Отворен разговор со младите за менталното здравје

Со кого разговараш кога нешто те мачи? Ова беше една од темите на кои зборуваа младите на првиот настан „Walk and Talk“ во Струмица.

13 Октомври 2023
Walk and talk
UNICEF/2023/Georgiev

Скопје, 13 октомври 2023 година - УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика со посета на повеќе градови во земјата ќе отворат дискусија со децата и младите за менталното здравје за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје и да се промовира инклузивна култура која ги охрабрува луѓето да зборуваат и да побараат помош кога имаат потреба.

Караванот започнува на 13 октомври од Струмица и Валандово и во текот на следните седмици ќе продолжи во Пробиштип, Кратово, Штип, Кочани, Тетово, Гостивар, Виница, Блатец, Прилеп, Битола, Куманово, Велес, Кавадарци и Скопје.
Замислен како младинска пешачка рута со разновидни креативни активности и можности за меѓусебни разговори, караванот обезбедува форум за младите да отворат прашања и заеднички да изнаоѓаат решенија. Тие ќе имаат можност да разговараат за сите предизвици со кои се соочуваат со претставници на УНИЦЕФ, Министерството за труд и социјална политика, дипломатскиот кор и експерти за ментално здравје.

„Дестигматизацијата, здружувањето, движењето и зборувањето е начин да се изградат здрави млади луѓе кои ќе бидат двигатели на нашето општество и нашиот систем за социјална заштита. Системот за социјална заштита е оној кој треба да се грижи за благосостојбата, но и оној кој охрабрува, поттикнува и мотивира. Затоа сме тука денес . Зошто младите го менуваат нашето општество, дестигматизираат и исчекоруваат. Нашата крајна цел е креирање на позитивна благосостојба низ која можеме да го достигнеме нашиот целосен потенцијал.“, рече Јована Тренчевска, Министер за труд и социјална работа.

Walk and talk event
UNICEF/2023/Georgiev

„Многу деца и млади страдаат сами и не бараат помош поради стигма или отсуство на иницијативи за унапредување и заштита на менталното здравје и грижа за оние на кои им е најпотребна,” рече Патриција ДиЏовани,  претставничка на УНИЦЕФ. „Никој не треба да биде оставен сам да се справува со предизвиците околу менталното здравје. Треба да се погрижиме децата и младите да добијат поддршка кога тоа им е потребно.“  

Младоста е клучен период за развој на социјалните и емоционалните навики коишто се важни за менталната добросостојба. Тоа е период кога менталното здравје може да биде под влијание на различни фактори кои би можеле да доведат до зголемен стрес, меѓу кои и притисокот да се припаѓа на врснички групи, родовите стереотипи, проблематичното влијание на социјалните мрежи, нискиот квалитет на семеен живот и социо-економските услови.

Имајќи ги предвид брзите општествени промени, брзиот развој на дигиталните технологии, пандемијата со Ковид-19, како и отсуството на дефинирани и одржливи програми за поддршка на менталното здравје кај младите, неопходно е да се подигне свеста за потребата навремено да се интервенира за да се одговори на проблемите со менталното здравје кај младата популација.

Анкетата поддржана од УНИЦЕФ во Северна Македонија покажа дека секој трет адолесцент вклучен во истражувањето пријавил симптоми на депресија, а кај девојчињата постои шестократно поголема веројатност да пријават симптоми на депресија споредено со момчињата. Околу 42% од адолесцентите доживеале умерени до тешки симптоми на анксиозност. Иако над половина од адолесцентите се изјасниле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, сепак, тие не побарале таква помош.

Walk and talk
UNICEF/2023/Georgiev

Дури и доколку побараат помош, не постојат доволно квалитетни услуги за ментално здравје во земјата. Покрај специјализирани установи, подеднакво е важно да постојат програми и активности за да се промовира важноста на превенцијата и раната грижа за менталното здравје кај младите. Раното откривање на проблемите со менталното здравје го спречува натамошното влошување и појавата на хронични здравствени проблеми коишто потоа се  решаваат на ниво на терциерното здравство.

Замислата на оваа иницијатива е настаните да се спроведуваат како рути за заедничко пешачење со цел да се промовира физичката активност и придобивките од активностите на отворено за менталната добросостојба. Пешачењето го смирува умот, го подобрува расположението, го намалува ризикот како од депресија, така и од други проблеми поврзани со стресот и анксиозноста. Преку овие заеднички активности со врсниците и пријателите, социјализацијата може да даде и дополнителна придобивка, помагајќи им на младите да почувствуваат стабилност и потпора.

Овие настани произлегоа од консултативниот процес со младите што беше организиран во партнерство со Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) во соработка со Сојузот на извидници во партнерство со УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика (МТСП).

Деталите за секоја рута ќе бидат споделени на Фејсбук страниците на УНИЦЕФ и Министерството за труд и социјална политика: https://www.facebook.com/unicef.mk и https://www.facebook.com/MTSPmk

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.