Што треба родителите да знаат за болеста што ја предизвикува корона вирусот (КОВИД 19)
Како да се заштитите себеси и своите деца.

- Достапно на:
- English
- Македонски
< Назад на страницата на УНИЦЕФ за КОВИД-19
Пандемијата на корона вирусот (КОВИД-19) го испреврте животот на децата и нивните семејства ширум светот. Како што се шири КОВИД-19, така се шират и дезинформациите - потпирувајќи дискриминација и стигма. УНИЦЕФ работи со здравствените стручњаци на промовирање факти наспроти страв, изнесување веродостојни информации и одговарање на некои од прашањата што ги имаат семејствата.
Што е КОВИД-19?
Болеста корона вирус 2019 (КОВИД-19) - „КО“ значи корона, „ВИ“ значи вирус, а „Д“ стои за disease ((дизиз), анг. болест) - е болест предизвикана од нов сој на корона вирус за првпат откриен во Вухан, Кина.
КОВИД-19 е опишан како пандемија од Светската здравствена организација. Што значи тоа?
Карактеризацијата на КОВИД-19 како пандемија не значи дека вирусот станал посмртоносен. Всушност, зборот пандемија означува географско ширење на болеста.
Кои се симптомите на корона вирусот?
Многу симптоми на КОВИД-19 се слични со симптомите на грип, настинка и други состојби, па затоа е потребен тест за да се потврди дали некој има КОВИД-19. Симптомите може да се појават 2 до 14 дена по изложеноста на вирусот и може да варираат од многу лесна до тешка болест. Некои луѓе кои се заразени или биле заразени немаат никакви симптоми.
Најчести симптоми се температура, кашлица и замор. Други симптоми може да вклучат губење здив, болка или притисок во градите, болки во мускулите или телото, главоболка, губење осет за вкус или мирис, конфузија, воспаление на грлото, затнатост или течење на носот, дијареја, гадење и повраќање, болки во стомакот и осип на кожата. Покрај овие симптоми, доенчињата може да имаат тешкотии со цицањето.
Децата на секоја возраст може да се разболат од КОВИД-19. Иако децата и возрасните доживуваат слични симптоми, болеста кај децата обично е помалку сериозна отколку кај возрасните. (Видете „Дали КОВИД-19 ги напаѓа децата?“)
Симптомите кои налагаат итна медицинска помош се: отежнато дишење/брзо или плитко дишење (исто така и хрчење, неможност за цицање кај новороденчињата), модри усни или лице, болка или притисок во градите, конфузија, неможност за разбудување/интеракција, неможност да се пие или да се голта течност, силна болка во стомакот.
Исто така, постои вакцина за грип - затоа, вие и вашето дете не заборавајте редовно да примите вакцина.
Како се шири вирусот КОВИД-19?
Вирусот главно се шири кога респираторните капки на заразено лице (што се произведуваат преку кашлање, кивање, зборување, пеење) влегуваат во устата, носот или очите на луѓето во близина. Луѓето може да се заразат и со допирање на устата, носот или очите по допирање површини контаминирани со вирусот. Исто така, вирусот КОВИД-19 може да преживее на површините од неколку часа до неколку дена, иако едноставни средства за дезинфекција го убиваат.
Пренесувањето на вирусот преку воздух, познато и како аеросолна трансмисија, може да настане во здравствени установи каде што со одредени медицински процедури се произведуваат многу ситни капкички, наречени аеросоли, кои лебдат во воздухот. Освен тоа, веројатно сте чуле информации и за пренесување по воздух на кратко растојание - особено во слабо проветрени, преполни затворени простори, каде заразените лица минуваат подолг временски период близу до другите. Досега, доказите сугерираат дека пренесувањето на КОВИД-19 преку воздух на долги растојанија е слабо веројатно.
