Потребни се меѓусекторски услуги за рана интервенција кај децата - нова студија на УНИЦЕФ

Извештајот се фокусира на деца на возраст од 0 до 6 години и ја нагласува потребата за поголема меѓусекторска поддршка за семејствата и децата

01 Ноември 2022
New UNICEF study calls for cross-sectoral services for early childhood intervention
UNICEF/North Macedonia/Georgiev/2022

Скопје, 31 октомври 2022 г. - Денеска, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и партнерите се состанаа за да дискутираат за наодите и препораките на нова студија со која се разгледуваат услугите за интервенција во раното детство за деца со задоцнување во развојот и деца со попреченост.

Анализата на состојбата со рана интервенција кај децата  во Северна Македонија прави увид во програмите и услугите што се на располагање во земјата.  Меѓу другото, со студијата се подвлекува дека поради фактот што на државно ниво скрининзите за развој во раното детство и услугите за интервенции во раното детство се ретки или воопшто не постојат, постои голем број деца во ризични ситуации, со доцнење во развојот или попречености кои воопшто не се евидентирани и кои не добиваат услуги.

„Првите години од животот се единствена можност да се обликува способноста на детето да учи, расте и целосно да придонесува во општеството, а притоа да се спречат можни доцнења во развојот и попреченост,“ изјави Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Доцнењето во развојот може да биде резултат на проблеми при пораѓањето, неадекватна стимулација, несоодветна исхрана, хронична болест, психолошка состојба и семејна состојба или некој друг фактор од средината. Затоа меѓусекторски (т.е. во здравството, предучилишната возраст и социјалната благосостојба) интегриран скрининг и поддршка за семејствата и децата е од клучна важност да им се помогне на децата да го остварат својот потенцијал“.

Со анализата на состојбата се потенцира дека во случаите кога на децата им се извршени скрининзи на развојот, родителите обично ја барале услугата, и во поголем број случаи доцнела идентификацијата на доцнењето во развојот/попреченостите. Само 44 насто од децата почнуваат да добиваат развоен скрининг пред да наполнат три години. Од наодите е јасно дека има потреба од систем за универзален развоен скрининг, проценки и упатувања за децата и семејствата да добијат навремена поддршка.

„Идентификацијата на доцнење или попреченост во развојот на децата, како и последователните услуги во голема мера зависат од здравствените работници (акушери, неонатолози, педијатри, семејни лекари, матични лекари, психијатри, патронажни сестри и др) Затоа, министерството дава континуирана поддршка во развој на сите сектори, со приоритет на примарната здравствена заштита,“ рече министерот за здравство Беким Сали.

Додека интервенциите во раното детство (познато и како рана интервенција кај децата) се обезбедуваат претежно преку здравствениот сектор, врз основа на потребата од услуги што се фокусирани на семејството и на децата, од состојбата се гледа дека има потреба од блиска меѓусекторска соработка на здравствениот сектор, социјалните служби, образованието во предучилишна возраст, детската заштита, како и неколку дисциплини што се релевантни за овие сектори, како што се социјалната работа, психологијата и специјалната едукација.

„Реформите во социјалната заштита претставуваат влезна точка за сите стручни лица кои работат во полето на попреченост, за да можат да придонесат за развојот на потенцијалите на детето и на капацитетите и вештините на семејството. Преку инвестиции во социјални услуги, Министерството за труд и социјална политика ја гради мрежата на услуги и гарантира соодветен опфат,“ изјави Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика.

Анализата на состојбата со раната интервенција кај децата во Северна Македонија, поддржана од УНИЦЕФ, беше спроведена со финансиската поддршка на Европската Унија во рамките на двогодишна иницијатива на регионалната канцеларија на УНИЦЕФ и на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG NEAR). Целта на иницијативата е зајакнување на националните системи за здравство, образование, ран детски развој и детска заштита со цел да се обезбеди континуитет на обезбедувањето на основните услуги за ранливите деца и нивните семејства во рамки на итниот и подолгорочниот одговор за закрепнување од КОВИД-19 во земјите на Западниот Балкан и во Турција.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.