Сите училишта во Европа и Централна Азија треба да останат отворени и да бидат побезбедни од КОВИД-19, велат СЗО и УНИЦЕФ

30 Август 2021

КОПЕНХАГЕН И ЖЕНЕВА, 30 август – Додека милиони школски деца се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Ваквите мерки опфаќаат понуда на вакцина против КОВИД-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации. Освен тоа, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби коишто значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на КОВИД-19; унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање и редовно тестирање на децата и вработените итн.

„Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството“, објаснува д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

„Ќе помине извесно време пред да ја оставиме пандемијата зад нас, но образованието на децата со безбедно физичко присуство во училиште мора да остане наша примарна цел, па затоа, не смееме да ги лишиме од можностите што ги заслужуваат. Ги охрабруваме сите земји да ги држат училиштата отворени и ги повикуваме сите училишта да воведат мерки за минимизирање на ризикот од КОВИД-19 и ширење на различни варијанти“.

Проширување на вакцинацијата за заштита од варијантата Делта

Високо преносливата варијанта САРС-КоВ-2 Делта придонесе за дополнителна загриженост и компликации за отворањето на училиштата оваа година. Високата инциденца на КОВИД-19 во заедницата го чини пренесувањето во училиштата многу поверојатно. Затоа, сите мора да се заложиме за помало ширење на вирусот.

Податоците јасно покажуваат дека примањето целосна серија вакцини против КОВИД-19 значително го намалува ризикот од тешко заболување и смрт. Затоа, кога ќе ве повикаат да ја примите вакцината, направете го тоа и погрижете се да ги примите сите дози.

„Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето подеднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите. Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавно здравствените и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат, каде спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге.

Безбедноста на училиштата е одговорност на целото општество

Филип Кори, заменикот-регионален директор од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, вели: „Пандемијата не е завршена. Сите треба да одиграме улога училиштата низ регионот да останат отворени. Децата и младите не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава.

„Децата беа тивки жртви на пандемијата, а најмаргинализираните беа меѓу најтешко погодените. Пред КОВИД-19, најранливите деца во регионот веќе беа надвор од училиште, или беа на училиште, но не учеа на исто ниво како своите соученици.

„Училиштето е многу повеќе од зграда. Тоа е место на учење, безбедност и игра во срцето на нашите заедници. Кога училиштата се затворени, децата пропуштаат настава, не се со своите пријатели и за тие кои живееат во нефункционални семејства може да бидат изложени на насилство во домот. Пандемијата ја влоши и онака неприфатливата ситуација – мора да се погрижиме училиштата да се отворат и да останат безбедно отворени“.

Експертски препораки

За училиштата да се одржат отворени и безбедни, СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на КОВИД-19,  за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО, тие се:

  1. Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат.
  2. Воспоставете стратегија за тестирање.
  3. Обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот.
  4. Заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата.
  5. Заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца.
  6. Подобрете ја училишната средина.
  7. Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки.
  8. Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште.

 

Белешки за уредникот

Техничката советодавна група на Европскиот регион на СЗО (ТАГ) е независна група експерти формирана од регионалниот директор на СЗО за Европа.

 

За повеќе информации, ве молиме контактирајте со:

 

СЗО/Европа

Сара Тајлер, eupress@who.int

Ијан Вулвертон, eupress@who.int

Бхану Батанагар, bbhatnagar@who.int

 

УНИЦЕФ

Шима Ислам, ssislam@unicef.org

 

За нас

Светската здравствена организација (СЗО) е орган одговорен за јавно здравје во системот на Обединетите нации. Регионалната канцеларија на СЗО за Европа (СЗО/Европа) е една од шесте регионални канцеларии на СЗО во светот. Ние му служиме на Европскиот регион на СЗО, кој се состои од 53 земји, опфаќајќи огромен географски регион од Атлантскиот до Тихиот Океан. Персоналот на СЗО/Европа вклучува јавно-здравствени, научни и технички експерти, со седиште во главната канцеларија во Копенхаген, Данска, во 3 технички центри и во канцелариите за земјите во 30 земји-членки.

Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија работи со, и за, обесправените деца и адолесценти во 21 земја и територија низ Европа и Централна Азија. Нашата амбиција е целиот регион да работи заедно – како едно – во име на најранливите, децата. Ние спроведуваме програми и се застапуваме за борба против детската сиромаштија, за детска заштита, образование, здравство, имунизација и за децата со попреченост. 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.