Врз основа на она што во моментов го знаеме, пренесувањето на КОВИД-19 настанува првенствено од луѓе кога имаат симптоми (вклучувајќи и благи симптоми), а може да се случи и непосредно пред да развијат симптоми, кога подолго време се во непосредна близина на други. Иако некој кој никогаш нема да развие симптоми исто така може да го пренесе вирусот на други, во тек е истражување за тоа колку често ова е случај.
Кои вакцини се достапни?
Вакцините за КОВИД-19 се пресудни пандемијата да се стави под контрола кога се во комбинација со ефективно тестирање и со придржување до постоечките превентивни мерки. Имајќи неколку надежни потенцијални кандидати за вакцини, од кои некои се разгледуваат за одобрување, а вакцините Фајзер/БиоНТек (Pfizer/BioNTech), Модерна (Moderna) и Оксфорд-АстраЗенека (Oxford-AstraZeneca) се веќе одобрени за употреба од неколку строги национални регулаторни тела, трката за безбедна и ефективна вакцина влезе во нова фаза. Вакцините одобрени за употреба во моментов се достапни за возрасни и адолесценти од 16 години и постари. За развивање безбедна и ефикасна вакцина потребно е време, но благодарение на невидените инвестиции во истражување и развој, како и на глобалната соработка, научниците успеаја да развијат вакцина против КОВИД-19 во рекордно време, притоа водејќи сметка за цврстите, базирани на докази и ригорозни регулаторни стандарди.
Како да се заштитам себеси и другите од КОВИД-19?
Еве неколку мерки на претпазливост што вие и вашето семејство може да ги преземете за да избегнете инфекција:
- Често мијте ги рацете со вода и со сапун или истријте ги со гел на база на алкохол (Прочитајте: Сè што треба да знаете за миење на рацете за да се заштитите од КОВИД-19)
- Покријте ги устата и носот со подлактицата или со хартиено марамче кога кашлате или кивате. Веднаш фрлете го употребеното марамче
- Држете најмалку 1 метар растојание меѓу себе и другите
- Редовно чистете ги и дезинфицирајте ги често допираните површини како телефони, кваки, прекинувачи и работни површини
- Рано побарајте лекарска помош ако вие или вашето дете имате температура, кашлица, отежнато дишење или други симптоми на КОВИД-19
- Избегнувајте преполни места, ограничени и затворени простори со слаба вентилација и обидете се во јавност да држите физичко растојание од луѓето
- Носете маски од ткаенина кога сте на јавни места каде што постои пренесување во заедницата и каде што не е можно физичко дистанцирање
- Добро проветрувајте ги сите внатрешни простории
Треба ли да носам маска?
СЗО советува луѓето секогаш да се консултираат и да се придржуваат до препорачаните практики од локалните власти во нивното подрачје. Во нашата земја, носењето заштитна покривка на лицето е задолжително во сите затворени и отворени јавни простори, вклучувајќи и пазари, продавници, банки, пошта, здравствени установи и јавен превоз.
Маските мора правилно да се користат и да се отстрануваат за да бидат делотворни и за да се избегне зголемен ризик од пренесување на вирусот. Маските за лице за еднократна употреба се користат само еднаш.
- Еве ги основите за тоа како да се носи маска:
- Исчистете ги рацете пред да ја ставите маската, како и пред и откако ќе ја извадите, а и откако ќе ја допрете во кое било време.
- Бидете сигурни дека ви ги покрива носот, устата и брадата.
- Кога ќе ја извадите маската, чувајте ја во чиста пластична кеса и секој ден или исперете ја ако е од ткаенина, или ако е медицинска маска, фрлете ја во корпа за отпадоци.
- Не користете маски со вентили.
Користењето маска само по себе не е доволно за да се запрат инфекциите и мора да се комбинира со често миење раце, покривање при кивање и кашлање, и избегнување близок контакт со некој што има симптоми слични на настинка или грип (кашлање, кивање, треска)
Дали децата треба да носат маска?
Маските помагаат да се запре ширењето на вирусот КОВИД-19, но како што откриваат многу родители, не е лесно да се применат кај децата. Следете ги глобалните упатства и совети за тоа како да воведете маски во семејството.
