националните влади под експертско водство од страна на Државната комисија за заразни болести и честопати во дискусија со локалните власти. Тие ќе треба да го земат предвид јавното здравство, придобивките и ризиците за образованието и другите фактори. Најдобриот интерес на секое дете треба да биде во центарот на овие одлуки, користејќи ги најдобрите достапни податоци но, како точно ќе изгледа ова ќе зависи од училиште до училиште.

 

  1. Каков е ставот на УНИЦЕФ за тоа кога треба да се отворат училиштата во Северна Македонија?

Постојат многу докази за негативниот ефект од затворањето на училиштата врз физичкото и менталното здравје на децата, исхраната, безбедноста и учењето. Затоа, повикуваме училиштата да бидат меѓу првите институции што ќе се отворат кога ќе се воспостават мерки за безбедност. Како што земјата ќе започне да ги олабавува ограничувањата и пак да се отвора во ерата  на КОВИД-19, така училиштата треба да бидат меѓу првите што ќе се отворат, а властите мора да дадат приоритет на обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за најранливите деца. Ова налага изработка на план со различни модалитети, со што ќе им се овозможи на локалните власти да се погрижат сите деца да учат на училиште или да имаат пристап до унифициран начин на учење од далечина, или пак комбиниран пристап на учење од далечина и во училница, почнувајќи од септември 2020 година; ставање приоритет на вложување во континуирана обука на наставниците и инвестирање во ИКТ-опрема и интернет-конективност, како и инвестиции во одржување хигиена и физичко дистанцирање во училиштата. Без амбициозна акција во образованието и определен фокус врз најранливите деца, пандемијата со КОВИД-19 уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерациите ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија.

 

  1. Дали е безбедно моето дете да се врати на училиште?

Училиштата треба пак да се отворат само ако е безбедно за учениците, наставниците и персоналот. Одењето на училиште веројатно ќе изгледа малку поинаку од она на што претходно сте биле навикнати вие ​​и вашето дете. Можно е училиштата да се отворат за одреден временски период, а потоа да се донесе одлука пак привремено да се затворат, во зависност од локалниот контекст. Поради променливата состојба, властите ќе треба да бидат флексибилни и подготвени да се адаптираат за да осигураат безбедност на секое дете.  

 

  1. Какви мерки на претпазливост треба да преземе училиштето за да спречи ширење на вирусот КОВИД-19? Дали училиштата во Северна Македонија се подготвени?

Повторното отворање на училиштата треба да биде усогласено со вкупниот здравствен одговор на земјата на КОВИД-19 за заштита на учениците, персоналот, наставниците и нивните семејства. Водата и хигиенските погодности ќе бидат пресудни за повторно безбедно отворање на училиштата. 

Практични мерки што може да се применат во училиштата:

  • Започнување и завршување на наставата во различно време за различни одделенија
  • Голем одмор и пауза за ручек во различно време за различни одделенија
  • Одржување настава во привремени простории или на отворено
  • Одржување настава во смени за да се намали бројот на деца во одделение

Администрацијата треба да ги разгледа можностите за подобрување на мерките за хигиена, како што се миење на рацете, респираторни правила (т.е. кашлање и кивање во подлактицата), мерки за физичко растојание, процедури за чистење на објектите и безбедни практики за подготовка на храна. Исто така, административниот персонал и наставниците треба да бидат обучени за физичко дистанцирање, практики на хигиена во училиштата и препознавање на симптоми слични на грип.

Во соработка со Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ подготвува обука и поддршка за вода, санитарни услови и хигиена (ВАШ, WASH) за училишната управа, наставниците и техничкиот персонал, вклучувајќи ги и хигиеничарите, како и одделите за образование во општините. Со ова ќе им се помогне на училиштата да се подготват и да одржат соодветни хигиенски практики во училиштата.  

 

  1. Дали треба да се примени еден пристап за сите училишта?

