УНИЦЕФ донира респиратори за здравствените установи

И повикува на континуирани инвестиции за да се зајакне здравствениот систем, со што земјата ќе ја зголеми својата отпорност кон криза во јавното здравство

29 Мај 2020
Boxes with ventilators donated by UNICEF
UNICEFMK

Скопје, 29 мај 2020 година - УНИЦЕФ ги испорача првите седум од десет респиратори кои се донираат на здравствените установи во Северна Македонија. Првата серија респиратори ќе биде доставена до одделенијата за интензивна нега кои лекуваат пациенти со КОВИД-19 низ целата земја.

 „Сакам да се заблагодарам на Канцеларијата на УНИЦЕФ за оваа навистина значајна донација за нашиот здравствен систем. Донираат седум респираторни машини, кои може да се користат за вентилација на возрасни и на деца. Нашата соработка со УНИЦЕФ е на многу полиња. Пред се, на полето на здравјето на децата. Со претставничката на УНИЦЕФ многу пати сме разговарале досега за унапредување на здравјето на децата, нивна заштита. Но, оваа ситуација со КОВИД-19 ги смени сите околности, ги смени приоритетите во сите здравствени системи во светот, па така и во нашата земја. Во таа смисла, оваа поддршка е многу значајна. Ова се машини кои се навистина модерни и врвот во технологијата. Ги даваат сите можности за вентилација. Искрено се надевам дека нема да се користат, но значајно го зајакнуваат нашиот здравствен систем. Ќе бидат распределени во одделенијата за интензивна нега, каде се лекуваат овие пациенти. Во таа смисла, претставуваат едно надградување во квалитет на здравствена услуга која ќе ја добијат пациентите на која им е потребно тоа“, изјави министерот Филипче.

Донацијата на респиратори е во вредност од над 215.000 американски долари и е од најновата генерација - Евита Инфинити V500, набавени од германскиот производител Дрегер. Тие служат како за инвазивна, така и за неинвазивна терапија, а може да се користат за лекување и на деца и на возрасни. Едноставно кажано, тие го преземаат процесот на дишење на организмот кога болеста ќе предизвика откажување на белите дробови, давајќи му време на пациентот да се избори со инфекцијата и да закрепне.

„Сега, повеќе од кога и да е, гледаме колку е важно здравствениот систем да биде цврст. Пред сѐ, за да се спасат животи, но и за да се спречи здравствената криза да прерасне во поширока социо-економска криза што во голема мера ќе ги засегне децата и семејствата. На глобално ниво, гледаме дека епидемијата одзема животи и егзистенција, додека здравствените системи се борат, а преземените мерки за спречување на ширењето на вирусот ги затворија училиштата и создадоа предизвици за семејствата“, рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Додека ги јакнеме другите системи да бидат поотпорни на кризата, мора континуирано да вложуваме и во зајакнување на здравствениот систем за да спречиме здравствената криза да стане криза на детските права. Само преку соработка можеме да обезбедиме секое дете да биде здраво, безбедно и да учи, без оглед на предизвиците со кои се соочуваат земјите.“

Како дел од одговорот на пандемијата со КОВИД-19, УНИЦЕФ ја поддржува Владата во напорите да ги намали ефектите од кризата врз децата и семејствата. Покрај поддршката за јакнење на здравствениот систем како дел од редовната соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ обезбедува и дополнителни резерви на опрема за лична заштита и комплети за тестирање од н-КоВ-2; поддршка за воспоставување теле-здравствени советувалишта на патронажните сестри и телефонска линија за помош на бремените жени и мајките со новороденчиња; дистрибуција на хигиенски пакети за најранливите заедници; поддршка за изработка на материјали за комуникација во време на криза и активности за вклучување на заедницата; психо-социјална поддршка за децата и семејствата; работа на подобрување на имунизацијата, како и во други области.

УНИЦЕФ има над седумдесет години искуство во реагирање на кризни состојби и обезбедување помош кога е најпотребна, со глобална мрежа од над 1.000 медицински добавувачи, најголем хуманитарен магацин во светот, цврсти глобални и локални партнерства и поддржувачи. 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.