УНИЦЕФ на сите ученици, наставници и училиштен кадар им посакува безбедна и успешна училишна година

Изјава на Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ повикувајќи на заложбa од целото општество за безбедни и отворени училишта

01 Септември 2021

СКОПЈЕ 1 Септември 2021 „Првиот училиштен ден е возбудлив ден за учениците. Возбудата се должи на отпочнувањето нова фаза во нивните животи, фаза во која откриваат нови знаења и вештини, но и сопствените бескрајни можности.

Оваа година, првиот училиштен ден за децата и младите во Северна Македонија е веројатно најважен бидејќи за повеќето од нив тоа ќе биде можност за првпат да седнат во школските клупи со своите врсници и лице в лице со наставниците после 54 седмици поминати учејќи пред дигиталните екрани. Тоа е многу подолг период од просекот на другите земји во Европа и Централна Азија којшто изнесува 25 седмици.

Училиштето не е само зграда. Тоа е место за учење, место во кое децата стекнуваат независност, се прилагодуваат на нова рутина и развиваат значајни релации со наставниците и учениците.

Токму затоа повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство е клучен чекор напред кон обезбедување дека секое дете има пристап до квалитетно образование коешто ќе му помогне да ги изгради и унапреди вештините коишто ќе му бидат потребни во животот.

Наставата со физичко присуство им овозможува на наставниците да им помогнат на учениците кога тие имаат тешкотии во учењето, кога имаат потреба од емоционална поддршка, или кога се соочуваат со други грижи и препреки коишто негативно влијаат на добросостојбата на децата.

Разбирливо е дека за време на пандемија може да биде потребно да се префрлиме на други модели на настава, и оваа земја докажа дека е способна да го направи тоа брзо и успешно.

Поради неизвесноста што постоеше на самиот почеток на пандемијата, префрлањето кон онлајн настава беше неопходна мерка, меѓутоа, онлајн наставата не може да биде долгорочно решение и замена за наставата со физичко присуство. 

Улогата што ја имаа наставниците во тоа време беше одраз на голем ентузијазам, истрајност, креативност, како и на квалитетот и професионалноста што ги поседуваат наставниците во оваа земја.

Затоа, сите ние треба да им искажеме благодарност на наставниците за нивната важна улога во градењето истрајност кај учениците и обликувањето на иднината на образованието. Треба да им се заблагодариме и за нивната вложеност да ги подобрат резултатите од учењето кај учениците.

Наставниците и училишниот кадар, исто така се предводници и пример во заедницата за тоа како училиштата да бидат безбедни за да останат отворени.

Тие служат за пример и кога станува збор за вакцинацијата против КОВИД19 имајќи предвид дека  7 од 10 наставници се вакцинирани пред почетокот на училишната година. 

Следењето на мерките за заштита и протоколите, носењето маска, одржувањето хигиена на рацете, одржувањето физичка дистанца и вакцинацијата, се нешта што сите ние можеме да ги правиме за да се намали пренесувањето на вирусот во заедницата, а училиштата да останат безбедни и отворени.

На првиот ден на училиште, сакам да им посакам на сите ученици, наставници и училиштен кадар безбедна и успешна училишна година.  

Децата и младите не можат да ризикуваат уште една година со прекини во наставата. Сега им е потребна нашата поддршка повеќе од било кога претходно. 

Мораме да примениме единствен пристап во целото општество за училиштата да останат безбедни и отворени. Затворањето на училиштата за настава со физичко присуство треба да се земе предвид само тогаш кога не постојат други алтернативи. Училиштата треба последни да се затворат и први да се отворат кога е безбедно да се направи тоа.”

 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.