Повик од УНИЦЕФ до родителите: заштитете ги вашите децата како што родителите ве заштитиле вас во минатото

09 Февруари 2024
Doctor performing medical exam to a baby before administering a vaccine
UNICEF/North Macedonia/Georgiev/2022

Скопје, 9 февруари 2024: УНИЦЕФ изразува загриженост од растечкиот број случаи со голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружува кон повикот на здравствените експерти до родителите и старателите да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.

Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, родителите денес ја имаат таа среќа да растат без да доживеат некој член од семејството или пријател да им почине или да има доживотни последици од болести како што се мали сипаници или детска парализа. Сегашната епидемија од голема кашлица потсетува на важноста од одржување опфат со редовна вакцинација на децата над 90-95% за да се постигне колективен имунитет. 

Само со постигнување колективен имунитет можеме да ги заштитиме оние што не можат да се вакцинираат како што се малите бебиња или лицата со слаб имунитет. За да ги заштитиме децата и заедниците важно е сите деца што од било која причина ја пропуштиле вакцината според националниот календар на имунизација да ја примат вакцината.

Вакцинирањето е една од најефективните мерки на заштита на децата и заедниците од сериозни болести. Докажано е дека вакцините се безбедни и глобално секоја година тие спасуваат 2 до 3 милиони детски животи од сериозни болести.

Вакцинирањето на децата е колективна одговорност. Ги повикуваме родителите и старателите: обезбедете им на своите деца онаква заштита каква што вашите родители обезбедиле за вас во минатото. Имате моќ да го заштитите своето дете, другите деца и заедницата од болести што може да се спречат со вакцини што се докажано безбедни и високо ефикасни.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.