Отворена првата биотехнолошка лабораторија во Скопје

Нови можности за учениците, студентите и претприемачите за продлабочување на знаењето и иновација во полето на биотехнологијата

14 Април 2023
Biohack laboratory Skopje
UNICEF/North Macedonia/Georgiev/2023

Првата биотехнолошка лабораторија во земјата беше отворена со поддршка од УНИЦЕФ и УНПД и во партнерство со градот Скопје.  Лабораторијата, која се наоѓа во просториите на средното стручно училиште „Марија Кири-Склодовска“ во Скопје, ќе биде центар за воншколски активности и учење базирано на проекти во полето на биологијата и хемијата за повисоките одделенија на основното образование и за средношколците.

„Сведок сум на неверојатниот потенцијал на младите луѓе во земјава. Ние досега организиравме многу програми во кои се вклучија девојчиња и момчиња од Северна Македонија и добија глобални признанија и освоија први награди на меѓународни натпревари,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

„Од пресудна важност е учениците да имаат простор каде што ќе можат да учат, да напредуваат и да иновираат. Биотехнологијата е возбудливо поле и е во подем, и сигурна сум дека програмата на биотехнолошката лабораторија ќе стимулира иновации и претприемништво во рамките на формалниот образовен процес и ќе побуди интерес кај учениците професионално да се занимаваат со наука,“ изјави претставничката на УНИЦЕФ.

„Се очекува до 2050 г. околу 60% од светската популација да живее во градовите. Затоа е важно да се изнајдат начини и решенија животот во градовите да биде поодржлив и подобро да се прилагоди кон потребите на жителите,“ рече Армен Григоријан, постојан претставник на УНДП.

„Првата градска лабораторија во Скопје е од исклучително значење за сите нас. Неа ќе може да ја користат средношколците и студентите, наставниците, претприемачите и сите што сакаат да се занимаваат со наука и што сакаат да придонесат за општеството, со тоа што ќе отпочнат со процеси кои водат кон рециклирање и повторна употреба на био-отпадот,“ изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје.

Лабораторијата за биотехнологија  е дел од Националната иницијатива за биотехнологија, поддржана од УНИЦЕФ, УНДП и Град Скопје, а која има за цел да придонесе кон раст на иновациите, едукацијата и осмислената вклученост на заедниците од целата земја за да се изнајдат решенија за сѐ поголемите предизвици во животната средина.

Националната иницијатива за биотехнологија е насочена кон повторната употреба и пренамената на био-отпадот како почетна точка за создавање можности за претприемништво за позелена иднина.

45,6% од целиот отпад што се создава во Северна Македонија е био-отпад. Поголемиот дел од тој отпад, приближно 95%, завршува на отворени депонии и локации каде што се одлага отпад, при што емитира стакленички гасови и придонесува за најразлични еколошки предизвици за целото општество.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.