Дали КОВИД-19 ги напаѓа децата?
Ова е нов вирус и сè уште откриваме на кој начин ги погодува децата или бремените жени. Знаеме дека е можно луѓето од секоја возраст да се заразат и да го пренесат вирусот, иако се чини дека постарите лица и/или оние со веќе постоечки медицински состојби имаат поголеми изгледи да развијат сериозна болест.
Постојат извештаи за редок, но сериозен мултисистемски воспалителен синдром кој ги напаѓа децата и адолесцентите, можеби поврзан со КОВИД-19. Клиничките карактеристики може да вклучат, но не се ограничени на: упорна температура; осип; црвени или розови очи; отечени и/или црвени усни, јазик, раце, нозе; гастроинтестинални проблеми; низок крвен притисок; слаб проток на крв во органите; и други знаци на воспаление.
Многу од овие деца биле позитивни на КОВИД-19. Сепак, не е со сигурност познато дали инфекцијата со КОВИД-19 ја предизвикува оваа состојба. Досега, вакви случаи се пријавени претежно во Северна Америка и Европа. Сè уште не знаеме дали состојбата е присутна во другите делови на светот и дали сè уште не се препознава.
Децата со овие симптоми треба да побараат лекарска помош. Раната дијагноза и третман се критични, но првичните извештаи сугерираат дека повеќето случаи добро реагирале на антиинфламаторно лекување.
Децата може несразмерно да бидат погодени од преземените мерки за контрола на епидемијата со КОВИД-19, како што се затворањето на училиштата и мерките за физичко дистанцирање. Треба да се обрне посебно внимание на спречување и минимализирање на негативните последици врз децата.
Што треба да направам ако моето дете има симптоми на КОВИД-19?
Побарајте медицинска помош, но запомнете дека симптомите на КОВИД-19, како што се кашлица или температура, може да бидат слични на симптомите на грип или настинка - коишто се многу почести.
И натаму следете ги добрите практики за респираторна и хигиена на рацете, како што е редовно миење раце, за да го заштитите вашето детеод други вируси и бактерии кои предизвикуваат болести.
Како и кај другите респираторни инфекции како грип, ако вие или вашето дете имате симптоми, побарајте помош рано и обидете се да избегнувате одење на јавни места (работно место, училиште, јавен превоз), за да спречите ширење на други луѓе.
Што ако вие или некој од семејството имате симптоми?
Ако вие или вашето дете имате температура, кашлица или отежнато дишење треба навремено да побарате медицинска помош. . Следете ги упатствата на владата и јавете се на еден од дадените телефонски броеви ако имате симптоми, и особено ако симптомите ви се појават откако сте биле во контакт со некој кому му е потврден КОВИД-19, сте патувале во подрачје каде бил пријавен КОВИД-19, или ако сте биле во близок контакт со некој што допатувал од вакво подрачје и има респираторни симптоми.
Дали детето да го задржам дома и да не оди на училиште или во градинка ако има симптоми?
Ако вашето дете има симптоми или ако се сомневате дека некој од вашето семејство го има вирусот, побарајте медицинска помош и следете ги упатствата од давателот на здравствена заштита. Инаку, како и кај другите респираторни инфекции како грип, вашето дете треба да остане дома и да се одмара, но и да избегнува одење на јавни места, за да се спречи ширење на други лица.
Кој е најдобриот начин правилно да се мијат рацете?
Чекор 1: Натопете ги рацете под млаз вода
Чекор 2: Нанесете доволно сапуница за да ги прекриете влажните раце
Чекор 3: Тријте ги сите површини на рацете - дланките на горниот и долниот дел, меѓу прстите и под ноктите - барем 20 секунди
Чекор 4: Темелно исплакнете со млаз вода
Чекор 5: Исушете ги рацете со чиста крпа или со хартиена крпа за една употреба
Често мијте ги рацете, особено пред јадење; по секнење на носот, кашлање или кивање; и по одење во тоалет.
