Треба на брз и едноставен начин да ги отстраниме бариерите за купување, производство и дистрибуција на вакцини против КОВИД-19 во светот

Изјава на извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор

06 Април 2021

ЊУЈОРК, 6 АПРИЛ 2021 година – „За нешто повеќе од една година, светските научници, компании, влади, филантропи и мултилатерални институции ги здружија силите и го направија незамисливото: создадоа вакцини за борба против вирусот што го запре светот. Ги тестираа, ги транспортираа и започнаа да ги даваат вакцините безбедно и во рекордно време. Ова е за восхит.

„Но, борбата сè уште не е завршена. Варијанти на вирусот се појавуваат низ целиот свет, а со секоја од нив, и ризикот од масовно глобално назадување.

„Со сегашната брзина, едноставно нема доволна понуда на вакцини за да се задоволи побарувачката. А понудата што е на располагање е концентрирана во рацете на премалку земји. Некои земји договорија доволно дози за да го вакцинираат населението неколкупати, додека други треба допрва да ја добијат дури и првата доза. Ова ни се заканува на сите. Вирусот и неговите мутации ќе победат.

„За да го претркаме вирусот и за да забрзаме , мора да следиме стратегија за вакцинирање на работниците од првите редови, но да се стремиме кон стратегија што навистина овозможува правичен пристап за сите. Апелираме до владите, претпријатијата и партнерите да преземат три итни активности:

„Прво, да ги поедностават правата на интелектуална сопственост  преку доброволно и проактивно лиценцирање од страна на носителите на правата на интелектуална сопственост . Но, само ова не е доволно за да се зголеми производството. За разлика од производството на лекови, производството на вакцини претставува сложен производствен процес со повеќе компоненти и чекори. Носителите на правата на интелектуална сопственост  ќе треба да обезбедат технолошки партнерства што одат заедно со лиценците за интелектуална сопственост, проактивно споделување на знаењата и поддоговори со производителите без непотребни географски ограничувања или ограничувања на обемот. Ваквиот предизвик не налага присилно откажување од интелектуалната сопственост, туку проактивно партнерство и соработка. Скорешните производствени партнерства како што се Фајзер-БиоНтек; АстраЗенека-Серумски Институт Индија, Џонсон и Џонсон-Мерк и Џонсон и Џонсон-Аспен се охрабрувачки примери. УНИЦЕФ ги повикува другите да го следат примерот, да ги зголемат обемот и географската разновидност на производствениот капацитет.

„Иако пазарите сами по себе не можат да гарантираат придобивки од иновациите, доброволното лиценцирање, здружените средства и мултилатералните механизми како што е КОВАКС се ефективен и реален начин на соработка и иновации меѓу развивачите и производителите, како и за поттикнување рамноправен пристап.

„Второ, треба да ставиме крај на национализмот во однос на вакцините. Владите треба да ги отстранат директните и индиректните мерки за контрола на извозот и увозот со кои се блокира, се ограничува или се забавува извозот на вакцини, состојки и материјали за КОВИД-19. Вирусите не почитуваат граници. Да се ​​победи КОВИД-19 во секоја од нашите матични земји, значи тој да се победи во целиот свет така што ќе се обезбеди постојан проток на вакцини и материјали за сите.

„Конечно, владите што се договорија да добијат повеќе „идни дози“ отколку што е потребно за вакцинирање на целото нивно возрасно население оваа година, треба на КОВАКС веднаш да му позајмат, пуштат или да му донираат поголем дел или сите од своите вишок договорени дози за 2021 година, за тие рамномерно да се распределеат меѓу другите земји.  

„Освен тоа, земјите со доволна моментална снабденост на произведени дози треба да размислат веднаш да донираат барем 5% од своите достапни произведени дози и да се заложат за натамошен континуиран и тековен придонес низ целата година, зголемувајќи го придонесот во согласност со растечката снабденост. Така, потврдувањето на ваквите заложби за споделување на дозите ќе ја подобри предвидливоста, ќе го забрза правичниот пристап и ќе помогне да се стабилизира глобалниот пазар на вакцини.

„Со пандемијата на КОВИД-19 на сите ни стана јасно дека никој не е безбеден сѐ додека сите не се безбедни. Но, обезбедувањето правичен пристап до вакцините против КОВИД-19 е во наша моќ. Докажавме дека светот може да се здружи за да го направи незамисливото и треба тоа пак да го направиме. Колку поскоро, толку побрзо нашиот живот и животот на нашите деца ќе се вратат во нормала.“

За повеќе информации, контактирајте со:

Куртис Купер, УНИЦЕФ Њујорк, +1 917 476 1435, kacooper@unicef.org

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.