Пет можности за децата на кои мора да одговориме сега
Отворено обраќање за тоа зошто верувам дека можеме да преосмислиме подобар пост-КОВИД свет за секое дете

- Достапно на:
- Македонски
- Shqip
КОВИД-19 е првата вистински глобална криза што сме ја виделе во животот. Без оглед каде живееме, пандемијата го засега секого, а најмногу децата. Милиони од нив немаат основни здравствени услуги, образование и заштита едноставно затоа што се родени во сиромаштија, или поради етничката припадност, верата или расата. КОВИД-19 го прошири овој јаз на нееднаквост, а социјалните, економските и здравствените ефекти од пандемијата ќе одекнуваат во годините што идат, загрозувајќи ги детските права.
Но, не е време ваквите предизвици да нѐ застрашат или да нѐ парализираат. Додека ја започнуваме 75-тата година од постоењето на УНИЦЕФ, се потсетуваме дека оваа организација е создадена сред друга историска криза, во повечерјето на Втората светска војна. Во тој момент, лесно можеше да нѐ надвладее големината на проблемите со кои се соочуваа децата во светот разорен од војна. Но, ние го преосмисливме она што беше можно. Изградивме нови здравствено-социјални системи низ светот. Ги победивме сипаниците. Ги изградивме Обединетите нации.
Историјата пак нè повикува. Во претходните големи глобални кризи, од светски војни до пандемии, лидерите се состануваа за да направат договори и пактови, договарајќи се да изградат нови начини за враќање на мирот, закрепнување, обнова и соработка.
Треба да го здружиме светот зад практичен и конкретен план за заштита на нашите деца – ветување од нашата генерација за следната дека ќе инвестираме во здравството и образованието, ќе изградиме поотпорни системи и служби што ќе досегнат до сите деца и ќе се погрижат буџетските намалувања и економскиот пад да не им наштетат на децата.
Иако мора да останеме свесни за обемот на предизвиците со кои се соочуваат децата во светот, можеме да напредуваме во партнерство и солидарност, градејќи врз минатото, со амбиција и доверба во иднината.
Овде не се работи за враќање на старото. Пред сѐ, за стотици милиони деца ширум светот, „нормалното“ никогаш не било доволно добро.
Еве пет можности за децата во светот откриени од пандемијата на КОВИД-19 и пет поуки за тоа како да преосмислиме подобра иднина за нив, преку гласот на младите.

„Растечката реторика против вакцинирањето нè доведува во ризик од смртоносни болести кои во денешно време би требало да се целосно искоренети. Никој не треба да страда од болест што вакцините може безбедно да ја спречат. Никој.“
За ВАКЦИНИТЕ да функционираат, мора да изградиме доверба
Историјата и науката ни велат дека вакцините даваат најмногу надеж дека може да ставиме крај на овој вирус и да ги преизградиме нашиот живот и нашата егзистенција.
Сепак, како што нè потсетува Ридхи, постои реален ризик вакцините за КОВИД-19 да не стигнат до сите на коишто им требаат.
Двоумењето за вакцините длабоко ќе влијае врз нашата способност да го надминеме КОВИД-19. Истражувањето спроведено меѓу околу 20.000 полнолетни лица од 27 земји покажа дека скоро секој четврти од нив би одбил вакцина против КОВИД-19. Слична студија кај Американците покажа дека нејасните и недоследни пораки од јавно-здравствените власти и политичарите може да ја намалат употребата на вакцините.
Во меѓувреме, дезинформациите за вакцините стануваат голем растечки бизнис. Заговарачите против вакцинирање го зголемија бројот на своите следбеници на мрежите за барем 20 проценти во текот на пандемијата. Според Авааз, првите 10 веб-страници коишто истражувачите ги посочиле дека шират здравствени дезинформации имале скоро четирипати повеќе прегледи на Фејсбук отколку информациите од етаблирани здравствени веб-страници.
Накусо, губиме сериозна основа во борбата за доверба. А без доверба, секоја вакцина против КОВИД-19 ќе биде бескорисна. Но, воведувањето вакцини против КОВИД-19 во целиот свет, отвора можност навистина да допреме до секое дете со имунизација што спасува живот. Светлината на крајот од тунелот треба да свети за сите.
