COVID-19: Најмалку една третина од учениците во светот немаат можност да пристапат до далечинско учење во време кога училиштата се затворени, се вели во новиот извештај на УНИЦЕФ

Кампањата Reimagine [Презамисли] на УНИЦЕФ повикува на итни вложувања за премостување на дигиталниот јаз, за да се допре до секое дете со далечинско учење, и најважно, да се даде приоритет на безбедно отворање на училиштата

27 Август 2020
Girls drawing
UNICEF

ЊУЈОРК, 27 август 2020 – Најмалку една третина од учениците во светот - 463 милиони деца на глобално ниво – немале можност да пристапат до далечинско учење кога КОВИД-19 ги затвори нивните училишта, се вели во новиот извештај на УНИЦЕФ објавен денес, додека земјите ширум светот се справуваат со своите планови за 'враќање во училишните клупи'.

„За најмалку 463 милиони деца чии училишта се затворија заради КОВИД-19 немаше далечинско учење“, изјави Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ. „Огромниот број на деца чиешто образование беше целосно нарушено со месеци претставува глобална тревога во образованието. Реперкусиите може да се чувствуваат во стопанствата и општествата со децении во иднината.“

Во екот на ограничувањата на движење на државно и локално ниво, безмалку 1,5 милијарди ученици од училиштата беа засегнати од затворањето на училиштата. Извештајот за досегот на далечинското учење ги прикажува ограничувањата на далечинското учење и изложува длабоки нееднаквости во можностите за пристап.

Во извештајот се користи глобално репрезентативна анализа за расположливоста на домашна технологија и алатки потребни за далечинско учење кај ученици од предучилишно, основно и средно училиште, со податоци од 100 земји. Податоците опфаќаат пристап до телевизија, радио и интернет, и достапност на наставни содржини што се пренесуваат преку овие платформи во време кога училиштата се затворени.

Иако бројките во извештајот прикажуваат загрижувачка слика за недостаток на далечинско учење во време кога училиштата се затворени, УНИЦЕФ предупредува дека состојбите веројатно се многу полоши. Дури и кога децата имаат технологија и алатки дома, се случува да не можат да учат од далечина преку тие платформи поради отежнувачки фактори во домот, како на пример притисок да вршат работни обврски во домот, принудување да работат, лошо опкружување за учење и немање поддршка за користење на наставни содржини преку интернет или телевизија.

Извештајот истакнува значителна нееднаквост во регионите. Учениците во Потсахарска Африка се најпогодени, каде половина од сите ученици се надвор од досег на далечинското учење.

  

Регион

Најмал удел на ученици што немаат пристап до далечинско учење (%) 

Најмал број на ученици што немаат пристап до далечинско учење

Источна и јужна Африка

49% 

67 милиони

Западна и централна Африка

48% 

54 милиони

Источна Азија и Тихиот Океан

20% 

80 милиони

Среден Исток и Северна Африка

40% 

37 милиони

Јужна Азија 

38% 

147 милиони

Источна Европа и Централна Азија

34% 

25 милиони

Латинска Америка и Кариби

9% 

13 милиони 

Глобално 

31% 

463 million 

 

За учениците од најсиромашните домаќинства и оние што живеат во руралните подрачја е далеку најверојатно дека ќе испуштат можности додека се затворени училиштата, се вели во извештајот. На глобално ниво, 72% од учениците што не можат да пристапат до далечинско учење живеат во најсиромашните домаќинства во нивните земји. Во земјите со среден приход, учениците од најсиромашните домаќинства сочинуваат до 86% од учениците што не можат да пристапат до далечинско учење. На глобално ниво, три четвртини од учениците без пристап живеат во рурални подрачја.

