Онлајн настава: Проблеми и решенија

Блог од младите репортери на УНИЦЕФ Матеј Милосиевски (16), Дориса Земон (16), Јана Стојковска (17) и Кристијан Поповски (17)

UNICEF Young Reporters
A teenager sitting in front of a computer covering his face with his hands
Matej Milosievski
26 Мај 2020

Како во многу земји, така и кај нас борбата против КОВИД-19 ги затвори училиштата и учењето се одвива онлајн. Обемот на материјалот, онлајн оценувањето и немањето на соодветни инструкции за зададените задачи се само дел од проблемите со кои ние се соочуваме за време на оваа пандемија. Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ и други партнери креираа онлајн платформа за учење наречена ЕДУИНО, на која ученици од предшколско и основно образование можат да го продолжат своето образование преку видео лекции, различни материјали и игри. Дополнително, на националната телевизија се емитува и образовна програма наречена ТВ училница. Основните и средните училишта започнаа, исто така, онлајна настава преку различни дигитални платформи. Ова се добри влогови, но дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн часови и што всушност би можеле да кажеме за квалитетот на образованието во вакви услови? Ова се само некои различни перспективи и видувања како може да се подобриме.

A girl studying, stressed out
Dorisa Zemon

Перспективата на учениците 

Вистината е дека за многу ученици наставата на далечина е само формалност, а не вистинска замена за редовната настава. Одредени наставници само ги споделуваат материјалите на учениците, без да ги предаваат. Онлајн тестирањата се вршат на принцип „снајди се” пришто учениците не се стекнуваат со вистинско, долготрајно знаење. Освен тоа одредени ученици немаат ни можност да излезат од дома во периодот кога е дозволено движење поради самото времетраење на онлајн наставата. Некои ученици немаат ниту соодветна опрема за следење на онлајн наставата, односно немаат електронски уреди како компјутер, телефони и камера. Бројот на овие уреди најчесто е лимитиран во домаќинствата и многу е непријатно за онлајн средби, часови и состаноци кои се случуваат истовремено. Исто така, одредени професори не земаат во предвид дека за време на онлајн тестирањето, ученикот може да ја изгуби интернет конекцијата. За жал, доколку ова се случи, ученикот ја добива оценката соодветно на бројот на одговорени прашања кои биле забележани од системот пред да се изгуби конекцијата. Учениците исто така се соочуваат со проблеми поврзани со менаџирање на сопственото време како резултат на онлајн наставата.

 

 

Перспективата на родителите 

Онлајн настава, како што знаеме е нов, непознат, поинаков начин на учење за учениците, професорите и родителите. Особено е тешко за учениците од пониските одделенија. Родителите на овие ученици често треба да го поминат  поголемиот дел од времето помагајќи им на своите деца да се снајдат со платформите, работејќи на домашните задачи и објаснувајќи го наставниот материјал. Ова важи за родителите кои работат од дома, но што е со оние деца, чиишто родители одат на работа? Како овие родители ќе им помогнат на своите деца? Со ваквата онлајн настава, тие треба да изнајдат повеќе време, концентрација, фокусираност, помагајќи на своите деца во изучувањето и совладувањето на предметите. Родителите кои немаат познавање од информатичката технологија се соочуваат со поголеми проблеми и имаат потреба да бараат помош од роднини, пријатели, колеги, итн. Со тешкотии се соочуваат и родителите и учениците од ранливите категории, бидејќи многу од нив немаат можност да им обезбедат на своите деца компјутер или смарт телефон за следење на наставата

 

Перспективата на наставниците  

За сега секој се однесува како да е најважно да се предаде преостанатиот материјал, да се спуштат годишните оценки и да се заврши учебната година на еден формален начин. Но, дали тоа е навистина потребно за нас како ученици? Дали тоа е вистинскиот начин како треба да се справуваме со новонастанатата ситуација?

Секако дека не! Во оваа голема слика можеби најголемиот товар е ставен врз наставниците. Тие се наоѓаат во ситуација во која се неподготвени и без соодветна поддршка. Критериумите и насоките наложени од надлежните институции не се доволни за ефективно справување со ситуацијата. Постоечките критертиуми на оценување, кои вклучуваат тестови и испрашувања, не се соодветни за дигиталната настава. Ниту еден наставник не може со сигурност да потврди дали зададената домашна работа на учениците е напишана самостојно, а задавање на посебни домашни задачи за секој ученик, едноставно претставува преоптоварување и тешкотија.  

 

Online education, students struggling to learn
Kristijan Popovski & Jana Stojkovska

Наши видувања и предлози 

Очигледно е дека целата ситуација влијае на сите и секој треба да најде начин да ја надмине пандемијата. Меѓутоа не смееме да дозволиме таа да му наштети на квалитетот на учење на оние во чии раце се наоѓа иднината на нашата земја. Затоа ние, како млади репортери, имајќи ја предвид проблематиката која ја истражувавме, даваме сопствено мислење и предлози за подобрување на онлајн наставата:

  • Системски решенија од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието за добро осмислена платформа со конкретно зададена наставна програма, како и фер и ефективен начин на оценување.
  • Ранливите семејства треба да бидат поддржани со средства за набавување на опрема и стекнување вештини со кои ќе можат да ги поддржат своите деца да учат онлајн.
  • Учениците и младите луѓе треба да бидат консултирани. Идните одлуки треба да ги земат предвид чувствата на децата, нивните видувања, нивните услови и потреби. Учениците треба да имаат пристап до материјалот без да се чувствуваат дискриминирани или беспомошни кога имаат прашања или неслушнати кога имаат мислење или барање.
  • Учениците не треба да се оценуваат нумерички, туку описно.
  • Како што се развива ситуацијата дефинитивно е потребно предлог решение, кое ќе опфати претставници од повеќе области. Тие ќе евалуираат и споделуваат свои искуства, што било добро, а што не. Проблемите со кои се соочуваат учениците и родителите треба да бидат земени во предвид.
  • Постигнување компромис, затоа што само сите заедно сплотени можеме да ги извадиме најдобрите резулатати од целата оваа ситуација.
Kristijan

Кристијан, 17

Dorisa portrait

Дориса, 16

Matej Portrait

Maтеј, 16

Jana S

Jана, 17

Блоговите напишани од младите репортери на УНИЦЕФ се дел од волонтерската иницијатива која има за цел да им даде на младите луѓе простор да ги споделат своите видувања на теми значајни за нив. Работата на Младите репортери за време на пандемијата КОВИД-19 делумно е финансирана од УСАИД.