Што треба да се направи: Сега, кога светот разви повеќе вакцини против КОВИД-19, може да го свртиме вниманието кон долгата и тешка борба за елиминирање на овој вирус од планетата со правичен и фер пристап, и да стигнеме до сите вклучително и до најсиромашните и најисклучените.
Веќе се работи на подготовка за тој ден. УНИЦЕФ е посветен партнер на Групацијта на механизмот КОВАКС за унапредување на ангажираноста на пазарот, глобална соработка со која се гарантира фер и правичен пристап до вакцините против КОВИД-19 низ целиот свет. Нашата цел е ниедна земја и ниедно семејство да не бидат исклучени кога вакцините ќе станат достапни. Ова ќе го направиме предводејќи ги напорите за набавка и снабдување со вакцини против КОВИД-19 и со помош на нашата постоечка инфраструктура, за да се олесни нивната логистички сложена испорака дури и во најдалечните подрачја. Владите мора да соработуваат за вакцините против КОВИД-19 да бидат финансиски пристапни и достапни за сите земји.
Но, бидејќи најбитната состојка на секоја вакцина е довербата, подеднакво важно е покренувањето на глобална дигитална кампања на УНИЦЕФ за градење јавна поддршка и подигање на локалната свест за вредноста и ефикасноста на сите вакцини.
Технолошките компании имаат огромна улога и презедоа важни почетни чекори за решавање на ширењето опасни дезинформации на нивните платформи. Во октомври, Фејсбук објави глобална политика за забрана на реклами со кои се обесхрабрува вакцинирање. Набргу потоа, Јутјуб најави сузбивање на содржини против вакцинација, отстранувајќи видеа што опфаќаат дезинформации за вакцините против КОВИД-19. Но, може да се направи повеќе. Платформите на социјалните мрежи мора да преземат чекори за предупредување и отстранување на содржини со кои се искривува вистината.
Двоумењето за вакцинирање оди подалеку од вакцините за КОВИД-19. Во 2019 г., СЗО рече дека колебливоста околу вакцините е една од првите 10 закани по здравјето во светот, а без доверба, вакцините се само скапи шишенца во лекарската ординација.

„Мислам дека ова е идеално време училиштата да ги слушнат своите ученици и да изнајдат начини за подобрување на можностите за онлајн-учење. Дури и по пандемијата, со учењето од далечина, ќе се овозможи образованието да стане достапно и флексибилно.“
Премостувањето на ДИГИТАЛНИОТ ЈАЗ може да потпомогне квалитетно образование за сите
Камогело има право. Во шпицот на затворање на училиштата на почетокот од 2020 година, околу 30 проценти од учениците во светот не беа во можност да пристапат до далечинско учење. Всушност, само нешто над половина од домаќинствата во повеќето земји во светот имаат пристап до интернет.
Тоа се истите деца кои веројатно и онака немаат пристап до квалитетно образование. Фактот што над 50 проценти од 10-годишниците во земјите со низок и среден приход до крајот на основното училиште не умеат да прочитаат и да разберат едноставна приказна ја одразува глобалната криза во учењето. И ако не го премостиме дигиталниот јаз, оваа брзо растечка група на млади ќе биде изоставена.
КОВИД-19 ја нагласи ваквата итност. Сега имаме можност „еднаш во цела генерација“ да ги поврземе секое дете и училиште на интернет и да обезбедиме нови дигитални алатки со кои ќе им се помогне да развијат вештини за да го остварат својот потенцијал - за време на КОВИД-19 и потоа.
Што треба да се направи: Прво и најважно, владите мора да дадат приоритет на повторно отворање на училиштата и да преземат секакви можни мерки за безбедно отворање.
Но, оваа голема пауза во учењето овозможи и момент да се преиспита како тече образованието.
