УНИЦЕФ ја претстави алатката U-Report - нова платформа за млади што им овозможува да го споделат своето мислење за прашања што им се важни
U-Report е глобална платформа на УНИЦЕФ која ги охрабрува младите да продолжат да бидат гласни за важни прашања и да креираат позитивни промени во своите заедници
Скопје, 15 јули 2021: На настан во Градски парк Скопје, УНИЦЕФ заедно со млади, носители на одлуки, претставници од меѓународната заедница и експерти, ја претстави алатката U-Report - платформа за поддршка на младинско учество што им овозможува на младите да ги споделат своите мислења за прашања што им се важни и да креираат позитивни промени во своите заедници.
U-Report е активна во 85 земји ширум светот, со повеќе од 15.000.000 U-репортери кои преку алатката имаат можност да учествуваат во важни процеси на носење одлуки, креирање политики и стратегии кои ги засегаат младите и нивната иднина. Младите од нашата земја сега имаат можност да станат дел од глобалната заедница U-репортери со регистрирање на чатботот U-Report MK на Вибер.
За време на настанот, министерката за образование и наука, Мила Царовска, заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, заменик претставникот на Делегацијата на Европската унија, Џулијан Васало, претставници на меѓународната заедница и експерти им се придружија на младите во три дискусии на теми поврзани со образование, животна средина и ментално здравје. Младите имаа можност да дознаат повеќе за U-Report и како да се регистрираат, да го пополнат прашалникот на чатботот, но и да го споделат своето мислење на интерактивните инсталации поставени во секое тематско ќоше.
„Ги слушаме младите, затоа преку реформите ги поттикнуваме на критичко размислување и на јакнење на нивната гласност и самодоверба. Фокусирани сме на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите. Со ова од најрана возраст ќе учат да се борат за своите права и ставови а со тоа заеднички ќе придонесеме за создавање и градење на подобро општество за сите нас.“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Темите за дискусиите беа избрани врз основа на мислењата што младите ги споделија како дел од иницијативата „Преосмисли ја иднината“ што ја спроведуваат УНИЦЕФ и Канцеларијата на претседателот Пендаровски. Преку онлајн прашалник и серија тематски работилници, младите ги идентификуваа образованието, животната средина и менталното здравје како теми кои им се најважни и за кои сакаат да видат промени во земјата. U-Report ќе служи како платформа да го претставува гласот на младите и да продолжи да ги вклучува во разговори на овие и други теми што влијаат на нивната иднина.
„Треба да ги обезбедиме вистинските платформи и механизми за да осигураме младинско учество на повисоко ниво што ќе им овозможи на младите активно да бидат вклучени во процесите на носење одлуки. Младите имаат глас, а платформи како U-Report служат да дадат фокус на нивните мислења и да им помогнат да продолжат да бидат гласни за прашања кои ги засегаат. Оваа алатка ќе има влијание само доколку младите се регистрирааат и ја користат за да ги искажат своите мислења, а носителите на одлуки слушаат.“ – рече Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ.
Целта на U-Report е да овозможи размена на информации и собирање на податоци во реално време. Податоците им помагаат на носителите на одлуки во процесите на креирање стратегии, политики и услуги базирани на реални потреби, како и следење на напредокот во остварување на стратешките развојни цели и остварувањето на детските права.
Ги покануваме сите млади да станат U-репортери и да продолжат да бидат гласни. Вашето мислење е важно!
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.