Повторното отворање на училиштата не смее да чека

Изјава на извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фор и генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај

14 Јули 2021
Reopening schools cannot wait UNICEF MK
Georgiev/2020

ПАРИЗ/ЊУЈОРК, 12 јули 2021 година – „Изминаа 18 месеци од почетокот на епидемијата на КОВИД-19, а образованието за милиони деца сè уште е нарушено. Заклучно со денеска, затворени се основни и средни училишта во 19 земји, факт што директно влијае на над 156 милиони ученици.

„Ова не треба да продолжи. Училиштата треба последни да се затворат, а први пак да се отворат.

„Во напорите да го ограничат ширењето на пандемијата, владите најчесто ги затвораа училиштата и ги држеа затворени подолго време, дури и кога епидемиолошката состојба не го оправдуваше тоа. Ваквите постапки честопати беа прво средство, наместо последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, додека баровите и рестораните остануваа отворени.

„Загубите што ќе ги претрпат децата и младите од неодењето на училиште никогаш нема да бидат надоместени. Почнувајќи од загуба на знаење, преку вознемиреност, изложеност на насилство и злоупотреба, па сè до пропуштени оброци и вакцинации во училиште или намален развој на социјални вештини, последиците по децата ќе се почувствуваат во нивните образовни резултати и општествен ангажман, како и по физичкото и менталното здравје. Често, најпогодени се децата во средини со недоволно средства, кои немаат пристап до алатки за далечинско учење, и најмалите деца кои се наоѓаат во клучните фази на развој.

„Загубите за родителите и за старателите се подеднакво големи. Чувањето на децата дома ги принудува родителите низ светот да ги напуштат работните места, особено во земјите без или со ограничена политика за семејно отсуство.

„Токму затоа, повторното отворање на училиштата за настава со физичко присуство не смее да чека.

„Не смее да се чека случаите да стигнат до нула. Има јасни докази дека основните и средните училишта не се меѓу главните двигатели на ширењето. Во меѓувреме, ризикот од ширење на КОВИД-19 во училиштата може да се контролира со соодветни стратегии за ублажување во повеќето средини. Одлуката за отворање или затворање на училиштата треба да биде врз основа на анализа на ризикот и епидемиолошките согледувања во заедниците каде што се наоѓаат.

„Повторното отворање на училиштата не смее да чека да се вакцинираат сите наставници и ученици. Со оглед на тоа што општиот недостиг на вакцини ги мачи земјите со низок и среден приход, вакцинирањето на работниците од првите редови и оние во ризик од тешка болест и смрт ќе остане приоритет. Сите училишта треба што поскоро да обезбедат настава со физичко присуство, без бариери за пристап и без да налагаат вакцинација пред да се влезе в училиште.

„Пред Средбата за глобалното образование на 13 јули, ги повикуваме носителите на одлуки и владите да дадат приоритет на безбедно отворање на училиштата за да се избегне генерациска катастрофа.

„Затворањето на училиштата ја става под залог нашата иднина за нејасни придобивки во сегашноста. Ние мора приоритетите да ги утврдиме подобро. Можеме и мораме безбедно да ги отвориме училиштата.“

 

#####

 

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ работи во некои од најтешките места во светот, за да стигне до најзагрозените деца во светот. Во над 190 земји и територии, работиме за секое дете, насекаде, за да изградиме подобар свет за сите.

За повеќе информации во врска со УНИЦЕФ и неговата работа за децата, посетете ја www.unicef.org.

Следете го УНИЦЕФ на Tвитер и Фејсбук

За УНЕСКО

УНЕСКО претставува Организација на Обединетите нации за образование, наука и култура. Се стреми кон градење мир преку меѓународна соработка во образованието, научна соработка, културен дијалог и слободен проток на информации. Повеќе информации на www.unesco.org 

За повеќе информации, контактирајте со:

Најва Меки, УНИЦЕФ Њујорк, +1917 209 1804, nmekki@unicef.org

Клер О'Хаган, УНЕСКО, c.o-hagan@unesco.org

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.