Преку експерименти и практична работа, децата учат за климатските промени
Учењето преку непосредно искуство им помага на децата да изградат нови вештини како што се способноста за решавање проблеми, истрајноста и меѓусебната соработка

Сите се раѓаме со вродено љубопитство, но како и сите други особини, така и љубопитството бара поттик за да не избледи. На децата, особено во пониските одделенија на училиште, им требаат активности кои будат љубопитство и создаваат интеракција. Активниот пристап кон учењето што е заснован на игра може да ги трансформира образовните искуства на децата на позитивен начин, да ја зацврсти нивната мотивација за учење и да ги подобри крајните резултати. Кога се запознаваат со сложени научни поими преку експерименти, децата го хранат своето љубопитство и желба да учат и да истражуваат во текот на целиот живот.
„Дали забележавте што се случи? Зошто се случи тоа? Дали ви личи на нешто слично од обичниот живот?” – овие прашања ги поставува наставничката Билјана Арсовска, а децата скокаат од столчињата и одговараат сите во еден глас. Вака изгледа наставен час во 4то одделение во основното училиште „Вера Јоциќ“ во Скопје на кој децата учат за животната средина и климатските промени преку експерименти, практична работа и критичко размислување за искуството низ кое поминале.
„Децата на оваа возраст учат преку практични искуства, односно преку нивните сетила. Гледањето и допирањето на предметите им помага самите да дојдат до решение. Искуственото учење е најдобриот начин на учење затоа што на овој начин се задржува стекнатото знаење” – вели нивната наставничка.

Билјана Арсовска е една од 115-те наставници и воспитувачи кои учествуваа на работилниците кои беа поддржани од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија и на кои имаа можност да ги зајакнат капацитетите за спроведување настава за климатските промени преку експерименти.
На работилниците наставниците и воспитувачите се запознаа како да применат нови, економични експерименти во наставата. Овој пристап им помага на учениците да ги научат основите на науката и да ги разберат последиците од климатските промени врз водата, почвата, воздухот, топлината и циклусите на загревање на воздухот.

Билјана го споделува она што го научила на работилниците со своите колеги од училиштето. Досега, таа го пренесе стекнатото знаење на 13 други наставници во нејзиното училиште и изготви училишна програма за воннаставни активности кои подразбираат ангажирање на наставниците и учениците во практична работа поврзана со животната средина и климатските промени.
„Претходно, во училиштето спроведувавме најразлични активности на тема животна средина, главно во поддршка на начини на однесување што се неопходни за да се заштити животната средина. Она што недостасуваше беа искуствени активности со кои ќе им се помогне на децата да ги разберат процесите во областите на животната средина и климата” – додаде Билјана.

За време на активностите насочени кон учење преку непосредно искуство, или таканаречено искуствено учење, наставничката забележа интересни трендови во однесувањето на учениците.
Од една страна, децата почнаа да соработуваат повеќе отколку во други активности и покажуваа спремност да си помогнат и да учат едни од други. Од друга страна, благодарение на тоа што веднаш се впуштаа во непосредно решавање на конкретен проблем, резултатот од таа активност го доживуваа како сопствено достигнување, како личен успех.

„Горди се кога ќе го видат резултатот од својот труд” - вели Билјана. „Сите ученици се ангажирани на ист начин и ниеден од нив не отскокнува од другите како што е често случај кога се бара „точниот одговор”.”
За разлика од вообичаениот пристап на барање “точен одговор”, за време на експериментите можни се и дозволени сите одговори. Така на пример, кога наставничката го покажа експериментот со балон и сода бикарбона, едно од децата го поврза дуењето на балонот со начинот на кој лебот расте кога баба му додава средство од типот на сода бикарбона.
„Понекогаш нудат радикални решенија, како на пример автомобилите да се заменат со кочии со цел да се реши проблемот со загадување на воздухот, но јас ги оставам да размислуваат со своја глава” – објаснува Билјана.

Искуственото учење покажа резултати и во области кои наставничката не ги очекуваше. Така освен што сите деца добија можност да истражуваат различни научни поими со помош на сетилата, искуствата им помогнаа да развијат и други корисни вештини од типот на решавање проблеми, истрајност и самодоверба.
Најнеочекуваната придобивка што ја забележа наставничката беше зголемената ангажираност на учениците кои инаку се срамежливи, како и на учениците со посебни образовни потреби кои често не успеваат да дојдат до израз.
„Сите деца, без оглед од каде и од какви семејства доаѓаат, се среќаваат овде во училиштето” – објаснува наставничката. „Тие дома добиваат различни нивоа на стимулација и поддршка, па затоа ние како наставници ја имаме таа толку важна улога и одговорност да обезбедиме иста појдовна точка за сите нив.”

Учењето за животна средина и климатски промени преку експерименти и практични активности во наставата е дел од програмата „Децата и младите како двигатели на промените за намалување на ранливоста кон климатските промени на заедниците” која е финансирана од Шведска, а ја спроведува Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија во партнерство со здружението Еко Логик.