Градинката е база за натамошниот живот за сите деца без оглед на способностите
Детска градинка во Шуто Оризари која промовира инклузивни практики, покажува дека децата со попреченост имаат корист од предучилишна возраст на ист начин како и децата со типичен развој

“Работев долги години со деца на улица, потоа како воспитувачка во оваа иста градинка и на 42 години завршив педагогија. Според мене, учењето е најважно,“ вели Имерзад Точи, педагог во градинката “8 Април“ во Шуто Оризари каде мнозинството жители се Роми.
Имерзад работи во општина со многу низок опфат на деца во предучилишно образование во споредба со просекот на државата, а тој пак е далеку под просекот во земјите членки на Европската Унија. Најранлива категорија со најмала веројатност да посетува предучилишно образование се децата Роми со попреченост.
Го споменува примерот со Алдин, дете со попреченост кое на почеток се плашеше да го помине прагот од градинката, а сега е ученик во прво одделение во редовно образование.
“Си дадов задача да создадам безбедна и поттикнувачка средина за него. Тој сака сложувалки како што впрочем сакаат повеќето деца од аутистичниот спектар, па така прво се потрудив да имаме сложувалки за да се игра со нив. Но јас не сакав да се игра сам, сакав постепено да го поттикнам и него и другите деца да се играат заедно и да комуницираат.“ За да ја оствари оваа цел на Имерзад и помагаа од Здружението за асистивна технологија “Отворете ги прозорците“ кое е партнер на УНИЦЕФ во спроведување на иницијативата “Инклузија на деца со попреченост во предучилишното образование“. Стручните лица од здружението ѝ помогнаа на Имарзед и на нејзините колешки да го приспособат пристапот и да направат мали прилагодувања во просторот, како на пример да не се расфрлаат нагледните материјали и играчките наоколу затоа што таков тип на средина може да го одвлече вниманието на Алдин.
Логопедот Драгана Дојчиновска го објаснува својот пристап на работење со деца со попреченост. “Додека ги проценуваме различните аспекти на функционирање кај децата, како што се когнитивните, моторичките и јазичните вештини, се насочуваме кон градење на силните страни, на способностите на детето. Имаме и низа уреди за асистивна технологија, како што е на пример голем екран што работи на допир за да се насочи и подобри вниманието на детето.“
Она што Имарзед го знаеше од теорија, се покажа точно во пракса. Децата секогаш наоѓаат начин да комуницираат и да си играат заедно. Со време Алдин се прилагоди на динамичната средина, а другите деца се прилагодија на неговата потреба повремено мирно да се фокусира на некоја задача.
“Така научија кога ќе видат дека е вознемирен да му пријдат и да му кажат – Алдин, ај покажи ми како се реди сложувалка? “
“Мислам дека почувствува дека е прифатен и постепено се опуштија сите, и тој и другите деца. Почна да споделува играчки со другите што не беше случај на почетокот ,” раскажува Имерзад.
“Одењето во градинка беше одлична подготовка за на училиште. Се научи на тимска средина, можев да видам како стекнува самодоверба, како послободно се изразува. Големо достигнување е што оваа наша општина, оваа заедница, родителите, моите колеги стануваат поинклузивни и разбираат дека децата може да постигнат многу работи ако им дадеме поддршка и љубов.“

Заедно со уште 156 воспитувачки и други стручњаци од областа на предучилишното образование, Имерзад посетуваше обуки за градење на капацитетите за инклузија на децата со попреченост во градинките.
Од овие обуки како најдрагоцени ги спомнува советите како да се препознае дека на детето му треба дополнителна помош, како да им се помогне на родителите со упатување до специјализирани услуги и како “да им зборува како на пријател“, советите за формирање инклузивен тим во градинката и поддршка на родителите во поттикнување на детскиот развој дома.
Во процесот на инклузија Здружението за асистивна технологија “Отворете ги прозорците“ ги поврзува градинките и родителите со специјализирани услуги за рано откривање и интервенција и дава совети како да се воспостави стимулативна средина во градинките за секое дете.

Имерзад зборува за тоа како раното откривање и навременото преземање мерки, дури и кога се работи за едноставни и лесно поправливи развојни потреби, може да направи голема промена за детето. Во овој процес важна улога играат вештините за набљудување и креативноста на воспитувачката.
Така, на пример кога забележа дека едно дете може да има проблеми со видот, ги упати родителите на очен лекар. Денот кога требаше за прв пат да дојде во градинка со очила, Имерзад почувствува дека детето е вознемирено. “Одлучив и јас да дојдам во занимална со моите очила – носам очила со мала диоптрија за читање, но си реков дека ќе му дадам на девојчето поддршка ако и јас тој ден ги носам моите. И навистина помогна децата да го пренасочат љубопитството кон мене, така што не се создаде простор девојчето да се чувствува непријатно, а покрај тоа покажав дека таа не е единствената што носи очила и дека носењето очила е сосема во ред.“
“Градинката е база за натамошниот живот за децата со попреченост исто како и за сите деца. Овде се учат на дружба, на споделување, на заедништво, учиме како да се однесуваме и да управуваме со емоциите, како да покажеме љубезност, стекнуваме хигиенски навики. Овде почнуваат да комуницираат и да се прифаќаат едни со други, а по мое мислење и лично искуство, на тој начин се гради самодоверба која е најголем сојузник и на децата и на возрасните во текот на целиот живот,” вели Имерзад.
Активностите во градинката “8 Април“ се дел од иницијативата “Инклузија на децата со попреченост во предучилишно образование“ која ја спроведува УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Австриската агенција за развој. Целта на иницијативата е да се стимулира инклузивна клима за сите деца во градинките преку обуки за јакнење на капацитетите на вработените во градинките и создавање инклузивни тимови.