Премиерот Заев: Владата е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се важни за обезбедување на квалитетен живот на младите и поттикнување на економскиот раст

23 Мај 2019
Photo from the public discussion inside the Government building
Government of the Republic of North Macedonia

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик на претседателот задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за образование и наука Арбер Адеми и заедно со претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс, учествуваше на настан „Цели за одржлив развој: Јавна расправа - Јасна визија за квалитетно образование“.

Зборувајќи за важноста на реформите во образованието, премиерот Зоран Заев потенцираше дека Владата е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се исклучително важни за обезбедување на квалитетен живот на младите, поттикнување и зголемување на економскиот развој и раст на севкупната наша економија.

„Во Програмата за работа на Владата, ветивме, дека нема да воведуваме избрзани и нефункционални проекти, туку мерките и реформите во образовниот процес ќе ги носиме преку одржување на јавни дебати со сите засегнати страни. Денеска разговараме јавно за интересите на наставниците, учениците, професорите, нивните родители. Ние како Влада, ги почитуваме современите европски практики, според кои основни и најважни столбови на општеството се обезбедувањето на инклузивно, недискриминаторско и квалитетно редовно образование за сите деца без исклучок, првенствено за учениците со посебни потреби и учениците од останатите ранливи категории“, истакна премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, истакна дека создавањето на квалитетно образование е еден од главните приоритети на Владата на Република Северна Македонија. Тој дополни дека образованието е еден од клучните делови на економското живеење и дека токму создавање на квалитетно и соодветно образование, согласно барањата на пазарот на трудот, е клучно за понатамошен забрзан и одржлив развој на земјата.

Зборувајќи за „Прегледот на ОЕЦД за евалуација и оценувањето на образованието во Северна Македонија“, кој беше презентиран на дебатата, а со кој се анализира периодот од 2000-2015 година, министерот за образование и наука Арбер Адеми рече дека анализата доаѓа во многу важен момент кога се разгледува воведувањето на ново национално оценување, чија главна цел ќе биде да им помага на училиштата да развиваат поквалитетна настава и ќе служи за понатамошно креирање на политики кои, како што рече, отсега ќе бидат базирани само на внимателно прибирани и анализирани докази.

За предизвиците и можностите за финансирање на образованието, министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека дополнително преку Буџетот се финансира и научно-истражувачката дејност во насока на проширување и континуирано унапредување, координација на субјектите за вршење на научно-истражувачката дејност, унапредување на домашната и на меѓународната соработка во трансферот на знаења, истражувања и обука и зголемување на продуктивноста на трудот и на националната конкурентска способност во глобалниот простор.

Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс истакна дека анализата направена со Министерството за образование и ОЕЦД укажува на голем број причини, вклучително и години на реформи кои не се изградиле врз основа на докази и не се фокусирале на реалните и индивидуалните потреби на учениците, што довело до демотивација на работна сила во просветителството.

„Сите истражувања покажуваат дека главниот двигател на добри образовни резултати е квалитетот и компетентноста на наставата. Ова мора да биде нашиот колективен приоритет за инвестирање: поддршка и мотивирање на наставниците да го искористат својот интелект, мудрост, интуиција и креативност“, истакна претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Бенџамин Перкс.

На крајот на денешната јавна расправа „Јасна визија за квалитетно образование“, со конкретни предлози и сугестии во дискусијата се вклучија и присутните претставници на образовните институции, меѓународните организации, други засегнати страни и чинители со желба за придонес во успешноста на реформите во образованието.

Преземено од www.vlada.mk

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.