Промовирање здрава исхрана и намалување на прекумерна тежина кај децата преку иновации

21 Октомври 2019
Три средношколки и професорка пишуваат на хамер
UNICEF/2019

Скопје, 18 октомври 2019: На работилница за генерирање идеи за здрав и активен живот на децата, наставници и ученици разгледуваа иновантни решенија за промовирање здрава исхрана во училиштата, дома и во заедницата. Работилницата е дел од иницијативата поддржана од  УНИЦЕФ која има за цел да ги открие факторите кои се поврзани со однесувањето на децата кое придонесува кон зголемување на тежината и дебелина.

“Децата и младите најдобро можат да влијаат на концептите поврзани со здравјето. Преку промени на наставната програма во училиштата, помагање на другите деца во нивните лични избори поврзани со исхраната на училиште, дома и во заедницата – нивните идеи во голема мера може да ги обликуваат идните решенија за промовирање на добри навики во исхраната, “ рече Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. 

Освен работилницата, УНИЦЕФ поддржа и мисија во соработка со Behavioural Insights Team од Велика Британија за да добие подобра слика за причините во однесувањето на децата на училишна возраст кои предизвикуваат зголемување на тежината и дебелина, личната мотивација  и околината во која тоа однесување се практикува. 

Мисијата откри дека изборот на храна од страна на децата често е автоматска реакција на физичката средина во која живеат - нездравите грицки и пијалоци се достапни во училиштата, како и во околните продавници, а недостигаат привлечни здрави алтернативи. Социјалните и културните фактори исто така придонесуваат во изборот на храна на децата - родителите се обидуваат да им помогнат на своите деца да одржат добар социјален статус меѓу своите врсници со тоа што ќе им дадат доволно пари за да купат ужина за време на паузите од училиштата, кои честопати се нездрави. Покрај тоа, „традиционалната храна“ често се смета за „здрава храна“ од страна на некои деца без оглед на содржината на калории и хранливиот состав на оваа храна.

Светските истражувања покажуваат дека не е доволно само да се обезбеди информација за здрава исхрана и мала е веројантоста дека ќе предизвика голема промена во однос на тоа што јадат и пијат луѓето. Поголем успех во промени на однесувањето ќе се постигнат доколку освен информација има и регулатива во врска со тоа каква храна се продава во и околу училиштата. Исто така,  потребно е воведување информации на етикетите на производите и справување со погрешното сфаќање за тоа што е нормална тежина.

Работилницата се поклопува со објавувањето на резултатите на глобалниот извештај за состојбата на децата во светот за 2019 Децата, храната и исхраната. Извештајот ги опишува трите вида на лоша ухранетост: потхранетост, скриена глад предизвикана поради недостиг од основни хранливи состојки и преголема тежина кај децата на возраст под пет години. Лошата ухранетост ги погаѓа децата и во сиромашните и во богатите земји. Една третина од децата под пет години во светот страдаат од лоша ухранетост – преслаби, прениски за возраста или предебели – додека две третини се во ризик од лоша ухранетост и скриена глад поради слабиот квалитет на храната што ја јадат.

Белешка за уредникот: Во нашата земја секое трето дете има прекумерна тежина или дебелина – една од највисоките стапки во регионот на СЗО за Европа. Загрижува и фактот дека трендот на прекумерна тежина кај децата на возраст од седум години има тенденција на раст – кај момчињата од 37.9% во 2010 на 39,4% во 2016, а кај девојчињата од 31.5% во 2010 на 32,9% во 2016. Се цени дека во земјата има околу 70,000 деца на училишна возраст со прекумерна тежина. 

За повеќе информации обратете се на: Suzie Pappas Capovska, UNICEF Skopje (02) 3231-244 spappas@unicef.org or Irina Ivanovska, UNICEF Skopje (02) 3231-172  iivanovska@unicef.org  

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.