Претставници на централната и локалната власт се согласија дека има потреба да се оптимизираат ресурсите на основните училишта за поправично и поквалитетно образование за секое дете

Состанокот на високо ниво за основното образование заврши со заклучок дека треба да се подобри распределбата на ресурсите помеѓу основните училишта и дека има потреба од обезбедување доволно финансии за општините

10 Ноември 2022
UNICEF ECA RD Afshan Khan and UNICEF Representative Patrizia DiGiovanni discussion at Government of North Macedonia
UNICEF/North Macedonia/Georgiev/2022

Скопје, 10 ноември 2022 година - Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, г-а Афшан Кан, денес учествуваше на состанокот на високо ниво предводен од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики на добро владеење, г-а Славица Грковска, за да разговараат за напорите за подобрување на ефикасноста, ефективноста и правичноста на буџетските расходи за основното образование.

За време на состанокот на кој присуствуваа министри, претставници од Светската банка, градоначалници и пратеници, учесниците заклучија  дека подобрувањето на начинот на кој се распределуваат и користат ресурсите е клучно за сите основни училишта да обезбедат квалитетно образование според националните образовни и инфраструктурни стандарди.

„Од квалитетот на образованието зависи капацитетот на човечкиот капитал што една држава го поседува. Едно општество може да оди напред само со квалитетен образовен систем, кој ќе продуцира кадри кои ќе бидат двигатели на позитивните општествени процеси.  За жал, сите меѓународни извештаи покажуваат имаме проблем со квалитетот на знаењето и стручната подготовка на младите. Алармот е веќе вклучен, и за Владата и за локалните самоуправи, и за вработените во образованието, ако веднаш не преземеме конкретни мерки и чекори, ќе биде доцна. Веќе немаме право на грешки, немаме право на импровизации, немаме право на партиски поделби, веќе немаме право на наши и ваши реформи. Да ги засукаме ракавите сите заедно, да постигнеме консензус дека образованието и нашите млади ни се најважни и да почнеме да работиме,“ рече г-а Славица Грковска, заменик-претседателка на Владата задолжена за политики за добро владеење.

Уште пред пандемијата со КОВИД-19, повеќе од половина од сите петнаесетгодишници во Северна Македонија  не успеваа да ги достигнат основните нивоа на знаење по читање и математика, што е под просекот за Западен Балкан и Европската Унија. Затворањето на училиштата и прекините во учењето за време на пандемијата ги ​​зголемија загубите во учењето.

“За секое дете да може да учи и да го постигне својот целосен потенцијал, од клучна важност е училиштата да имаат соодветни ресурси, а наставниците да добиваат поддршка приспособена на нивните потреби. Владата на Северна Македонија вложи огромни напори да ги зголеми инвестициите и да ја подобри ефикасноста и правичноста во распределбата на трошоците во образованието за секое дете, без оглед кое е и каде живее, да добие квалитетно образование. Неопходно е силно партнерство за да го вратиме учењето на секое дете на вистинскиот пат и затоа УНИЦЕФ продолжува посветено да работи со владата и со сите партнери за ова да се оствари,“рече г-а Афшан Кан, регионална директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

Анализата поддржана од Светска Банка и УНИЦЕФ во соработка со Здружението за истражување и анализи ЗМАИ покажува како демографските промени доведоа до недоволно искористување на просторот и персоналот во некои училишта. Спротивно на тоа, во други училишта нема доволно простор за сите ученици и недостигаат наставници, па наставата мора да се организира во две и три смени. Потребно е подобрување на ефикасноста и правичноста во распределбата на ресурсите.

„Владата работи на приближување на јавните расходи за образование, како процент од БДП, до нивоата на развиените земји, со што ќе обезбедат доволно средства за инвестиции во училишните објекти, набавка на современи наставни помагала, инклузивно образование, образование на јазиците на различни етнички заедници и професионален развој на наставниците“, рече г. Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

УНИЦЕФ ги поддржува централните и локалните власти да ги зајакнат капацитетите за развој и воведување на нов систем за транспарентна и правична распределба на средствата за основните училишта. Десет општини што први го започнаа процесот добиваат поддршка за подготовка на локални планови за оптимизација, во тесна консултација со учениците, родителите и наставниците.

Оваа иницијатива е дел од соработката на УНИЦЕФ со Светската банка за поддршка на напорите на Министерството за образование и наука за подобрување на адекватноста, ефикасноста, ефективноста и правичноста на јавните расходи во основното и средното образование.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.