Став на претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс - За секое дете ЖИВОТ

25 Јули 2018
Мало дете седи на кревет за преглед во амбуланта
UNICEF/2017/Georgiev

СКОПЈЕ, 20 февруари 2018 година - Можеби најголемата одговорност на секое општество е одговорноста кон своите деца. Сега во светот има многу едноставен начин да се измери она што секоја земја го прави за своите најмлади граѓани. Тоа е стапката на смртност кај новороденчињата - број на деца од  илјада новородени кои ќе починат во првите 28 дена од животот.

Стапката на смртност кај новороденчињата лесно може да се измери и да се спореди со другите земји. Таа е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјите.

Нашата земја има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа. И додека таа е во опаѓање во другите земји од Западен Балкан - овде отскоро е зголемена. Тоа не мора да биде така. На овие бебиња можеме да им дадеме повеќе од еден ден, повеќе од еден месец - повеќе од опстанок. Можеме да ги спасиме повеќето од нив преку финансиски прифатливи, квалитетни решенија на здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче. 

Денеска во Њујорк и во целиот свет, УНИЦЕФ ја започнува кампањата „За секое дете, ЖИВОТ“, свесен напор што произлегува од заложбата на владите смртноста на новороденчињата да стане минато. Во неа владите, здравствените институции, донаторите, приватниот сектор, семејствата и фирмите се повикуваат да го одржат секое дете во живот, насекаде.  

Во нашиов контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја - особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации.

Во земјава има одлични здравствени работници – но, лекарите и медицинските сестри се добри само колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат.

Во изминативе неколку години, акцентот беше врз реновирање и опремување, но како и со училиштата или полицијата - она што навистина е важно е човечкиот капитал и системите кои му помагаат да се развива и да им служи на граѓаните најдобро што може нудејќи им грижа што ја заслужуваат. Потребен ни е систем во кој квалитетот и темелноста ќе се наградуваат, а негрижата ќе се повикува на одговорност.

Конечно, треба да се осврнеме и на другите критични фактори кои водат до компликации во текот на бременоста. Во земјава, скоро секоја четврта жена пуши за време на бременоста. Ова го зголемува ризикот од повеќе негативни здравствени исходи поврзани со бременоста, вклучувајќи и ниска родилна тежина, неонатална смртност, мртвороденче и предвремено породување. Идните мајки треба да бидат подобро информирани за знаците и симптомите на опасност и за ризиците при трудовите и породувањето. А најдобар начин ова да се направи е преку јакнење на мајките и семејствата да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита.

Ја поздравуваме неодамнешната определба на Министерството за здравство да изработи Акционен план за секое новороденче, со цел да се решат овие недостатоци. Заедно со нашите сестрински агенции Светската здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на ОН (УНФПА), УНИЦЕФ ќе ги поддржи владата и народот во исполнување на вроденото право на секое дете на живот. На крајот на краиштата, ова е важно за сите нас, бидејќи придобивките од соодветната грижа во првата фаза од животот се трајни и претставуваат главна детерминанта за благосостојбата во животниот циклус на детето и за долгорочниот економски развој на земјата.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.