„Преосмисли го образованието“ на УНИЦЕФ го револуционизира учењето и развивањето вештини за да се обезбеди квалитетно образование за секое дете преку дигитална настава, поврзаност на интернет, уреди, пристапни податоци и вклучување на младите. Нашата цел е до крајот на 2021 г., да стигнеме до 500 милиони деца и млади, а до 2030 г., до 3,5 милијарди. Заедно со десетици партнери од приватниот сектор и со владите, ова ќе опфати сè, од достава на учебници до оддалечени места, преку поддршка на образовни радио-емисии и досегање со образование до децата таму каде што живеат, па сѐ до СМС-пораки, групи на ВотсАп и подкасти.
Дигиталните алатки може да променат сѐ. Глобалниот пакет со алатки за дигитално учење на УНИЦЕФ го проширува пристапот до основните, преносливите, стручните и дигиталните вештини за најтешко достапните и најранливите. На пример, работиме со Мајкрософт на Пасошот за учење, платформа што обезбедува онлајн и офлајн-пристап до наставна програма на повеќе јазици, дури и во кризи; соработуваме со Академијата Кан на основни, дигитални и вештини од природните науки; обезбедуваме дигитална програма за бегалци и мигранти со која се учи јазикот на заедницата-домаќин, за да се поврзат со можности за образование и работа; и работиме со Фондацијата „Ера на учење“ за да обезбедиме бесплатен пристап до подготвеност за училиште, писменост и математичка писменост за над 180.000 ученици низ светот.
Но, алатките за учење мора да имаат конективност за да се користат. За поголема конективност, соработуваме со јавни и приватни партнери на иницијативата ГИГА за проширување на пристапот до интернет за секое дете, секоја заедница и секое училиште до 2030 година.
Како дел од ова, неодамна започнавме глобално партнерство со Ериксон за до крајот на 2023 година да помогнеме во мапирање на конкетивноста на училиштата во 35 земји. Ова е клучен прв чекор кон обезбедување пристап за секое дете до дигитални можности за учење.
Како што нè потсетува Камогело, прифаќајќи ја моќта на дигиталните решенија во овој пресуден момент, можеме да направиме револуција во учењето и развојот на вештините за цела генерација деца.

„Зошто се однесуваме кон менталното здравје како да не е голема работа? Зошто му велиме на човек кој жали 'премногу размислуваш'? Зошто стереотипизираме луѓе со душевна болест велејќи дека се луди? ... Време е да ги напуштиме овие стереотипи и да прифатиме дека менталното здравје е исто толку важно колку и нашето физичко здравје.“
КОВИД-19 го сврте вниманието кон МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ на младите во светот
Тулика е во право: менталното здравје е голема работа - исто толку важно колку и физичкото. Ова е особено точно во детството и адолесценцијата, кога ги поставуваме темелите на нашата доживотна когнитивна способност и способност за учење, нашата емоционална интелигенција и нашата отпорност на стрес.
Повторно, пандемијата нагласи колку се ранливи децата и младите.
КОВИД-19 им го испреврте животот на децата насекаде, нарушувајќи ги сигурните и познати обрасци како одење на училиште и играње надвор. Со затворањето пак, адолесцентите беа лишени од социјално поврзување со врсниците коешто е толку битно во овој период од животот. А кај децата погодени од траума на насилство, занемарување или злоупотреба во семејството, затворањето остави на цедило многу од нив, зад затворени врати, со насилници и без поддршка што обично би ја нашле на училиште и кај поширокото семејство и заедницата. КОВИД-19 или ги наруши или ги запре пресудните услуги за ментално здравје во 93 проценти од земјите низ светот.
Ваквите ефекти земаат уште поголем данок. Во моето претходно обраќање, пишував за порастот на душевните нарушувања кај лицата под 18 години - критичен период за развојот на младата личност. Половина од сите ментални нарушувања се развиваат пред 15-та година од животот, а 75% до раната зрелост. Повеќето од 800.000 луѓе кои секоја година си го одземаат животот се млади, а самоповредувањето е втората водечка причина за смртност кај девојчињата на возраст од 15 до 19 години.
