Откако КОВИД-19 ги поткопа и онака кревките здравствени системи, без преземање итна акција, можно е повеќе од 6.000 деца на возраст под пет години да умираат дневно

УНИЦЕФ започнува со #Reimagine (Замисли повторно), глобална кампања за спречување пандемијата да стане трајна криза за децата

13 Мај 2020
A nurse with a mask putting a mask on the face of a little girl
UNICEF

ЊУЈОРК, 13 МАЈ 2020 година – Постои ризик секојдневно да умираат дополнителни 6.000 деца во следните шест месеци од причини што може да се спречат, бидејќи пандемијата со КОВИД-19 и натаму продолжува да ги слабее здравствените системи и да ги нарушува рутинските услуги, соопшти денес УНИЦЕФ.

Проценката е заснована врз анализа на истражувачи од Факултетот за јавно здравје Блумберг при Универзитетот Џонс Хопкинс, ново објавена во списанието на Лансет Светско здравје (The Lancet Global Health journal). Врз основа на најлошото од три сценарија во 118 земји со ниски и средни приходи, анализата проценува дека може да дојде до дополнителни 1,2 милиони смртни случаи на деца под пет години за само шест месеци, како резултат од намалување на опфатот со рутински здравствени услуги и на поголемо заостанување во растот на децата.

Овие потенцијални смртни случаи кај децата ќе бидат згора на 2,5 милиони деца што веќе умираат пред 5-тиот роденден на секои шест месеци во 118 држави вклучени во студијата. Ова претставува закана од уназадување на скоро еднодеценискиот напредок во ставањето крај на смртноста од болести кои може да се спречат кај децата под пет години.  
Се предвидува дека може да се појават дополнителни околу 56.700 смртни случаи кај мајките, исто така за само шест месеци, покрај 144.000 смртни случаи кои веќе се случуваат во истите земји во текот на шестмесечен период.

„Во најлош случај, за првпат по многу децении може да се зголеми бројот на деца што умираат пред петтиот роденден во светот “, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор. „Не смееме да дозволиме мајките и децата да станат колатерална штета во борбата против вирусот. И не смееме да дозволиме да се изгубат децении напредок во намалувањето на смртноста кај децата и мајките од болести што може да се спречат.“

Во земјите со веќе слаб здравствен систем, КОВИД-19 предизвикува нарушувања во синџирот на медицински набавки и крајно ги напрега финансиските и човечките ресурси. Бројот на посети на здравствените центри опаѓа како резултат на затворањата, полицискиот час и нарушувањата во превозот, а и затоа што заедниците и натаму се плашат од инфекција. Во коментарот за извештајот на Лансет, УНИЦЕФ предупредува дека ваквите нарушувања може да доведат до потенцијално погубно зголемување на смртноста кај мајките и децата. 

Во трудот се анализираат три сценарија за ефектот од намалување на животно-спасувачките интервенции што се должи на кризата, врз смртноста кај децата и мајките. Се предупредува дека во најблагото сценарио, каде опфатеноста е намалена за околу 15 проценти, би имало зголемување од 9,8% на смртноста кај децата под пет години, т.е. околу 1.400 смртни случаи на ден, и зголемување од 8,3% на смртните случаи кај мајките. Во најлошото сценарио, каде здравствените интервенции се намалени за околу 45%, би можело да има зголемување од дури 44,7% на смртноста кај децата под пет години и зголемување од 38,6% на смртноста кај мајките, месечно. Овие здравствени интервенции започнуваат од планирање на семејството, преку антенатална и постнатална грижа, породување и вакцинации, па сѐ до превентивни и куративни услуги. Проценките покажуваат дека ако од било која причина, рутинската здравствена заштита е нарушена и пристапот до храна е намален, порастот на смртноста кај децата и мајките ќе биде погубен. Најголем број дополнителни смртни случаи кај децата ќе биде резултат на поголема преваленца на заостанување со растот кај децата, што опфаќа и потенцијално влијание надвор од здравствениот систем и помало лекување на неонатална сепса и пневмонија. 

Според моделирањето, и под претпоставка дека ќе се намали опфатот од најлошото сценарио, 10 држави кои потенцијално би можеле да имаат најголем број дополнителни смртни случаи кај децата се: Бангладеш, Бразил, Демократска Република Конго, Етиопија, Индија, Индонезија, Нигерија , Пакистан, Уганда и Обединета Република Танзанија. Десетте држави кои најверојатно ќе бидат сведоци на најголема стапка на смртност кај децата според најлошото сценарио се: Џибути, Есватини, Лесото, Либерија, Мали, Малави, Нигерија, Пакистан, Сиера Леоне и Сомалија. Континуираното обезбедување животно-спасувачки услуги е пресудно во овие земји.

Покрај проценетиот потенцијален пораст на смртни случаи меѓу децата под пет години и мајките, опишан во анализата на списанието на Лансет Светско здравство, УНИЦЕФ е длабоко вознемирен од другите разорни влијанија на пандемијата врз децата:

  • Околу 77% од децата под 18 години во светот - 1,80 милијарди од 2,35 милијарди - живеат во некоја од 132-те земји со политика за останување дома, кои се спроведуваат од почетокот на мај. 
  • Речиси 1,3 милијарди ученици - над 72% - не посетуваат училиште како резултат на затворањето на училиштата во 177 земји.  
  • 40% од светската популација не е во состојба да ги мие рацете со сапун и вода дома. 
  • Речиси 370 милиони деца низ 143 земји кои обично сметаат на училишни оброци како сигурен извор на секојдневна исхрана, сега мора да бараат други извори бидејќи училиштата се затворени. 
  • Од 14 април, над 117 милиони деца во 37 земји може да пропуштат вакцинација против сипаници, бидејќи пандемијата предизвикува прекин на кампањите за имунизација со цел да се намали ризикот од ширење на вирусот. 

