Северна Македонија презема обврска на глобално ниво да се придржува кон климатските приоритети утврдени од децата и младите

Претседателот Пендаровски ја потпиша Меѓувладината декларација за деца, млади и климатска акција

23 Декември 2021
President Pendarovski, Minister Nuredini, UNICEF Representative and young people in front of President's Vila
Cabinet of the President

Скопје, 23 декември 2021: Претседателот Стево Пендаровски во рамките на активноста Отворен Кабинет денес ја потпиша Меѓувладината декларација за деца, млади и климатска акција. Северна Македонија е прва држава од регионот на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија што ја потпиша Декларацијата. Со потпишување на Декларацијата Северна Македонија презема обврска да се придржува кон приоритетите за климатска акција утврдени од децата и младите.

Декларацијата беше потпишана во присуство на млади активисти кои учествуваа на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани.

По повод потпишувањето на Декларацијата се одржа тематска дебата, на која се дискутираше за впечатоците од годинешниот Самит за климатски промени COP26 во Глазгов, тековните активностите кои се преземаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и следните чекори на национално ниво, како и ингеренциите и надлежностите на претседателот во областа на климатските промени.

Во текот на дебатата младите активисти изразија интерес за мерките кои се преземаат со цел заштита на шумите, намалување и превенција на отпадот, подобрување на квалитетот на воздухот и дискутираа за можностите за нивно пошироко вклучување во процесите на одлучување и креирање на политиките за климатски промени.

Претседателот Пендаровски го поздрави ентузијазмот на младите и истакна дека оваа Декларација нè потсетува дека еден од главните мотиви за справување со климатските промени се токму децата и младите, односно нивното право на безбедна клима и здрава животна средина. „Мора да создадеме простор младите како најинформираната и најдигитализирана генерација да бидат вклучени во справување со еколошките проблеми и да го кажат своето мислење за климатските политики“, порача претседателот, додавајќи дека особено важно е подигање на јавната свест и обучување на младите, за што е неопходно интегрирање на климатските и еколошки аспекти во Националната стратегија за образование, односно во наставните програми.

Министерот Нуредини ги сподели националните климатски амбиции и ги охрабри младите активно да учествуваат и во донесувањето на првиот Закон за климатска акција со кој правно ќе се трасира патот кон јаглеродната неутралност на земјава.  Исто така, министерот ги повика младите да бидат активни и гласни за да бидат слушнати препознавајќи ги како движечка и мотивациска сила за градење на климатски отпорна држава.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, поздравувајќи го потпишувањето на Декларацијата, истакна дека овој документ ги покажува заложбите на земјите да ги земат предвид потребите, правата и перспективите на децата во политиките за климатски промени на сите нивоа.

“Потпишувањето на Декларацијата е важен момент што следи по Младинскиот самит за климатски промени, каде ги слушнавме младите луѓе, нивните грижи и повици за дејствување за заштита на животната средина. Истовремено го покажува и огромниот капацитет на децата и младите да бидат моќни двигатели на промени“,  рече ДиЏовани, додавајќи дека климатската криза е и криза на детските права.

Северна Македонија се приклучи на триесетина европски земји-потписнички на Декларацијата за деца, млади и климатска акција, која е усвоена на Самитот за климатски промени во Мадрид во 2019 година.

Една од целите на Декларацијата е да се зголеми учеството на децата и младите во процесите за ублажување и адаптација кон климатските промени, преку поголема едукација за климатските промени и животната средина, како и стекнување на знаења и вештини потребни за да се заштитат себеси и да придонесат за безбедна и одржлива иднина.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.