За жал, премногу деца и млади не бараат помош поради стигмата и дискриминацијата околу злоупотребата и менталните нарушувања. Исто така, менталното здравје скоро насекаде недоволно се финансира и владите мора да сторат повеќе. Помалку од 1 процент од здравствениот буџет во земјите со низок приход оди за ментално здравје.
Но, со оглед на тоа што децата и младите се соочуваат со толку голем предизвик по својата душевна благосостојба, оваа пандемија претставува и можност да се зборува и да се дознае за менталното здравје кај возрасните и децата.
Што треба да се направи: Младите како Тулика повикуваат на поддршка и ние треба да ги слушнеме.
Некои влади ги слушаат. Во Бангладеш, Грузија и Индија, бесплатните телефонски линии за помош обезбедуваат витална грижа и поддршка за децата. Индискиот „Чајлдлајн“ доби над 92.000 повици со кои се бараше заштита од злоупотреба и насилство во првите 11 дена од затворањето поради КОВИД-19, што претставува пораст од 50 проценти.
Во Казахстан, кој има една од највисоките стапки на адолесцентни самоубиства во светот, УНИЦЕФ, во април 2020 година лансираше платформа за индивидуални онлајн-услуги на советување за адолесценти, заедно со обука и едукација за специјалистите по ментално здравје во врска со анксиозност, стрес и неизвесност поради КОВИД-19. За само три месеци беа обучени над 5.000 училишни психолози и специјалисти за ментално здравје. Другите програми во земјата промовираат активности за социјално поврзување на адолесцентите преку групи за поддршка на врсници и дискусии со родители, при што менталното здравје веќе не се стигматизира, туку за него се покажува разбирање и грижа, истовремено зголемувајќи ги советувањето и поддршката.
Слично на тоа, организациите низ светот работат со младите на нормализирање на чинот на барање помош за ментално здравје преку докажани интервенции и кампањи. На пример, Време е за промени во Британија става крај на дискриминацијата во однос на менталното здравје, работејќи со наставниците, училишната администрација и со учениците на отворање разговор, решавање на стигмата и поддршка на младите.
Треба да сториме повеќе: Земјите во ова прашање треба да вложат колку што тоа заслужува, драматично да ги прошират услугите за ментално здравје и поддршка на младите во заедниците и училиштата, и да се надоврзат на програмите за родители, со цел децата од ранливите семејства да добијат потребна поддршка и заштита дома.

„Мора да го отфрлиме верувањето дека сме немоќни и да сфатиме дека сме бескрајно моќни.“
КОВИД-19 не прави дискриминација, но нашите општества прават
Пандемијата на корона вирусот ги погоди сите на планетава, но не влијае подеднакво врз сите нас. Во премногу земји, вашата етничка припадност, вашата боја или вашето богатство може да влијае врз изгледите да трпите последици. На пример, во Соединетите Држави, Афроамериканците претставуваат 13 проценти од населението, но на нив отпаѓа околу една четвртина од смртните случаи поради КОВИД-19 и имаат скоро четирипати поголема шанса да починат од КОВИД-19 во споредба со белците.
Низ светот, оние што работат во првите редови, неопходните работници, оние со потекло од етничко малцинство, сиромашните и загрозените веќе се наоѓаат во несразмерен ризик. Нивните изгледи да ја фатат болеста се поголеми затоа што се поизложени, а имаат помала веројатност да добијат пристап до грижа и третман. Ова сите нѐ става во ризик. Богати или сиромашни, ако соседот ви е болен, и вие може да се разболите.
Оваа криза нема да заврши за никого сѐ дури не ѝ ставиме крај за сите.
И сиромаштијата драматично се зголемува. На глобално ниво, се проценува дека до крајот на 2020 година, бројот на деца кои живеат во монетарно сиромашни домаќинства е зголемен за 142 милиони.
Но, ефектите од сиромаштијата одат подалеку од здравјето. Најсиромашните деца не само што имаат најмала можност да се заштитат од вирусот, туку имаат и најмал пристап до алатките и услугите за учење од далечина и одржување хигиена на раце. За децата што живеат во хуманитарна криза, ризиците се уште поголеми.
