УНИЦЕФ поддржува професионални заедници за учење во градинките

Како дел од програмата за социјално и емоционално учење, воспитувачите во градинките ја унапредуваат соработката и професионалниот развој

14 Март 2022
Kindergarten teacher helping a girl to draw a print of her hand while a boy is carefully observing
UNICEF/Georgiev/2022

Скопје, 28 февруари 2022 година: УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика започнуваат нова иницијатива за создавање професионални заедници за учење во градинките кои ќе им помогнат на воспитувачите да го унапредат професионалниот развој и да го поттикнат учењето и развојот на децата. Над 200 воспитувачи - лидери учествуваат во низа од вкупно 36 работилници за градење капацитети во текот на февруари и март 2022 година.

„Родителството и квалитетното предучилишно образование се двата клучни фактора кои можат да влијаат врз добросостојбата и развојот на децата. Искуствата стекнати во раното детство, вклучувајќи ги и искуствата во предучилишното образование, имаат доживотно влијание врз когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на детето” - истакна Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Преку работилниците, воспитувачите ќе се запознаат со концепциска рамка и ќе се здобијат со практично искуство во врска со воспоставувањето на клучните елементи на професионалните заедници за учење: култура на соработка со акцент на концептот „учење за сите“; колективно истражување на најдобрата пракса и на актуелната состојба; учење преку пракса; посветеност на континуирано усовршување; како и ориентираност кон резултати. Процесот го води тим од експерти координиран од страна на Македонскиот центар за граѓанско образование.

„Со оваа мошне делотворна програма која има фундаментална важност конечно допираме една од централните теми – како да се создаде и одржи една професионална заедница. Искрено се надевам дека ќе го одржиме континуитетот и ќе истраеме во имплементацијата на целиот процес. Почувствував за време на работилницата дека постои надеж и дека можеме да ја унапредиме нашата професија” – напиша една од учесничките во прашалникот за евалуација на првата работилница.

Наместо како модел, професионалните заедници за учење се осмислени како тековен процес што ќе обезбеди континуирано подобрување на практиките на држење настава преку постојана вклученост на кадарот во продлабочени, систематски и колаборативни активности на професионален развој на ниво на предучилишни установи. Главната цел на професионалните заедници за учење е да воспостават училишна култура која овозможува учење од страна на децата преку вредности, норми и очекувања споделени меѓу воспитувачите во предучилишното образование.

Формирањето на професионалните заедници за учење ја надополнува тековната програма за социјален и емоционален развој фокусирајќи се не само на добросостојбата и развојот на децата во предучилишните установи туку, подеднакво, и на добросостојбата и развојот на воспитувачите во предучилишните установи како еден од клучните фактори за постигнувањата на децата. Благодарение на програмата која е вградена во националната наставна програма за рано учење и развој, изминативе три години 1336 воспитувачи добија обука и четири месеци континуирана колегијална поддршка и менторство од групата од 190 воспитувачи - лидери.

Програмата за социјално и емоционално учење е поддржана од УНИЦЕФ и се спроведува во соработка со Министерството за труд и социјална политика, а е финансирана од Владата на Обединетото Кралство како дел од програмата „Основи за иднината“.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.