На Младинскиот самит за климатски промени се усвои Младинска декларација за климатски промени

21 Октомври 2021
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, министерката за образование и наука, Мила Царовска, Амбасадорката на Обединетото Кралство, Н.Е Рејчел Галовеј на панел дискусија модерирана од Петар Барлаковски, претставник на младите во ОН.
Стефан Самандов

СКОПЈЕ, 21 октомври 2021 – На Младинскиот самит за климатски промени што се одржа вчера во Скопје под водство на младите се усвои Младинска декларација за климатски промени со која се бара  носителите на одлуки да преземат конкретни мерки за климатските промени и да се создадат повеќе можности  и простор за младите да влијаат на одлуките поврзани со климатските промени.

Младинскиот климатски самит - иницијатива предводена од младите - беше поддржан од УНИЦЕФ заедно со италијанската, шведската и британската амбасада во Северна Македонија и се организира по глобалниот настан “Младите за климата – предводници на амбицијата“ што се одржа во Милано и пред 26-та  Конференција на партиите на ОН за климатски промени (COP26)  во Глазгов. , УНИЦЕФ заедно со италијанската, шведската и британската амбасада го поддржаа овој Самит за вклучување на младите во дијалог за климатска акција со националните претставници. Се надоврзува на иницијативата „Преосмисли ја иднината“ на Кабинетот на претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ - иницијатива за младински консултации која им дава на децата а младите луѓе простор да се вклучат во дефинирање на посакуваната визија за својата иднина.

“Последниот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени – IPCC недвосмислено укажува дека ние веќе ја живееме последната деценија во која ќе можеме да влијаеме за да го ограничиме глобалното затоплување. Меѓутоа, за тоа да го направиме ќе биде неопходно брзо и од корен да го промениме енергетскиот и производствениот систем во светот. Ќе мора да стекнеме нови, одржливи животни навики и да покажеме многу поголема грижа за животната средина. Во спротивно, ако не успееме на глобално ниво драстично да ги намалиме емисиите на стакленички гасови во текот на оваа пресудна деценија, и ако не успееме да постигнеме нето нула емисии до 2050 година, тогаш неминовно ќе дојдеме до точката после која нема враќање,” рече Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија во своето поздравно обраќање.

На Самитот, младите водеа две панел-дискусии со домашните и меѓународни претставници, каде што се вклучија во дијалог за глобалните, европските и националните политики за клима и енергија, а и за тоа како да учествуваат преку активизам, образование, претприемништво и иновации. Панелистите ги поттикнаа младите да преземат активна улога и ја потврдија својата поддршка за создавање простор каде ќе се слушне гласот на младите и ќе се обезбеди поддршка за климатски активности предводени од младите.

“Во текот на подготовката на ревидиран придонес кон Договорот од Париз, посветивме посебно внимание на младинската консултација - нагласи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, додавајќи дека Министерстовото како институција одговорна за предлагање на  климатските политики ги зема предвид клучните принципи споменати од младите за соодветна и релевантна климатска акција. “ Ние го разбираме значењето на вклученоста на младите во донесувањето на сите одлуки во државата, а посебно од областа на климата, бидејќи никој не е позасегнат од нив - рече Нуредини.

„Тригодишната програма на УНИЦЕФ и Шведската агенција за меѓународна соработка е целосно интегрирана во реформата на образовниот систем која ја зпочнавме од оваа учебна година во основното образование. Учениците освен на редовните часови за животната средина ќе имаат можност да учат, разговараат и размислуваат и на воннаставни активности. Сето ова очекуваме да обезбеди  подобри можности и поквалитетно образование за нашите млади, но и развивање на свесноста за грижа, љубов и заштита на планетата Земја“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

