Социјализација во новата „Нормалност”
Блог од младите репортери на УНИЦЕФ Дени Дагалев (21), Клара Митевска (17) и Вероника Гијовска (16)
- Достапно на:
- English
- Македонски
Коронавирусот значително придонесе за промена на одвивањето на скоро сите дејности од јавниот живот. Има длабоко влијание на социјализацијата- како се одвива нашето секојдневно комуницирање, дружење, играње, учење, како контактираме едни со други и учиме да се однесуваме на начин прифатлив за општеството. Зборот социјализирање доби нови форми на практикување, а со тоа и нови предизвици и потешкотии. Но, „новата нормалност“ роди и нови надежи, кои во друг случај се прифаќаат здраво за готово. Надеж која има потенцијал за исклучителна трансформациска моќ.
„Сите се молиме што побрзо да се вратиме во „нормала“, која секој од нас ја потценуваше, а сега ја бараме назад. На секој од нас му е потребна дружба. Малку време поминато со наште пријатели, разговор, смеење, шетање и малку забава. Го очекувам денот кога наместо: „Прати ми го линкот за zoom meeting“ , ќе се врати она нашето: „ Во колку ќе се чекаме на Рекорд“ Клара (17)
Новите форми и начини на социјализирање, иако навидум изгледаат пасивни и монотони, за некого се нејасни и неприфатливи, но за некого и едноставно невозможни. Привилегијата да ги имаме сите услови за приспособување во однос на новите општествени поставувања во смисла на пристап до потребните средства за адаптација во новата општествена динамика- од доволно храна во период на делумна, но и целосна пауза на работните места, дигитални уреди за следење на настава и комуницирање со најблиските, до заштитна опрема за спречување на ширење на вирусот- за некого претставува фикција.
„А кога човек, особено еден ваков човек во развој, е оставен во четири ѕида самиот со себе и без никаква особена обврска, тој ќе мисли. Ќе мисли повеќе од било кога порано. Какви се не мисли ми прошетаа низ главата. Почнуваш да приметуваш колку било глупаво да “дремеш” на телефонот додека си на кафе со пријателите. Колку не си бил во право кога си ги откажувал плановите за да играш на компјутер. Некако, трчањето во паркот на сабајле и не ти се чини како лоша идеја. Полека, пополека почнуваш да градиш нова дефиниција за трошење и живеење на животот“. Вероника (16)
Советните мерки на претпазливост за справување со коронавирусот бараат од нас да се фокусираме токму на самите нас како поединци. Мијте ги рацете. Покријте ја устата. Немојте да бидете домаќини на гости или да присуствувате на големи собири. Мерките на претпазливост нè наведуваат да се свртиме кон внатре за да се фокусираме на влијанието на вирусот врз нашето индивидуално здравје и прекинот на нашиот обичен секојдневен живот. Но, покрај неопходноста за почитување на предодредените мерки на претпазливост, мора да научиме дека и самите мерки прават нешто за нас. Тие ни ги менуваат нашите форми на социјализација, кои како последица произведуваат ефекти за колективно добро.
„Ситуацијата ме натера мене, но и многу други пријатели, повторно да ѝ се навратиме на една неодолива стара навика, тоа е гејмингот. Дури и се поврзав со неколку стари пријатели пронаоѓајќи алтернативен и виртуелен универзум, свет кадешто луѓето со своите фантазиски карактери се среќаваат и играат заедно. Се прашувам во каква насока би можеле новите околности да ги пренасочат моите лични навики, т.е како ќе се рефлектира однесување на општеството како целина врз мене како поединец?“ Дени (21)
Дали можеме да ја трансформираме „новата нормалност“ во нова социјална промена за сите?
КОВИД-19 пандемијата нѐ научи да го градиме нашиот капацитет да скокнеме од нашите секојдневни рутини кога се соочуваме со криза од каква било природа. Оваа моментална смена ни се случува вертикално со мерки и одредби поставени од страна на нашите влади. Но, гледајќи го потенцијалот што нашето индивидуално однесување го има врз колективното добро, сега имаме можност хоризонтално - колективно - да одлучиме да престанеме да живееме како да е сè во ред, кога всушност не е така.
Знаеме дека се може да се постигне ако сите поединичено преземеме акција. Сега можеме да го кренеме гласот, и како што сме сплотени во однос на почитувањето на мерките за социјална дистанца, на идентичен начин да ја преточиме таа сплотеност во борбата и за останатите многубројни општествени проблеми со кои се соочуваме секојдневно, како климатските промени, глобалното здравје, пристап и можност за квалитетно образование. Низ кризата видовме дека овие проблеми испливаа на површина и тие исто така подлежат на дополнително засилување ако не се адресираат навремено и соодветно.
Затоа „новата нормалност“, тој глас за промена, за подобрување, за живеење добро, а не подобро од другите, треба силно да одекне и да ја зацврсти поврзаноста помеѓу луѓето, посебно кај младите. Кризата предизвикана од физичката изолација и седењето дома, неможноста за дружење со нашите најблиски, во училишните клупи или на спортските терени, едноставно можеме да ја преведеме во една нова надеж, нова искра, пришто ќе се здружиме и колективно ќе ги бараме решенијата за подобри и поправедни алтернативи. Засега почнуваме од нашите домови, сами, но сите заедно полека маршираме до највисоките врвови, до суштинските општествени реформи.
Дени, 21
Вероника, 16
Kлара, 16
Блоговите напишани од младите репортери на УНИЦЕФ се дел од волонтерската иницијатива која има за цел да им даде на младите луѓе простор да ги споделат своите видувања на теми значајни за нив. Работата на Младите репортери за време на пандемијата КОВИД-19 делумно е финансирана од УСАИД.