Дали моето дете назадува поради пандемијата со КОВИД-19?

Ако забележувате назадување кај вашите деца, не сте сами.

UNICEF
Mother holds her child in arms and gives her a kiss on the cheek.
UNICEF/UN0202875/Serbia
18 Јуни 2021

Повеќето деца имаат многу силен порив да напредуваат со развојот. Меѓутоа заедно со возбудата околу можноста за правење нови работи, доаѓа и стресот. Овој стрес може да предизвика назадување: привремени чекори назад во развојот.

Пандемијата на КОВИД-19 доведе до криза во грижата за децата и учењето. Со прекинот на училиштето, дружбите со другарчињата и другите омилени навики, сѐ почесто се појавува назадување (тешкотии во вештините што вашето дете веќе ги совладало, како самостојно одење во тоалет и спиење, а и тешкотии при контрола на чувствата на лутина, тага и вознемиреност).

Разговаравме со д-р Ненси Клоус, доцент во Центарот за детски студии при Медицинскиот факултет на Јеил и помошник-директор на програмата на Јеил за образование во раното детство за она што можеби го преживувате со вашите деца (почнувајќи од годиначиња, па сѐ до студенти) и како – со нежност и разбирање – заедно да минете низ тоа.

 

Какво назадување гледате кај децата за време на пандемијата со КОВИД-19?

Гледам многу назадување, и повеќе од она што е развојно соодветно во нормални времиња. Сум видела како децата назадуваат враќајќи се на бебешки говор, барајќи помош при секојдневните навики, имајќи потреба од помош при спиење и одење во тоалет – и многу повеќе од она што е вообичаено за нив. Се поголем проблем станува како да се справиме со силните чувства и како да ги изразиме, па затоа често се појавуваат изблици на бес кај поголемите и помалите деца, па дури и кај студентите на факултет. Дури и како возрасни, назадуваме кога нивото на стрес расте или кога доживуваме промени и транзиции, па затоа мислам дека е важно тоа да го имаме на ум: станува збor за развоен феномен од детството до зрелоста.

Гледаме и многу предизвици во однесувањето. Забележуваме дека децата навистина се растажуваат зашто не се со другарите или наставниците и покажуваат нагласени емоции и однесување поврзани со  промената во начинот на учење. Сета оваа неизвесност е многу позастапена и многу пофрустрирачка затоа што сите копнееме да постигнеме нешто што е нормално и предвидливо. Откриваме дека постојаноста и предвидливоста потешко се постигнуваат во време на КОВИД-19. Ова води кон тоа децата да се чувствуваат вознемирено и фрустрирано, што секако може да резултира со дерегулација на однесувањето.

 

Некои родители гледаат изблици на бес кај своите деца тинејџери. Како треба да реагираат?

Поддржете ги да откријат начини за регулирање на емоциите – одење на прошетка, трчање, длабоко дишење, цртање, сликање. Пронајдете начини да бидат во контакт со пријателите и семејството. Сепак, тие нема да умеат да употребат некоја од овие стратегии додека им трае нападот на бес. Откако ќе се смират, родителот може да каже: „Навистина се вознемири. Се прашувам што се случува.“ Ова може да им помогне да размислат за поврзаноста меѓу нивните изворни чувства и бесот. Обично, овие чувства се измешани – лутина, страв, тага, вознемиреност, итн. Може да помогне ако се укаже колку животот е отежнат и поинаков за време на КОВИД-19 и колку е тешко тоа. Тинејџерските години се предизвик за родителите и децата бидејќи главната развојна задача е да ги направат тие џиновски чекори кон самостојност – процес што започнува во раното детство. Овој процес е преполн со возбуда, болка, борба и вознемиреност како за родителот, така и за адолесцентот.

 

Други родители забележуваат дека нивните мали деца кои научиле сами да вршат нужда сега мократ в кревет. Што би им препорачале?