“Климатските промени се една од најголемите закани со којашто се соочени децата и младите луѓе во светот. Извештајот на УНИЦЕФ за ризикот од климатските промени врз децата открива дека 1 милијарда деца се во „екстремно висок ризик“ од влијанијата на климатските промени. Тоа се речиси половина од сите деца во светот. Очигледно е дека децата го носат најголемиот товар од климатските промени и дека климатската криза е криза за правата на децата. Тоа претставува закана без преседан врз здравјето, исхраната, образованието, развојот, опстанокот и идниот потенцијал на сите деца,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “ „Оваа ситуација бара носителите на одлуки да ги стават децата и младите во самиот центар на плановите за справување со климатската криза и да го слушнат нивниот глас. Денес, на овој Самит младите не само што бараат акција – тие и самите се подготвени да дејствуваат. Ние сме должни да продолжиме да создаваме простор за да се чуе нивниот глас и да ги вклучиме во покренување на решенијата.“

“Образованието и подигањето на свеста почнувајќи од најмладата возраст се основните елементи на глобалниот и локалниот одговор на најголемите предизвици на нашето време - климатските промени и деградацијата на животната средина.  Мора да осигураме дека нашата младина е добро информирана и едуцирана за да може да придонесе со нејзините уникатни перспективи во градењето здрави, зелени и климатски отпорни општества.  Затоа ми е драго што Шведска, преку својата развојна соработка поддржува проект овде во Северна Македонија кој се фокусира на подигнување на свеста на младите за животната средина и климатските промени,“ рече Н.Е. Кристин Форсгрен Бенгтсон, амбасадорка на Шведска во Северна Македонија.

“Овде, во Северна Македонија, со младите реализиравме проекти за климатска акција, со цел да го засилиме гласот на оние што се најпогодени од климатските промени, да ги поттикнеме младите да преземат акција и да покажат колку е инспиративно тоа што веќе го преземаат за решавање на климатските промени. Мора да ги ставиме младите во центарот на процесите на одлучување за климатските промени. Времето за акција е сега и ние соработуваме за да го зачуваме екосистемот на нашата планета и да го намалиме јаглеродниот отпечаток“, рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија.

“Италија е целосно посветена во борбата против климатските промени. Ангажирањето на помладите генерации, како што направивме во Милано и го правиме денес, е клучно за долготрајни резултати“, рече Н.Е. Андреа Силвестри, амбасадор на Италија во Северна Македонија.

Една од младинските делегати - Ангела Бушеска - која ја претставуваше земјата на настанот Youth4Climate во Милано, се приклучи кон дискусијата испраќајќи порака до своите врсници: “Ние нема да дозволиме друг да одлучи за нашата иднина! Преку декларацијата за климатски промени нашиот глас ќе стигне до домашните и светски лидери. Нашите барања ќе бидат претставени и на Конференцијата за климатски промени на ОН во Глазгов. Им испраќам порака на сите млади дека секој нивен збор и секоја акција значи живот. Ајде сите заедно да бидеме гласни за промени, “ рече таа.

Младинската декларација за климатски промени, која беше усвоена на крајот од Самитот, повикува на меѓугенерациска солидарност и примерно лидерство на сите институции и опфаќа пет конкретни барања: креирање простор каде младите ќе ги предводат решенијата; носителите на одлуки да ги преиспитаат економските модели и да изнајдат начини за стимулирање на индустриите да работат одржливо; да промовираат поправка, повторна употреба и издржливи производи со подолг век на траење; да се децентрализира производството на енергија со фокус на енергетски задруги особено за соларна енергија; и да се воведе образование за климатски промени со учење преку искуство.

Оваа Декларација го претставува гласот на илјадници млади од земјата затоа што доаѓа како резултат на нивното вклучување во претходните консултативни иницијативи како што се Youth meaningful participation for climate action and NDC ambition”, Да ја преосмислиме иднината “Reimagine the Future” и “U-report”.

Младинскиот самит за климатски промени беше иницијатива предводена од младите, поддржана од УНИЦЕФ и финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој (Сида), организирана во партнерство со Амбасадата на Италија, како земја-домаќин на Самитот на ОН за климатските промени во Милано и Амбасадата на Обединетото Кралство, како земја-домаќин на конференцијата на ОН за климатски промени во Глазгов.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.