При повторното отварање на училиштата треба да се земат во предвид јавното здравје, придобивките и ризиците за образованието и други фактори. При донесувањето на овие одлуки централно место треба да има најдобриот интерес на секое дете со користење на најдобрите достапни докази и податоци, но како точно ова ќе изгледа ќе зависи од училиште до училиште. Заедниците во кои има малку пријавени случаи и во кои граѓаните ги следат мерките немаат потреба да ги држат училиштата затворени. Доколку децата немаат пристап до информатичка опрема и до интернет, тогаш учењето од далечина не е опција за нив. Владата треба да има план со различни модалитети кои ќе овозможат локалните власти да обезбедат сите деца или да посетуваат училишна настава или да имаат можност за унифициран пристап до учење на далечина, или до комбиниран пристап од учење на далечина и учење во училница почнувајќи од септември 2020.  

 

  1. Кои се ризиците доколку децата продолжат со учење на далечина? Зошто е важно учениците да се вратат на учење во училница?

Кога децата не можат да одат на училиште,  тие на крајот губат повеќе од образование. За многу ученици – на кои училиштето им е потпора – затворањето на училниците значи губење на рутина, на време поминато со пријателите, за некои тоа е губење на единствениот оброк во денот, пристап до здравствени услуги и губење на  безбедноста што ја дава училиштето.  

Во изминатите неколку месеци, телефонските линии за помош и шелтер центрите пријавија зголемување на домашното насилство. Трпи менталното здравје на децата и на младите затоа што ја чувствуваат тежината на живот дома исполнет со стрес, сиромаштија, изолација и дилеми како ќе продолжат со образование од дома кога многу од нив го делат компјутерот со браќата и сестрите и имаат тешкотии со нестабилни интернет врски.

Пред пандемијата повеќе од половина од децата на возраст од 15 години во земјава не ги исполнуваа основните нивоа на владеење на читање и математика. Наставниците пријавуваат зголемување на бројот на деца што имаат тешкотии или не успеваат да го усвојат она знаење што им се пренесува онлајн; и многу пријавија дека во одреден момент за време на учењето од далечина не успевале да воспостават контакт со своите ученици.  Постои веројатност продолженото затворање на училиштата да го уназади академскиот развој на учениците, особено со оглед на тоа што онлајн учењето не беше ефикасно за сите. Освен тоа, некои деца се во ризик никогаш да не се вратат на училиште.

 

7.     Што ако наставник или ученик кој посетува настава во училница, се покаже позитивен на тест за корона вирус?

Безбедносните протоколи - без оглед дали се за училишта, работни места или протоколи за посета на трговски центар и ресторани – даваат резултати  единствено ако сите ги следат. Со почитување на протоколите, создаваме услови да се заштитиме себеси, нашите семејства и заедниците. Освен плановите и протоколите за заштита на учениците, персоналот, наставниците и семејствата преку спречување на ширењето на вирусот, училиштата треба да бидат подготвени за брза акција ако некој што дошол на училиште бил позитивен на тест за корона вирус или покажува симптоми на КОВИД-19. Секое училиште треба да има  еден вработен што ќе биде одговорен за КОВИД-19 обучен  да ги препознае симптомите, па според протоколите, веднаш да ги извести родителите или старателите и да им даде упатства за тестирање и изолација. Исто така, училиштата треба да имаат директни врски со установите за тестирање за да добијат брзо известување за некој што се покажал позитивен на корона вирус, а бил во училиштето. Локалните тимови за здравствена заштита треба веднаш да извршат брза проценка на ризикот за да потврдат кој бил во близок контакт со лицето додека било заразно и да се погрижат лицето да се самоизолира. Тимот за здравствена заштита треба да го води училиштето низ активностите коишто треба да ги преземе. Ова може да значи испраќање дома на оние што биле во близок контакт со лицето кое било тестирано позитивно и советување тие да се самоизолираат 14 дена.

 

8.     Ќе биде тешко за децата, особено за помалите, да држат физичко растојание и да следат други мерки за да се спречи ширењето на вирусот. Како треба училиштата и наставниците да се подготват за да им помогнат на децата да ги следат мерките?

