HealthBuddy+: нов партнер во борбата против дезинформациите за КОВИД-19

24 Март 2021
HealthBuddy+
UNICEF/2021

Скопје, 24 март 2021 година: УНИЦЕФ и СЗО, во соработка со Министерството за здравство и со поддршка од УСАИД, денес ја претставија новата мобилна апликација  HealthBuddy+ која дава пристап до најнови и проверени информации за КОВИД-19.

“Еден од најголемите предизвици во справувањето со здравствената криза со КОВИД-19 се дезинформациите. Затоа очекуваме оваа корисна алатка што овозможува пристап до точни и проверени факти не само да им помогне на корисниците да бидат информирани за КОВИД-19, туку и да влијае на подобро лично и колективно справување со дезинформациите и митовите за вирусот и за КОВИД-19 вакцините,“ рече др. Венко Филипче, министер за здравство.

Апликацијата ја подготвија  СЗО/Европа и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија со цел  да им помогнат на земјите во регионот да пристапуваат до факти за КОВИД-19 и да им овозможи на заедниците да преземат активна улога така што ќе пријавуваат гласини и дезинформации. Достапна е за земјите од регионот на Европа и Централна Азија на локалните јазици.

„За да можеме да се бориме против пандемијата и инфодемијата, треба да изградиме доверба. Дезинформациите имаат вистински последици затоа што влијаат врз однесувањето на луѓето, а децата и младите се особено ранливи. Дезинформациите ги искористуваат слабостите во општеството, ја поткопуваат довербата во науката и медицината и може да резултираат со изгубени животи,“ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Мора да ги здружиме силите за да се бориме против нив и да промовираме научни препораки за јавно здравје.“

Во изминатата година, дезинформациите за КОВИД-19 го попречуваа одговорот на пандемијата. Најновите податоци на УНИЦЕФ покажуваат дека децата и младите се особено ранливи, при што до три четвртини од младите во светот не се сигурни дека можат да потврдат дали се вистинити  информациите дадени на интернет. 

„Одговорот на јавно-здравствените власти на пандемијата се подрива  со лавина дезинформации на интернет и на социјалните мрежи. Заедно со УНИЦЕФ, СЗО сака четботот HealthBuddy+ да го направи сигурен извор на информации и совети во врска со КОВИД-19. Нема причина луѓето да не добиваат точни информации. Ги охрабруваме здравствените работници и јавноста да ја користат оваа иновативна алатка што обезбедува точни, навремени и прилагодени пораки за КОВИД-19, врз основа на докази коишто ги собираме секојдневно“, рече д-р Џихан Тавила, претставничка на СЗО.

“ Употребата на дезинформации како алатка за дестабилизација на владите и демократските процеси низ целиот свет е навистина алармантна. Ширењето на непроверени и погрешни информации за КОВИД-19 предизвикува исклучително сериозни последици придонесувајќи на глобално ниво да се зголеми бројот на смртни случаи од вирусот и да се зголеми скептицизмот кон вакцините. Пандемијата ја нагласи сериозната потреба од постоење сигурни и доверливи канали на информации засновани на факти во земјава, во регионот и низ целиот свет,“ рече амбасадорот на САД во Република Северна Македонија, Н.Е. Кејт Мари Брнз.

На настанот, Симон ван Воерден, службеник за комуникација при кризни состојби од  Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и Серџиу Томса, специјалист за однесување и социјални промени од Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ, ги искажаа своите мислења за оваа иницијатива, уникатните предности на HealthBuddy+ и поддршката за користење на апликацијата во земјата. Тие им се придружија на Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии и Билјана Петковска, директорка на Македонскиот институт за медиуми, во панел-дискусијата на тема „Дезинформациите и пандемијата на КОВИД-19“ и се осврнаа на клучните прашања за опасноста од дезинформации во контекст на КОВИД -19, важноста дезинформациите да се следат и да се разберат за подготвување информирани стратегии за комуникација при ризик, и улогата на медиумската писменост.

Апликацијата HealthBuddy+ има неколку функционалности за најдобро корисничко искуство и можност корисниците да ги најдат одговорите што ги бараат. Преку четботот, корисниците добиваат одговори на прашањата за КОВИД-19; преку анкетите разменуваат мислења за битните аспекти од одговорот на КОВИД-19, а преку алатката за пријавување гласини, тие може да пријавуваат гласини. Тим од експерти ги проверува фактите поврзани со пријавените гласини и ја ажурира апликацијата со нови важни информации.

Освен што апликацијата постојано се ажурира со најнови научни наоди, податоците и аналитиките добиени со HealthBuddy+ може понатаму да се користат за информирање на националните здравствени власти и за поддржување на стратегијата за комуникација при ризик.

 

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.