Претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ дискутираа со млади на теми што ги засегаат

09 Ноември 2022
Group photo of President Pendarovski, UNICEF RD Afshan Khan, UNICEF Representative Patrizia DiGiovanni and young people
UNICEF/North Macedonia/Georgiev/2022

Скопје, 9 ноември 2022: Претседателот Стево Пендаровски и регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија Афшан Кан се сретнаа со млади активисти и дискутираа за актуелните предизвици со коишто се соочуваат младите во земјава.

Учесниците разговараа за важноста на младинското учество, справувањето со климатските промени и заштитата на животната средина, унапредување на квалитетот на образованието и стекнување на вештини кај младите, менталното здравје и врсничкото насилство. Овие теми беа идентификувани како области во кои младите можат да придонесат со конкретни активности.

Во своето поздравно обраќање претседателот Пендаровски ја нагласи важноста од ваквата проактивност на денешната генерација млади во насока на справување со најгорливите прашања коишто претставуваат своевидни бариери во нивниот личен или колективен развој.

Во тој контекст ја истакна и потребата од максимална посветеност на сите релевантни чинители во нашата држава во препознавањето на моментумот и негувањето на потенцијалот кај младите, воспоставувајќи иницијативи, проекти и платформи коишто ќе овозможат нивно вмрежување кон заеднички придонес. Тоа, според претседателот, е еден од клучните предуслови за креирање долгорочни политики и стратегии кои што ќе водат кон севкупен напредок на нашето општество.

Регионалната директорка на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, Афшан Кан изрази задоволство што младите умеат да најдат решенија за прашањата што им се најважни, а со ваквите иницијативи им се овозможува да израснат во отпорни и активни граѓани. Нагласувајќи ја потребата од натамошно поттикнување на придонесот на младите во решавањето на денешните предизвици, таа ја истакна важноста на соработката на УНИЦЕФ со Кабинетот на претседателот во насока на создавање простор за младите да ја обликуваат иднината што ја посакуваат.

Во изминатите неколку години претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ значително, со низа активности, ja зајакнаа долгогодишната соработка во насока на унапредувањето на правата на децата и младите во земјата.

Минатата година беше реализирана заедничката иницијатива „Преосмисли ја иднината“, којашто им овозможи на младите, покренувајќи прашања што им се ним важни, активно да учествуваат во дефинирањето на визијата за иднината на Северна Македонија.

На средбата младите го споделија своето искуство во учеството на други иницијативи како што се Младинскиот самит за климатски промени, програмата UPSHIFT, Преспа форум за дијалог, U-Report, Самитот за трансформација на образованието, Светскиот ден на детето 2021 година, како и во иницијативата Младински застапници за правда за децата.

 

###

Извор: Медиа центар, Претседател на Република Северна Македонија 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.