Светот ги изневерува новороденчињата, вели УНИЦЕФ

Бебињата од земјите каде е најдобро да се биде роден имаат до 50 пати помали шанси да умрат во првиот месец од животот

25 Јули 2018
Фотографија од бебе во заштитничка прегратка од својата мајката
UNICEF/2018/Ilvy Njiokiktjien VII Photo Agency

ЊУЈОРК, 20 февруари 2018 година – Стапката на смртност кај новороденчињата во светот и натаму е алармантно висока, особено меѓу најсиромашните земји во светот, изјави УНИЦЕФ денеска во новиот извештај за смртност кај новороденчињата. Бебињата родени во Јапонија, Исланд и Сингапур имаат најдобри шанси за преживување, а новороденчињата во Пакистан, Централноафриканската Република и Авганистан се соочуваат со најлоши изгледи.

 „Иако бројот на смртни случаи кај децата под петгодишна возраст е повеќе од преполовен во последниве 25 години, не е постигнат сличен напредок во надминувањето на смртните случаи кај децата помали од еден месец“, изјави Хенриета Х. Фор, извршниот директор на УНИЦЕФ. „Со оглед на тоа што поголемиот дел од овие смртни случаи може да се спречат, јасно е дека ги изневеруваме најсиромашните деца во светот.“

 Глобално, во земјите со низок приход, просечната стапка на смртност кај новороденчињата изнесува 27 смртни случаи на 1.000 деца, се вели во извештајот. Во земјите со висок приход, таа стапка е 3 смртни случаи на 1.000. Новороденчињата од најризичните места за породување имаат до 50 пати повеќе шанси да умрат од оние во најбезбедните места.

 Во извештајот, исто така, се забележува дека 8 од 10-те најопасни места да се биде роден се наоѓаат во супсахарска Африка, каде бремените жени добиваат многу помалку помош за време на породувањето поради сиромаштија, конфликти и слаби институции. Ако до 2030 година, секоја земја ја доведе стапката на смртност кај новороденчињата до просекот на земјите со висок приход, може да се спасат 16 милиони животи.

Над 80 отсто од смртните случаи кај новороденчињата се должат на предвремено породување, компликации за време на породувањето или инфекции како што се пневмонија и сепса, се вели во извештајот. Овие смртни случаи може да се спречат со пристап до добро обучени акушерки, заедно со докажани решенија како чиста вода, средства за дезинфекција, доење во првиот час, контакт кожа на кожа и добра исхрана. Меѓутоа, недостатокот на добро обучени здравствени работници и акушерки значи дека илјадници не добиваат поддршка за спасување на животот која им е потребна да преживеат. На пример, додека во Норвешка има 218 лекари, медицински сестри и акушерки кои опслужуваат 10.000 лица, тој сооднос е 1 на 10.000 во Сомалија.

 Овој месец, УНИЦЕФ отпочнува со глобалната кампања За секое дете, ЖИВОТ, преку која се бараат и се носат решенија во име на новороденчињата во светот. Во кампањата, УНИЦЕФ упатува итен апел до владите, здравствените работници, донаторите, приватниот сектор, семејствата и компаниите за секое дете да остане живо преку:

  • Вработување, обучување, задржување и раководење со доволен број лекари, медицински сестри и акушерки, кои се стручни за давање грижа на мајките и новороденчињата;
  • Гарантирање чисти, функционални здравствени установи кои имаат вода, сапун и струја на дофат на секоја мајка и бебе;
  • Давање приоритет на обезбедување животно-спасувачки лекови и опрема за секоја мајка и бебе потребни за здрав почеток во животот; и
  • Јакнење на адолесцентките, мајките и семејствата да бараат и да добијат квалитетна здравствена заштита.

„Секоја година, 2,6 милиони новороденчиња во целиот свет не го преживуваат првиот месец од животот. Еден милион од нив умираат на денот на раѓањето,“ вели г-а Фор. „Знаеме дека можеме да спасиме огромен дел од овие бебиња со финансиски прифатливи решенија на квалитетна здравствена заштита за секоја мајка и секое новороденче. Само неколку мали чекори од сите нас може да помогнат да се обезбедат првите мали чекори на секој од овие млади животи.“ 

######

Преземете фотографии, брол и целосниот извештај тука

За целосното рангирање на сите земји, кликнете овде

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Twitter и Facebook.