Не само што децата имаат двојно поголеми шанси за живот во сиромаштија од возрасните, туку се и поподложни да трпат неповратни доживотни последици од неа. Тие ретко добиваат втора шанса за соодветна исхрана во раното детство, за квалитетно образование или за пристојна здравствена заштита, со што ќе им се овозможи да опстанат, да напредуваат и да се остварат. Без акција, последиците може да траат цел живот.
Што треба да се направи. Како што елоквентно потврдува Кловер, децата и младите не се немоќни. Ние мора да се погрижиме секое дете да добие можност да придонесе за општеството и ниедно дете да не биде изоставено, без оглед на полот, расата, етничката припадност или верата. Потребна ни е нова заложба за решавање на нееднаквоста и дискриминацијата. Како што оваа година рече генералниот секретар Гутереш, не само што ни треба нова генерација политики за социјална заштита, туку мора да се справиме и со длабоко вкоренетата дискриминација по пол, раса или етничка припадност преку насочени програми и политики.
Премногу деца не можат да пристапат до основните услуги коишто ние ги земаме здраво за готово. На пример, чистата вода и сапунот се основен предуслов за да се спречи ширењето на КОВИД-19 и на други болести. Иновативни решенија како што се преносни станици за миење раце, коишто се контролираат со педал за да се спречи контакт на рацете со други површини, се поставени на пазарите, во здравствените домови и училиштата на Еквадор и други земји за децата да се заштитат од вируси и бактерии.
Социјалната заштита како што е паричната помош може да биде клучен инструмент не само за да им се помогне на семејствата накратко да опстанат, туку и за поширока борба против нееднаквоста - обезбедување поддршка за испраќање на децата во училиште и во здравствени установи, купување хранливи прехранбени производи и намалување на детскиот труд. УНИЦЕФ сега соработува со владите во 115 земји за поддршка на проширените програми за социјална заштита при одговор и закрепнување од КОВИД-19.
Искуството од минатите кризи покажа дека постои силен аргумент за приоритетни инвестиции во социјалниот сектор, дури и за време на економска рецесија. Додека владите работат на заштита на својот народ од последователните потреси од КОВИД-19, тие мора да ги заштитат од кратења на инвестициите во сите социјални услуги и да се погрижат за ефикасно користење на своите ресурси за одржување на услугите.

„Многу работи се променија за нас бидејќи веќе не можеме да излегуваме и да бараме акција, но тоа не значи дека климатското движење е замолчано... Не смееме да бидеме замолчани. Климатската криза сè уште трае. Не е помината. Не е променета.“
КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ се другата планетарна криза што нема да чека
КОВИД-19 нè научи дека планетарните проблеми бараат планетарни решенија. Никој не страда повеќе од промена во климата од детето. Децата се ранливи на промените во воздухот што го дишат, водата што ја пијат и храната што ја јадат. Знаеме дека децата се поранливи на животно загрозувачкиот недостаток од вода и од храна, и на болестите што се пренесуваат преку вода, предизвикани од климатските промени. А според сегашната траекторија, за само 20 години, секое четврто дете во светот ќе живее во подрачје со исклучително ограничени водни ресурси. Како возрасни, ние сме одговорни за здравјето на планетата што ќе им ја оставиме на нашите деца.
Неуспехот директно да се решат климатските промени само ќе ја влоши нееднаквоста. До 2050 година, се очекува кумулативната штета од климатските промени да достигне 8 билиони УСД, осиромашувајќи го целиот свет за 3 проценти од БДП, а најсиромашните региони и за повеќе. Ако не дејствуваме сега, повеќе од 1 милијарда луѓе се соочуваат со раселување во следните 30 години, бидејќи климатската криза, природните катастрофи и вооружените конфликти водат кон поголема миграција, со крупни ефекти како врз земјите во развој, така и врз развиените земји.
Што треба да се направи: Закрепнувањето и одговорот на КОВИД-19 мора да ги поврземе со смели и итни активности за осврт кон климатските промени и заштита на животната средина.