 Наставниците и родителите имаат важна улога и треба да се погрижат децата да ги разберат, научат и да ги следат новите правила во училиштата. Наставниците во предучилишните установи и нижите одделенија треба да вложат посебен напор преку учење низ игра да им помогнат на малите деца да се прилагодат кон новиот начин на настава во училиштата. Исто така, училиштата ќе треба јасно да им ги соопштат овие нови правила на родителите, за тие да бидат свесни и исто така, да ги поддржат своите деца при практикување на новите правила и при развивање навики што се важни за заштита на нивното здравје. Родителите имаат важна улога и одговорност. Од нив може да се побара да ја проверат температурата на своето дете пред училиште. Ако детето покажува знаци на настинка или грип, тоа не треба да оди на училиште. Доколку покажува симптоми на КОВИД-19, треба да се следат владините мерки актуелни во моментот, да се контактира со матичниот лекар и да се следат советите за тестирање и самоизолација. Сите возрасни имаат улога при обликување на однесувањето коешто и децата треба да го следат.

 

9.     Кои прашања треба да му ги поставам на наставникот на моето дете или на училишниот администратор?

Природно е да имате многу прашања во ова загрижувачко и вонземирувачко време. Некои корисни прашања што можеби ќе сакате да ги поставите се:

  • Кои чекори ги презема училиштето за да ја осигури безбедноста на учениците?
  • Како училиштето ќе го поддржи менталното здравје на учениците и ќе се бори против стигматизација на лицата што се разболеле?
  • Како училиштето ќе ги упатува децата на кои им треба упат за специјалистичка поддршка?
  • Дали ќе се променат политиките за заштита од малтретирање (булинг) во училиштето откако училиштата ќе започнат пак да се отвораат?
  • Како да ги поддржам напорите за безбедност во училиштата, вклучувајќи и преку родителско-наставнички комисии или други мрежи?

 

10. Што да направам ако моето дете заостанало во учењето?

Учениците низ светот покажаа колку многу сакаат да продолжат да учат. Тие опстојаа во наставата под тешки околности, со поддршка од своите посветени наставници и родители.

Но, на многу деца ќе им треба дополнителна поддршка за да фатат чекор кога училиштата повторно ќе се отворат.

Училиштата треба да планираат дополнителна настава за да им помогнат на учениците побргу да се вклопат. Ова може да значи започнување на годината со часови за повторување или обновување на наученото, програми по часовите или дополнителни задачи за дома. Со оглед на можноста многу училишта да не отворат со полно работно време или за сите одделенија, тие може да спроведат модели на „комбинирана настава“, мешавина на настава во училницата и далечинско образование (самостојно учење преку вежби дома, учење преку ТВ или Интернет).

Дајте му дополнителна поддршка на детето дома создавајќи рутина околу училиштето и училишната работа. Ова помага ако детето е немирно и ако тешко се концентрира.

Можеби ќе треба да контактирате со наставникот или училиштето за да се распрашате и да останете информирани. Известете ги доколку вашето дете се соочува со конкретни предизвици, како тага поради загуба во семејството или зголемена вознемиреност поради пандемијата.

 

11. Што треба да направам ако моето дете се мачи да се врати во „училишен режим“?

Запомнете дека вашето дете ќе се справува со стресот на сегашната криза поинаку од вас. Создадете средина на поддршка и вниманиеи реагирајте позитивно на неговите прашања и изразување чувства. Покажете поддршка и кажете му на вашето дете дека не само што е во ред, туку е и нормално да се чувствува фрустрирано или вознемирено во вакво време.

Помогнете им на вашите деца да се држат до својата рутина и направете го учењето игриво, вклучувајќи го во секојдневните активности како што се готвење, читање или играње во семејството. Друга опција може да биде да се приклучите кон родителска група или група во заедницата за да се поврзете со други родители кои минуваат низ истото искуство.