Во извештајот се наведуваат различни стапки на пристап кај различни возрасни групи, и притоа кај најмладите ученици е најголема веројатноста да пропуштат можности за далечинско учење за време на нивните најкритични години за учење и развој:

  • Не може да се опфатат приближно 70 проценти од учениците од предучилишна возраст - 120 милиони деца - главно поради потешкотии и ограничувања за учењето преку интернет за мали деца, недостаток на програми за далечинско учење за оваа категорија на образование и недостаток на домашна опрема за далечинско учење.   
  • Не може да се опфатат најмалку 29 проценти од учениците во пониските одделенија од основно образование - 217 милиони ученици. Не беа опфатени најмалку 24 проценти од учениците во повисоките одделенија во основно образование - 78 милиони ученици. 
  • Кај учениците од средно образование беше најмала веројатноста да пропуштат далечинско учење со најмалку 18 проценти - 48 милиони ученици - што немаат технолошка опрема за пристап до далечинско учење.  

УНИЦЕФ ги повикува владите да дадат приоритет на безбедното повторно отворање на училиштата кога ќе започнат да ги олеснуваат ограничувањата за движење. Кога отворање на училишта не е можно, УНИЦЕФ ги повикува владите да вклучат надоместувачко учење за изгубеното наставно време во плановите за образовен континуитет и повторно отворање на училиштата. Политиките и практиките за отворање на училишта мора да опфатат проширување на пристапот до образование, вклучително и далечинско учење, особено за маргинализираните групи. Образовните системи исто така мора да бидат прилагодени и изградени да издржат идни кризи.

Рамката за повторно отворање на училиштата од УНИЦЕФ, издадена заеднички со  УНЕСКО, УНХЦР, СПХ и Светската банка, нуди практични совети за државните и локалните власти. Упатствата се фокусираат на реформи во јавните политики; потреби за финансирање; безбедно работење; надоместувачко учење; здравје и заштита и достигнување до најмаргинализираните деца.

Како дел од својата кампања Reimagine [Презамисли] која има за цел да спречи пандемијата КОВИД-19 да ја влоши долготрајната криза за децата, особено најсиромашните и најранливите, УНИЦЕФ повикува на итни вложувања за премостување на дигиталниот јаз, да се допре до секое дете со далечинско учење и, најкритично, да се даде приоритет на безбедно повторно отворање на училиштата.

 

  

### 

 

Белешка до уредниците: 

Анализата користи наоди од заедничката анкета на УНЕСКО-УНИЦЕФ-Светска банка за национални одговори на образованието во услови на затворени училишта поради COVID-19. Бројот на деца до кои потенцијално може да се допре со радиодифузни медиуми или интернет решенија се заснова врз расположливоста на соодветната опрема (ТВ, радио и интернет) во домот, а не нивната вистинска употреба од страна на децата. Оттука, бројот на „потенцијално достигнати“ деца се горни проценки за реалноста на децата „што всушност се достигнати“. Опфатот со печатени материјали не се засметува поради недостаток на веродостојни податоци.

Анализата не се фокусира на деца надвор од училиште. За најнови податоци за децата надвор од училиште погледнете: https://www.unicef.org/sites/default/files/2019-12/SOWC-2019.pdf   

Преземете мултимедија содржини овде.  

 

За УНИЦЕФ 

УНИЦЕФ работи во некои од најтешките места во светот, за да допре до некои од најзагрозените деца на светот. Во повеќе од 190 земји и територии работиме за секое дете, насекаде, да изградиме подобар свет за сите. 

Следете го УНИЦЕФ на Твитер и Фејсбук 

 

За кампањата Reimagine [Презамисли]
Како одговор на пандемијата COVID-19, УНИЦЕФ поведе Reimagine - итен апел до владите, јавноста, донаторите и приватниот сектор да ги поддржат напорите на УНИЦЕФ да се одговори, да закрепне и да се презамисли светот што во моментов е под опсада на COVID-19. Заедно можеме да спречиме оваа пандемија да стане трајна криза за децата - особено најранливите - и да се Презамисли поправичен свет за секое дете.

Дознајте за кампањата #Reimagine овде: www.unicef.org/reimagine 

Придружете ни се: https://www.unicef.org/coronavirus/covid-19/donate 

 

За повеќе информации обратете се до: 

Georgina Thompson, UNICEF New York, Tel: +1 917 238 1559, gthompson@unicef.org  

 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.