Ова може да биде многу типична регресија. Забележете дали има промени дома или на училиште што може да влијаат врз тоа. Ако е нешто што го вознемирува вашето дете, може да поработите на неговата поддршка. На оваа возраст, можеби е корисно да му ставите пелена за спиење. Водете сметка за внесот на течности кај детето, ограничете го пред легнување и проверете колку често пелената е сува наутро. Така ќе добиете претстава за самоконтролата на вашето дете ноќе. Кажете му дека ќе му помогнете да остане суво ноќе. Истовремено, поддржувајте ги децата да станат самостојни при облекување и соблекување, миење раце, јадење и извршување мали задачи соодветни на возраста, како што се кревање на својата чинија од масата (доколку можат). Поддршката и негувањето самостојност соодветна за возраста во други области придонесува кон сѐ поголема умешност и самодоверба, а може и да го потпомогне совладувањето на сите аспекти од одењето во тоалет.

 

Многу деца се погодени од нарушувањето на нивното „нормално“ училишно опкружување, детската грижа, играта и/или наставната средина. Што би им препорачале на родителите кои се справуваат со ова дома?

Знаеме дека децата често го прават или го имитираат она што го прават нивните старатели, па мислам дека родителите треба да најдат поддршка околу контролата на сопствениот стрес, бидејќи во крајна линија, тоа помага и за благосостојбата на нивните деца. Моите деца се пораснати и не можам ни да замислам да морам да жонглирам како што сега жонглираат родителите на деца што растат! Тие треба да помогнат со виртуелно или физичко училиште, многумина треба да се справат со грижата за децата дома, а истовремено се загрижени за работните места и за своето здравје, како и за здравјето на семејството.

Чувството на вина кај родителите се засили за време на КОВИД. Тие се загрижени поради социјалната изолација на своите деца. Ги загрижуваат социјалните вештини на децата, можностите за игра и учење. Децата имаат совршена антена за загриженоста на своите родители, па затоа кога понекогаш гласно ќе се каже тоа, звучи смирувачки за вашите деца. Кажете им што ве загрижува на развојно соодветен начин, како на пример: „Ова е тешко и за мама и тато, и ние даваме сѐ од себе за да ви помогнеме да учите и да си играте најдобро што умееме“.

Родителите се чувствуваат многу осамено во овие тешки моменти. На многумина им помага да слушнат дека и другите родители се чувствуваат исто како нив. Тие ќе се утешат знаејќи дека не се сами, но стресот и вознемиреноста може бргу да се вратат кога децата не ја извршуваат задачата што ја испратил наставникот, не ги слушаат виртуелните часови и можеби дури и одбиваат да посетуваат виртуелно училиште. Овде немам магично решение. Само знајте дека не сте сами и дека ќе се чувствувате беспомошно, фрустрирано, виновно и загрижено. Навистина е тешко.

 

Многу родители се загрижени дали нивните деца ќе фатат чекор по пандемијата. Мислите ли дека децата можат да фатат чекор?

Не можам да го предвидам тоа. Имајќи надеж и знаејќи ја природната љубопитност, мотивираност и отпорност на децата, би рекла да, ќе фатат чекор. Во меѓувреме, читајте им на децата и најдете начин да бидете заедно. Размислувајте и зборувајте за тоа што се случува надвор. Играјте заедно и обидете се да учите и да растете заедно. Секогаш запомнете дека најдоброто нешто што може да го направите за своите деца е да им дадете љубов и грижа.

 

Каков совет би им дале на родителите во моментов?

Издржете! Сите правиме најдобро што можеме. Не е секој родител  ист , па немојте да се споредувате со другите родители или да ги споредувате вашите деца со другите деца. Знајте си ги вредностите, знајте што сакате за своите деца. Правиме сѐ што треба за да го пребродиме ова.

 


Д-р Ненси Клоус е доцент во Центарот за детски студии на Јеил; помошник-директор на програмата на Јеил за образование во раното детство; предавач по психологија и клинички директор на МОМС Партнерство® и на Програмата на Јеил за развој на родители и семејства. Таа е мајка на две деца и баба на две деца.

Интервју од Менди Рич, пишувач на дигитални содржини, УНИЦЕФ