Вакцините нè доближуваат: Одбележувајќи ја Европската недела на имунизација, Министерството за здравство и канцелариите на УНИЦЕФ и СЗО во Северна Македонија истакнуваат дека вакцинацијата е јавно добро

26 Април 2021
Vaccine
UNICEF/2020/Georgiev

На почетокот на Европската недела на имунизација, Министерството за здравство и канцелариите на Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за децата на Обединетите нации (УНИЦЕФ) во Северна Македонија истакнуваат дека вакцинацијата е јавно добро со кое му се помага на нашето општество, се заштитува здравјето на населението и се спасуваат човечки животи. Со темата „Вакцините нè доближуваат”, овогодинешната Европска недела на имунизација ја истакнува улогата на вакцините за спречување на ширењето на голем број болести и заштита на човечки животи.

Преку овогодинешното одбележување на Европската недела на имунизација во Северна Македонија, Министерството за здравство и партнерите сакаат да ја подигнат свеста за вредноста на имунизацијата, нагласувајќи ја важноста на континуитетот на рутинската имунизација и на потребата од стекнување на довербата од јавноста во безбедноста и ефикасноста на вакцините против КОВИД-19, меѓу другото и заради заштита на здравствените работници и ставање крај на пандемијата.

„Јавноздравствените и социјалните мерки помагаат да се забави ширењето на вирусот, но вакцинацијата против КОВИД-19 е алатката од витално значење за ставање крај на пандемијата и во тој контекст вложуваме максимални напори за да обезбедиме вакцини за целото население”, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство на Северна Македонија. „За целото времетраење на епидемијата, вложуваме големи напори да го избалансираме одржувањето на есенцијалните имунизациски услуги за сите возрасти, од една страна, со искористувањето на сите расположливи стручни потенцијали, ресурси и веќе докажани капацитети на државата за спроведување вакцинација за подготовка и за самата реализација на вакцинацијата против КОВИД-19 на безбеден начин. Напорите на планот на имунизацијата опфатија и партнерска соработка со УНИЦЕФ и СЗО во областите на изготвување на национален план за вакцинација за КОВИД-19 и надминување на предизвиците во врска со обезбедувањето вакцини и нивно чување и друга логистика, благодарение на што се создадоа функционален ланец на снабдување со вакцини и обучени здравствени работници и вакцинатори во државата.”

„Имунизацијата е водечка иницијатива на Програмата за работа на Kанцеларијата на СЗО за Европа за периодот 2020–2025 година насловена „Обединета акција за подобро здравје во Европа” – објаснува д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија. „Како еден од најдокажаните економични начини за заштита на здравјето, имунизацијата е корисна за сите, насекаде во светот. Вакцините се колективно јавно добро, така што за сите луѓе треба да се обезбеди правичност во поглед на нивниот пристап до и користа од вакцините. Доколку се случи да биде запоставена рутинската имунизација заради состојбата со КОВИД-19, последиците ќе се чувствуваат уште долго откако ќе заврши пандемијата. Благодарение на години и години напорна работа во насока на обезбедување сите луѓе да бидат заштитени преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање на неколку болести како што се на пример малите сипаници, но за да се заштити ваквиот напредок по секоја цена мора да се одржува висок опфат со имунизација преку рутинска вакцинација. Среде пандемијата на КОВИД-19, вакцинацијата претставува критично важна интервенција за ставање крај на пандемијата по што конечно ќе можеме да бидеме поблиску едни до други” – додаде д-р Тавила.     

„После цела една година на затварања, празни училници и откажани собирања на семејствата, луѓето низ целиот свет почнуваат да добиваат вакцина против КОВИД-19 или се во очекување на тој момент. Сите знаеме дека вакцините против КОВИД-19 се најголемата надеж што ја имаме дека ќе ни се врати нормалниот живот и дека повторно ќе можеме да бидеме блиску едни до други. Тие се исто така важен потсетник за критично важната улога што ја имаат другите вакцини, вклучувајќи ги и рутинските вакцини за децата, кои ни го овозможуваат нашето секојдневно функционирање” – изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата. „КОВИД-19 наруши голем број услуги, па така, додека од една страна сме сведоци на намалена побарувачка на услуги за децата во делот на дијагностиката, лекувањето хронични болести и примарната здравствена заштита, што се должи на стравот на родителите дека децата би можеле да се заразат од КОВИД-19, она што радува е фактот што интересот за рутинска имунизација на децата и самото нејзино спроведување останаа во најголем дел несмалени.”

 Погрешните информации и дезинформациите може да предизвикаат колебливост во поглед на вакцините и на тој начин да претставуваат пречка на патот кон посакуваниот делотворен вакцинален одговор на пандемијата. Во борбата против КОВИД-19, партнерите исто така повикуваат на поголема ангажираност во насока на обезбедување пристап за граѓаните до информации и совети од веродостојни извори. Отворените и објективните комуникации им помагаат на луѓето да донесат издржани одлуки, засновани на нивна добра информираност, како и да ја разберат важноста на вакцинацијата како најделотворен начин - заедно со мерките како идентификување на контактите на заразените, одржување физичка дистанца, носење маска и миење раце - за ставање крај на пандемијата.

HealthBuddy+ од неодамна постои и во Северна Македонија. Станува збор за он-лајн интерактивна дигитална алатка на македонски и албански јазик која нуди ажурирани информации, засновани на докази и прилагодени на целната група, за КОВИД-19 и за вакцинацијата против ова заболување.  

##

За дополнителни информации можете да воспоставите контакт со:

Сара Кајевиќ, специјалист за комуникации во канцеларијата на СЗО во Скопје, kajevikjs@who.int
Сузи Папас Чаповска, одговорен службеник за комуникации во канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, spappas@unicef.org

Следете ја кампањата на:

Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија прилагоди голем број ресурси со цел подигнување на свеста за важноста на имунизацијата на локалните јазици. Видео записи на тема имунизација можете да најдете овде: македонски јазик и албански јазик.

Посетете ја интернет страницата на УНИЦЕФ Северна Македонија за дополнителни ресурси на македонски и албански јазик за важноста на имунизацијата, вклучително и видео записи во кои учествуваат локални здравствени професионалци и експерти.

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најранливите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.