Оваа недела, УНИЦЕФ започнува со #Reimagine (#Презамисли), глобална кампања за спречување пандемијата со КОВИД-19 да стане трајна криза за децата, особено за најранливите - како што се децата погодени од сиромаштија, исклучување или семејно насилство. Преку кампањата, УНИЦЕФ упатува итен апел до владите, јавноста, донаторите и приватниот сектор да му се приклучат, бидејќи сакаме да одговориме, да закрепнеме и да го преиспитаме светот кој во моментов е под опсада на корона вирусот: 

  • Реагирај. Мора да дејствуваме сега за да го запреме ширењето на болеста, да им помогнеме на болните и да ги заштитиме првите бранители на линијата на фронтот кои го ризикуваат својот живот за да спасат други.
  • Закрепни. Дури и кога пандемијата ќе забави, секоја земја ќе мора да продолжи да работи на ублажување на разорните ефекти врз децата и да се справи со нанесената штета. Исто така, заедниците ќе треба да работат заедно и преку границите за да се обноват и да спречат враќање на болеста.
  • Замисли повторно. Ако нешто научивме од КОВИД-19, тоа е дека нашите системи и политики мора да ги штитат луѓето, цело време, не само во случај на криза. Како што светот закрепнува од пандемијата, сега е време да ги поставиме темелите за подобра обнова.
     

За отпочнување на кампањата, два уважени партнера на УНИЦЕФ - Пандора и ИНГ - се согласија да ветат дарежлива донација за да го дадат својот удел во одговорот на овој апел и да поттикнат повеќе донации од јавноста во наредните недели.

„Кризата со КОВИД-19 е криза на детските права. Потребен ни е непосреден, среднорочен и долгорочен одговор кој не само што ќе се осврне на предизвиците создадени од пандемијата и нејзините секундарни ефекти врз децата, туку и ќе даде јасна верзија за преизградба на подобар свет кога кризата конечно ќе се повлече. Затоа, потребни ни се идеите, ресурсите, креативноста и срцето на сите.“ рече Фор. „Наша заедничка одговорност денес е да замислиме повторно како ќе изгледа светот утре.“

 

######

Преземете фотографии, брол и трудот тукаПрегледајте ги податоците за 118 земји тука.

Трудот ќе излезе во живо, во списанието на Лансет Светско здравје на 12 мај, во 23.30 ч. по британско време: http://www.thelancet.com/journals/langlo/article/PIIS2214-109X(20)30229-1/fulltext  

 

Дознајте за кампањата #Reimagine (#Презамисли) тука: www.unicef.org/reimagine

Авторите на студијата на Лансет Светско здравје ја користеа алатката „Спасени животи“ (Lives Saved Tool (LiST)) за да моделираат смртност кај мајки и деца под пет години за три сценарија во 118 земји со ниски и средни приходи. Тие моделираа три сценарија во кои покриеноста со основни интервенции за здравјето на мајките и децата е намалена за 9·8–51·9 проценти, а преваленцата на заостанување со растот е зголемена за 10-50%. Тие проценија дополнителни смртни случаи за еден месец, па резултатот го екстраполираа за 3 месеци, 6 месеци и 12 месеци.

Овие интервенции се движат од планирање на семејството, преку антенатална и постнатална грижа, породување и вакцинации, па сѐ до превентивни и куративни услуги. Моделираните сценарија се хипотетички и не ги одразуваат реалните политики, ниту пак прават разлика меѓу стратегиите за ублажување - единствено земаат предвид дека ќе дојде до нарушувања.

 

За програмата „Ковид-19“ на УНИЦЕФ и за активностите за застапување

Активностите се потпираат на Агендата за акција со шест точки која ги поддржува владите и ги повикува носителите на одлуки:

  • Да ги сочуваат децата здрави и добро исхранети
  • Да им обезбедат на ранливите деца вода и санитарно-хигиенски услови
  • Да им обезбедат на децата и натаму да учат
  • Да ги поддржат семејствата при исполнување на потребите и при грижата за своите деца
  • Да ги заштитат децата од насилство, експлоатација и злоупотреба
  • Да ги заштитат децата-бегалци и мигранти, и децата погодени од конфликт

 

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ работи на некои од најтешките места во светот, за да досегне до најзагрозените деца во светот. Низ 190 земји и територии, ние работиме за секое дете, насекаде, за да изградиме подобар свет за сите. За повеќе информации околу УНИЦЕФ и неговата работа за децата, посетете ја страницата www.unicef.org. За повеќе информации во врска со КОВИД-19, посетете ја страницата www.unicef.org/coronavirus

Следете го УНИЦЕФ на Tвитер и Фејсбук

 

За повеќе информации, ве молиме контактирајте со:

Сабрина Сиду, УНИЦЕФ Њујорк, +1 917 4761537, ssidhu@unicef.org   

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.