Потребни ни се стимулативни владини програми чиј приоритет се ниско- јаглеродни пристапи и координиран глобален пристап заедно со локална акција. Веќе ни се познати некои решенија: создавање отпорност кај водните и санитарно-хигиенските услуги на климатски промени и катастрофи; отпорно учење преку зелени и безбедни училишта; климатски отпорни здравствени услуги подготвени за катастрофи; намалување на загадувањето на воздухот, почвата и водата; вклучување на младите како двигатели на промени и наши партнери за животната средина и климатските промени; климатски одговорна социјална заштита за поддршка на лицата засегнати од такви непогоди; и креирање климатски отпорни системи за храна и исхрана, подготвени за катастрофи.
Ако не се зголемат инвестициите во вакви решенија, закрепнувањето од КОВИД-19 ќе биде многу потешко.
Многу од овие решенија имаат домино-ефект, носејќи придобивки за здравјето и економијата и градејќи отпорност за идни катастрофи.
Во свет каде 17 земји годишно влечат над 80 проценти од своето водоснабдување, треба да преосмислиме свет за децата обезбеден со вода. Подобрата координација и соработка околу заедничките водни ресурси може да бидат катализатор на мирот и можност за изградба на поодржливи градови, средства за живот, и чиста и безбедна средина за децата.
Истовремено, обезбедувањето чиста вода за 40-те проценти од светското население кое нема пристап до чиста вода и санитарни јазли може да спречи ширење на заразни болести како КОВИД-19, истовремено произведувајќи придобивка од 4 УСД на секој вложен долар. Во 21-иот век, нема добра причина зошто секое домаќинство, училиште, болница и здравствена клиника да нема чиста вода и сапун.
Цело време може да го следиме водството на младите како Ванеса, кои не само што повикуваат на промени, туку и прават нешто во врска нив. На пример, победникот на Иновативниот предизвик на УНИЦЕФ за КОВИД-19 во Нигерија изработи решение за заедниците со небезбедна и несоодветна вода користејќи соларни панели за развој на одржливи системи за водоснабдување.
Ваквите видови решенија не само што се корисни на краток рок, осврнувајќи се на економско-социјалните ефекти од КОВИД-19, туку и градат отпорност и ги намалуваат емисиите на подолг рок.
За крај…
Во јавното обраќање што го напишав во 2019 г., ја изнесов мојата загриженост и мојата надеж за иднината на децата и младите. Не ни знаев дека по една година, глобалната пандемија драматично ќе покаже колку основана била ваквата загриженост.
Лоша вест: Како што продолжува кризата и се продлабочува економскиот пад, сè уште ни претстојат тешки денови. Економската бура ги десеткува државните буџети и го враќа назад деценискиот развој и напредок. Ако не дејствуваме одлучно и брзо, ефектите може да се чувствуваат со генерации
Но, еве ја добрата вест: Можеме да го превртиме ваквиот тренд искористувајќи го овој момент како невидена можност за обнова и преосмислување на системите на кои се потпираат децата и младите.
Значи, ова е повик на акција за децата, младите и лидерите во секоја сфера од нашите општества – за политичарите на глобалната сцена, верските водачи, креаторите на државни политики, спортските ѕвезди, сопствениците на медиуми, застапниците и за сите нас.
Меѓународната заедница мора да поддржи сеопфaтно закрепнување со приоритет врз инвестициите за децата и детските права. Околу низа прашања, почнувајќи од безбедност и приватност на интернет, преку дигитално учење, па сѐ до обезбедување чиста вода, приватниот сектор мора да стори повеќе за со иновации да досегне и да ги заштити децата. И граѓаните мора и натаму да бараат одговорност од оние кои се на власт и да се спротивставуваат на дискриминацијата и нееднаквоста.
Оваа година, кога УНИЦЕФ слави 75 години од преосмислувањето на иднината за секое дете, да застанеме зад децата и младите со нов дух на итност, креирајќи можности, подгревајќи ги нивните соништа и поддржувајќи ги во секој дел од нивниот живот.
КОВИД-19 нема да биде последната криза со која се соочува човештвото. Затоа, ајде да работиме рамо до рамо како партнери и пријатели за да излеземе од оваа пандемија посилни од порано.