Северна Македонија се залага за подобрување на пристапот до квалитетно предучилишно образование

09 Април 2019
A photo of a small girl in kindergarten painting with watercolor
UNICEF/2010/Georgiev

Оваа заложба му претходи на новиот глобален извештај на УНИЦЕФ во кој се нагласува дека повеќето влади во светот не инвестираат доволно во предучилишното образование

СКОПЈЕ, 9 април 2019 – Новиот глобален извештај на УНИЦЕФ нагласува дека 176 милиони деца на предучилишна возраст не посетуваат предучилишно образование и повикува владите од целиот свет да ги зголемат инвестициите за да обезбедат најдобар почеток во животот за секое дете. Во Северна Македонија каде скоро 41,000 деца – околу 61 отсто од децата на предучилишна возраст (од 3 до 6 години) – не посетуваат предучилишно образование, Владата се посвети на реформи за подобрување на пристапот и квалитетот на предучилишното образование. 

“Предучилишното образование е образовна основа за децата – секоја фаза во образованието што следи се потпира на успехот од оваа фаза,” рече претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс. “Сепак, многу деца во светот се лишени од оваа можност. Во последните неколку години Северна Македонија постигна напредок во обезбедување подобар пристап на децата до предучилишно образование, но сепак опфатот е и понатаму низок и бара континуирано инвестирање за секое дете да добие најдобар можен поттик за да успее во животот и во глобализираната економија.“

Свет подготвен да учи: давање приоритет на квалитетно образование во раното детство – првиот глобален извештај за предучилишно образование на УНИЦЕФ -  открива дека децата кои посетувале барем една година предучилишно образование имаат поголеми шанси да ги развијат способностите за критичко мислење кои им се потребни за да успеат на училиште, помала веројатност да повторуваат одделенија или да го напуштат образованието, а со тоа кога ќе пораснат имаат поголема способност да придонесат кон просперитетни општества и економии.

“Посветено работиме на секое дете да му обезбедиме услови за подобар раст и развој, а овој темелен процес продолжува и во следниoт период во кој капацитетите на градинките ќе ги прошириме за 7.000 нови места. Буџетот на МТСП наменет за капитални инвестиции за годинава е зголемен за 300% што ја покажува нашата решеност да обезбедиме што подобри услови за раст и развој на децата, но истовремено и да ги зајакнеме професионалните компетенции на воспитувачите,” рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

Глобалниот извештај нагласува дека децата кои посетуваат предучилишно образование имаат двојно поголема веројатност да ги совладаат вештините на почетно читање и сметање во споредба со децата кои ги испуштиле раните фази на образованието. Во земји каде што поголем број деца посетуваат програми за предучилишна возраст, значително поголем број деца завршуваат основно училиште и по завршувањето имаат базични компетенции за читање и математика. И други студии го потврдуваат ова, како што се меѓународните тестови меѓу кои е Програмата за меѓународно оценување на постигањата на учениците  (PISA) која покажува дека децата од нашата земја кои посетувале предучилишно образование имаат подобри резултати од оние коишто не посетувале.

“Нашата цел е опфатот на деца кои одат во градинка во следните 4 години да достигне 50 отсто и со тоа да почнеме да се доближуваме до опфатот во земјите од Европската унија кој изнесува околу 90%. Преку инвестирање во предучилишното образование ние инвестираме во обезбедување на ист старт и подеднакви можности за секое дете,” рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика.

УНИЦЕФ ја поддржува Владата на Северна Македонија да го зголеми опфатот во квалитетно предучилишно образование преку отварање нови Центри за ран детски развој и подобрена поддршка во учењето. Ова опфаќа поддршка за развој на професионалните компетенции на наставниците во предучилишното образование; изготвување национална платформа за поддршка на наставниците и пристап до ресурси за поттик на детскиот развој, како и воведување национална програма за социјален и емотивен развој на децата на предучилишна возраст која ќе помогне децата да се здобијат со цврста емотивна основа и капацитет подобро да се справуваат со секојдневните социјални интеракции подоцна во животот.

Во глобалниот извештај УНИЦЕФ ги повикува владите да го поврзат зголемувањето на опфатот со подобрување на квалитетот на предучилишното образование. За да се оствари тоа, УНИЦЕФ ги повикува владите да обезбедат најмалку 25 отсто од редовниот буџет за предучилишно образование за трошоци кои не се поврзани со плати како што се обука на едукаторите и наставниците, изготвување наставен план, материјали за предавање и учење и мехаизми за обезбедување квалитет на наставата.

###

Белешка за уредниците:

Мулти-медиумска содржина може да симнете овде

Извештајот може да го симнете овде

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.