Седум земји се сретнаа во Скопје за да разговараат за унапредување на состојбата на децата во Западен Балкан и Турција

23 Октомври 2018
UNICEF Representative speaking at the opening of the conference. Sitting on the table next to him is the Minister for labour and social policy, Mila Carovska
UNICEF/2018/Georgiev

Скопје, 19 септември 2018 година – Во наредните два дена, претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Турција и Косово* (UNSCR 1244)[1]   им се придружија на колегите во Скопје на регионална средба за да направат преглед на напредокот на активностите кои се финансирани од Европската унија и се спроведуваат со поддршка од УНИЦЕФ за заштита на децата од насилство и за унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост. 

"Насилството врз децата е една од најболните точки во секое општество и е предизвик со кој мора да се справи и нашата држава. Оваа средба доаѓа во време кога започнуваме многу важни реформи во социјалниот сектор и поддршката на Европската Унија и УНИЦЕФ ни се важни за унапредување на оваа агенда. Особено ми е драго што како дел од овој регионален проект, Македонија ќе биде прва земја во регионот која воведува индикатори за препознавање на деца-жртви на насилство ", рече Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Во напорите за борба против насилството врз децата и за унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост, УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија заедно со Европската комисија  соработуваа на тригодишна програма со наслов „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија за децата со попреченост на Западен Балкан и во Турција“.

„Правата на децата и правата на лицата со попреченост се вродени права и за нив не може да се преговара. Во нашата работа сите ние имаме обврска да ги заштитиме тие основни права. Европската унија и агендата за проширување се базираат на основните права, заштитата на децата од насилство и злоупотреба, како и борба против дискриминација, нееднаквост и отфрлање на децата, “ рече Џеновева Руиз Калавера, директор за Западен Балкан, Европска комисија, Генерален директорат за соседска политика и преговори за проширување.  

Насилството врз децата не е само прашање на човековите права, туку и прашање на социјалниот, економски и демократски развој,“ рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. "Многу од земјите во Европската унија сега го увидуваат она што науката ни го кажува со години, а тоа е дека децата кои растат со високо ниво на насилство имаат многу поголема веројатност да не успеат во животот, да имаат проблеми со здравјето, да бидат регрутирани од екстремни групи, и да бидат изложени на експлоатација во текот на нивниот живот. Земјите што имаат пониско ниво на насилство систематски се обидуваат да го намалат насилството преку промовирање на позитивно родителство, преку воспоставување  законска рамка и иновативни услуги.“

Во изминативе три години, седумте земји работат на јакнење на граѓанскиот сектор за подобро следење на реализацијата на детските права; промовирање на сеопфатни и иновативни услуги и зголемување на јавната поддршка за заштита на децата од насилство и за социјална инклузија на децата со попреченост. 

Клучните остварувања на програмата се:

1. Повеќето земји-учеснички направија прогресивен чекор кон заштита на сите деца од различни форми на насилство преку зајакнување на правните рамки и воведување практични механизми за спроведување на овие закони со помош на национални планови за акција и координација на национално ниво. 

2. За првпат, сега се собрани вредни информации за состојбата на децата со попреченост во овој регион преку Анализа на состојбата изведена во тесна соработка со организациите на лицата со попреченост (ОЛП);

3. Граѓанскиот сектор (вклучувајќи ги и ОЛП), практичарите, родителите и децата имаат подобри сознанија и разбирање за тоа како да се спречи насилството врз децата и да се обезбеди остварување на правата на децата со попреченост;

4. Претходно фрагментираното движење на ОЛП во земјите-учеснички сега е зацврстено за да се залага за правата на децата со попреченост во еден глас;

5. Јавните служби на локално ниво имаат посилни инструменти (протоколи за соработка, мултисекторска соработка) со цел заедно да работат и подобро да одговорат на инцидентите на насилство врз децата; исто така, собирањето на податоци е зацврстено;

6. Граѓанскиот сектор е зајакнат во земјите-учеснички, при што се залага за крај на насилството врз децата и промовира социјална инклузија на децата со попреченост преку формални и неформални мрежи и платформи.

Главни партнери во програмата се: Европскиот форум за попреченост (EDF) - организација на лица со попреченост која се залага за правата на лицата со попреченост во Европа и во земјите-членки, и Меѓународниот детски центар (ICC), кој служи како секретаријат на платформата од над 70 граѓански организации во Турција.

“Во овој проект имаше голема размена на многу идеи, а на овој собир овие два дена ќе се осврнеме на клучните остварувања и ќе ја трасираме иднината и начинот на кој ќе се развиваат нашите идеи во иднина, “рече Патрик Кларк, потпретседател на Европскиот форум за попреченост. 

„Во текот на изминатите три години, оваа порграма ни даде можност да работиме заедно во насока на исти цели и да создадеме позитивни исходи за секој од нас за да ја унапредиме агендата за децата,“ рече Ишил Ердемил, координатор на Програмата за правата на детето, Меѓународен детски центар (ICC), Турција.

За време на средбата, учесниците од седумте земји разговараат за напредокот постигнат во рамките на регионалната акција, споделуваат поуки и иницијативи што имаат потенцијал да станат модели за репликација, ги идентификуваат останатите заеднички предизвици на земјите-учеснички, како и стратегиите за нивно решавање по завршување на активностите. 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.