Социјална помош и грижа
На сите деца им треба ефикасна социјална поддршка за да им се помогне да се извлечат од сиромаштијата, исклученоста, дискриминацијата, како и за да опстанат и да напредуваат.

- Достапно на:
- English
- Македонски
Предизвик
Иако постојат служби за социјална помош и грижа, често има пречки кои ги чинат неефикасни и недостапни за одредени деца и семејства што остава многу деца без соодветната социјална поддршка и грижа што им треба.
Постојат три главни позитивни ефекти што социјалната помош и грижата ги имаат врз животот на децата. Прво, преку нив загрозените деца остануваат заедно со семејствата. Второ, на децата им се помага да се извлечат од сиромаштија со дополнителни социјални трансфери или како самостојна услуга. На крајот, со социјалната помош и грижа се потпомага формирање на порамноправна основа за најисклучените деца, за и тие да добијат пристап до основните социјални услуги како здравствена заштита, образование, вода и хигиена.
Ако нема ефикасен систем за социјална помош и грижа, проблемите со кои се соочуваат децата ќе останат нерешени, а многу деца ќе останат во ризик од сиромаштија, изложени на ризик од исклучување и дискриминација, или едноставно нема целосно да ги уживаат своите права на опстанок, напредување и прераснување во успешни и корисни членови на општеството.
Врската за обезбедување социјална заштита во заедницата често е центарот за социјална работа. Во моментов, центрите за социјална работа се особено малку застапени во руралните средини каде што се најпотребни. Постоечките центри и социјални работници понекогаш се преоптоварени со поголем број случаи отколку што можат да водат.
Социјалните работници треба повеќе да се фокусираат на социјална наместо на административна работа
Многу центри немаат доволно персонал и имаат потреба од дополнителна поддршка. Исто така, стручните лица во центрите за социјална работа се преоптоварени со административна работа, што ги спречува да се фокусираат на превентивната работа на терен - работа која е клуч за вистинска поддршка на децата и нивните семејства. Тоа значи дека премногу деца се изоставаат, соочувајќи се со зголемен ризик по нивниот развој и општа благосостојба.
Стигмата и ниската свест спречуваат целосна употреба на социјалните услуги
Исто така, општеството ги стигматизира луѓето кои бараат помош од центрите за социјална работа - срамно е соседите да дознаат дека лицето бара помош. Ова, во комбинација со ниската родителска свест за улогата и потенцијалната помош и поддршка што може да се добие преку центрите за социјална работа, придонесува кон тоа семејствата кои би можеле да користат помош да не се обратат за поддршка во центрите и кај социјалните работници.
Сите овие фактори ги ставаат децата во поголем ризик од сиромаштија, исклучување, дискриминација, насилство, злоупотреба и запоставување... За УНИЦЕФ, тоа едноставно не е фер.
Решение
УНИЦЕФ работи со Владата на креирање поефикасен систем за социјална помош и грижа, фокусирајќи се врз развивање на капацитетите во центрите за социјална работа и лицата кои работат во нив, помагајќи им да ги балансираат често тешките задачи и работниот товар. УНИЦЕФ ја поддржа изработката на основна наставна програма за иницијално образование која сега е потребна за процесот на лиценцирање на стручните лица во социјалната работа.
Ние работиме на воведување на интегрирано водење предмети со кое потенцијално ќе се подобри вкупната социјална поддршка и ќе се зголеми ефикасноста на ресурсите што се користат за холистички одговор на потребите на оние кои имаат потреба од социјална помош. Ова ќе ги поттикне мутлидисциплинарните тимови да соработуваат на локално ниво, за да им помогнат на поединечните деца и семејства.
Врз основа на најновите достигнувања во науката за однесувањето, работиме на модели за поголема мотивираност и ефикасност на социјалните работници, и за намалување на административниот товар што ги спречува повеќе да им помагаат на децата и семејствата.