УНИЦЕФ повикува на национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени

27 Јануари 2022
Girl in a classroom wearing face mask, boy on the desk behind her opening his backpack.
UNICEF/2020/Pappas

СКОПЈЕ, 26 јануари 2022 год.:  УНИЦЕФ ја поздравува препораката на Комисијата за заразни болести да се отворат училиштата за настава со физичко присуство од 1 февруари и повикува на национална солидарност за безбедно продолжување на образовниот процес во текот на целата учебна година. Секое дополнително затворање на училиштата на државно ниво дополнително ќе ги продлабочи пропустите во учењето и негативно ќе влијае врз постигањата и емотивната благосостојба на децата.

„Одлуката да се отворат училиштата за настава со физичко присуство е одлука на Владата. Свесни сме дека оваа одлука се разгледува во контекст на епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и новите сознанија поврзани со ризиците. Но, исто така, мора да се земе предвид влијанието од продолженото затворање на училиштата врз учењето и благосостојбата на децата,” рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Училиштата се основен јавен сервис, од клучна важност за развој на севкупните потенцијали на децата. Затворањето на училиштата за физичка настава поради зголемена трансмисија на КОВИД-19 во заедницата не би требало да биде прва реакција, туку тоа би требало да следи откако ќе се исцрпат сите други алтернативи.”

Учењето на далечина е алтернативно решение коe треба да се применува само како крајна мерка. И покрај тоа што дигиталните технологии имаат позитивно влијание врз учењето, долгорочно гледано, тие не можат да ги заменат методите што ги користи наставниците за време на настава во училница, ниту пак можат да ги заменат дружењата со врсниците. Истражувањето со директорите, наставниците и родителите покажува дека учењето на далечина помогнало да се одржи процесот на учење кај децата, но сепак повеќе од половина наставници забележале зголемување во бројот на деца што имале тешкотии да го усвојат или не успеале да го усвојат она што им го предавале.

Покрај ова, затворањето на училиштата имаше и негативно влијание врз менталното здравје на децата и го зголеми ризикот од насилство. Со примена на превентивни мерки училиштата докажаа дека се безбедно место за децата и не се главен двигател на ширење на инфекцијата во заедницата.

Се приближуваме кон крајот на втората година од пандемијата. Во изминатите две години прекините во образованието траеја подолго во споредба со ограничувањата во другите сектори. УНИЦЕФ повикува на национална солидарност за отворени и безбедни училишта. Централната и локалната власт треба да ја зајакнат поддршката на училиштата со неопходни ресурси за да можат да ги применуваат докажаните превентивни мерки, да го надоместат пропуштеното учење и да воведат нови програми за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на децата.

УНИЦЕФ ја повикува јавноста доследно да ги применува актуелните мерки за спречување на ширење на вирусот во заедницата. „Сите ние мора да бидеме посвесни и подисциплинирани во следењето на мерките за превенција за вирусот да остане надвор од училиштата. Треба да продолжиме одговорно да се однесуваме, да носиме маска, да практикуваме хигиена на рацете, да одржуваме физичко растојание, да се вакцинираме против КОВИД-19 доколку одговараме на условите за вакцинирање, да се тестираме и изолираме ако имаме симптоми,” рече Патриција ДиЏовани. „2022 година треба да биде година во која најдобриот интерес на децата и на образованието во целина ќе бидат национален приоритет.”

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.