Средношколци креираа иновативни решенија за производство и заштеда на енергија во своите средни училишта

27 Декември 2022
The teams of young innovators stand holding a check of 120,000 Macedonian denars seed funding to realize their UPSHIFT innovation
UNICEF/NorthMacedonia/2022

Скопје, 21 декември 2022: Учениците од средните училишта  се способни и спремни да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици, беше заклучокот од Bootcamp-от на UPSHIFT програмата.

Во рамките на програмата, од 19 до 21 декември во Струга се одржа тридневен настан-UPSHIFT Bootcamp  за развој и поддршка на социјални иновации поврзани со ЕНЕРГИЈАТА каде  10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата. 

Средношколски тимови од Кочани, Кичево, Битола, Кавадарци и Радовиш составени од по 5 ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со производство и заштеда на енергија. Користење на застарени системи за загревање кои работат на фосилни горива, загадувањето на животната средина, високи сметки за струја, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија.  

Пет тима беа прогласени за победници од страна на стручно жири врз основа на презентациите и потенцијалот на решението.

  • СОУ „.Љупчо Сантов“ - Кочани ќе изградат 12 топлински цевки за загревање на воздухот кои трошат 59% помалку електрична енергија. Овие топлински цевки ќе се користат за целосно загревање на 6 училници во училиштето.
  • СОУ „Мирко Милески“ – Кичево ќе направат и постават плочки во училишниот ходник кои преку магнетна индукција ќе произведуваат електрична енергија од чекори. Преку тоа ќе направат заштеда на струја од 1800kw годишно или 48000 денари.
  • Државното музичко училиште – Битола ќе постави батерии за чување на електрична енергија која ќе се добива од електрични велосипеди и ленти за трчање поставени во училишната теретана. Со тоа ќе направи месечна заштеда од 30% од сметките за струја.
  • СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ – Кавадарци ќе конструираат топлински акумулатор од песок за складирање на енергија произведена од вишокот од фотоволтаичните панели на училиштето. Овие акумулатори ќе се користат за целосно загревање на училишната работилница со што ќе направи заштеда од 120000 денари на годишно ниво.
  • СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш ќе постават 3 велосипеди со вграден генератор за произведување електрична енергија. Електричната енергија ќе се користи за загревање на училишната сала со што ќе се направи заштеда од 15000 денари на годишно ниво.

Победницитe добија по 120.000 денари  и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.

Bootcamp-от го отворија претставници од УНИЦЕФ, и Фондот за Иновации и Технолошки Развој и Амбасадата на Шведска во Северна Македонија со чија поддршка се спроведува програмата.

„Во време на енергетска криза, децата и младите ја плаќаат најголемата цена бидејќи се една од најпогодените групи. Тие ќе го понесат и најголемиот товар во иднина, доколку оваа вонредна состојба не се реши навремено и на вистински начин. Тоа исто така подразбира да се стави акцент на поддршка на највулнерабилните групи“ рече Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ. „Импресиониран сум од нивото на ангажираност и иновативното размислување на децата и младите кои се приклучија на овој циклус на UPSHIFT со фокус на енергијата. Нивните креативни решенија за заштеда на енергија и за употреба на алтернативни извори на енергија даваат поинаков тон и можат да ги инспирираат другите деца и училишта да применат слични иницијативи. Ние мораме и понатаму да даваме можност на младите да го искажат својот креативен потенцијал, да станат предводници на иницијативи за одржлива енергија и да придонесат кон заштита на животната средина и социјалната благосостојба“.

„Електричната енергија е од суштинско значење за нашиот живот. Нејзиното нерационално користење ќе ги уништи природните богатства на една земја. Имајќи го во предвид овој факт но и предизвикот со кој е соочен целиот свет, а тоа е енергетската криза, сите земји се насочени кон пронаоѓање на алтернативни начини на користење на електрична енергија. Навистина ми е драго што учениците преку овој натпрвар се поттикнаа да размислуваат во насока на изнаоѓање на алтернативни извори на енергија но и поголеми заштеди со што ќе се влијае кон националната економија. На сите тимови кои учествуваа им честитам на храброста и креативноста која ја демонстрираа на овој натпревар, а на победничките тимови им посакувам многу успех во реализација на нивните проекти и со нетрпение ги очекувам резултатите од спроведените решенија”, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.“

„Шведска е горда што ја поддржува оваа иницијатива за поттикнување иновативни решенија за енергетскиот и производствениот предизвик со кој се соочува Северна Македонија, како и сите земји во светот“, изјави Микаел Атерхог, раководител на одделението за соработка и развој во Амбасадата на Шведска во Северна Македонија.

„Сите средни училишта се 100% зависни од фосилни горива за загревање кои не се ефективни и кои загадуваат. Со самото тоа училиштата беа многу ранливи во услови на растечките цени на енергенсите. Земајќи го ова во предвид нашите средношколци изработија иновативни  решенија кои ќе придонесат за производство на енергија од одржливи извори и ќе направат значителни заштеди.“. изјави Иван Јованов, извршен директор на Здружение ЛЕАД, имплементатор на програмата. 

UPSHIFT  е програма наменета за ученици (14-19год.) од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик/проблем во нивната заедница.

Програмата ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и  Фондот за иновации и технолошки развој.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.