Ако нема сапун и вода, користете дезинфициенси за раце на база на алкохол со најмалку 60% алкохол. Секогаш измијте ги рацете со вода и сапун, ако се видливо валкани.
Сè што треба да знаете околу миењето на рацете за да се заштитите од корона вирусот (КОВИД-19)
Какви мерки на претпазливост треба да преземам за моето семејство ако патуваме?
Секој што планира патување, секогаш треба да ги следи локалните и националните упатства за тоа дали е препорачливо да се патува. Оние што патуваат треба да ги проверат препораките за нивната дестинација во поглед на ограничувања за влез, карантин при влез или други релевантни информации за патувањето. При патувањето, следете ги истите мерки за лична заштита како и дома.
Освен преземање стандардни мерки на претпазливост при патувањето, а и за да избегнете карантин или забрана за повторно влегување во матичната земја, ве советуваме да ги проверите најновите информации за КОВИД-19 на веб-страницата на Меѓународната асоцијација за авиосообраќај (ИАТА), која вклучува список на земји и рестриктивни мерки.
При патување, сите родители треба да следат стандардни хигиенски мерки за себе и за своите деца, како што се правилно миење раце и избегнување близок контакт со секој што кашла или кива.
Другите препораки се: Кога сте во авион или во друго возило исчистете ги седиштето, потпирачот за раце, екранот на допир на паметниот телефон, таблет или компјутер, итн. со влажно марамче за дезинфекција . Исто така, со марамче за дезинфекција исчистете ги клучните површини, кваките, далечинските управувачи, и сл. во хотелот или во друго сместување каде отседнувате вие и вашите деца.
Може ли бремените жени да пренесат корона вирус на неродени деца?
Сега засега, нема доволно докази за да се утврди дали вирусот се пренесува од мајка на бебе за време на бременоста или пак потенцијалниот ефект што тој може да го има врз бебето. Ова во моментов се испитува. Бремените жени треба да продолжат да ги следат соодветните мерки на претпазливост за да се заштитат од изложеност на вирусот и да побараат медицинска помош рано, доколку доживеат симптоми како треска, кашлица или отежнато дишење.
Дали е безбедно мајката да дои ако е заразена со корона вирус?
Сите мајки во погодените и ризичните подрачја кои имаат симптоми на треска, кашлица или отежнато дишење, треба рано да побараат медицинска помош и да ги следат упатствата на давателот на здравствена заштита.
Имајќи ги предвид придобивките од доењето и незначителната улога на мајчиното млеко во пренесувањето на други респираторни вируси, мајката може да продолжи со доењето, притоа применувајќи ги сите потребни мерки на претпазливост. Повеќе за доењето и исхраната за време на пандемијата:
Повеќе за доењето и исхраната за време на пандемијата:
Ме загрижува малтретирањето, дискриминацијата и стигматизацијата. Кој е најдобриот начин да се зборува за она што се случува?
Разбирливо е да се чувствувате загрижени за корона вирусот. Но, стравот и стигмата ја влошуваат и онака тешката ситуација.
Вонредната состојба во јавното здравство е стресен период за сите што се погодени. Важно е да бидете информирани, да бидете меѓусебно љубезни и да се поддржувате. Зборовите се важна работа и користењето јазик со кој постојано се одржуваат постоечките стереотипи може да ги одврати луѓето од тестирање и преземање активности што се потребни за да се заштитат себеси и своите заедници. Повеќе за менталното здравје за време на пандемијата:
Има многу информации за корона вирусот на интернет. Што да правам?
Има многу митови и дезинформации за корона вирусот што се споделуваат на интернет. УНИЦЕФ отвори страница за КОВИД-19 каде што може да најдете повеќе информации и упатства. Исто така, препорачливо е да се информирате за патувањето, образованието и другите информации што ги даваат вашите национални или локални власти околу најновите препораки и новости. Покрај тоа, СЗО има корисен дел кој се осврнува на некои од најчесто поставуваните прашања.