Онлајн услуги за рана интервенција за децата со попреченост и задоцнување во развојот

- Достапно на:
- English
- Македонски
СКОПЈЕ, 18 декември 2020 година. УНИЦЕФ и партнерите денес ја промовираа новата веб-платформа Рана интервенција наменета за родители и старатели на деца со задоцнување во развојот и на деца со попреченост на возраст од 0 до 6 години за да им понудат на семејствата пристап до услуги за рана интервенција и онлајн психо-социјална поддршка.
„Платформата за рана интервенција за деца со попреченост е нова, иновативна алатка кај нас што ќе им помогне на семејствата на децата со попреченост и на стручните лица кои работат со нив да го утврдат најдобриот пристап за работа, согласно индивидуалните потреби на детето. Министерството за труд и социјална политика ќе ги следи искуствата од нејзиното користење за да воспостави мултидисциплинарен систем за рана идентификација и рана интервенција, за да осигура дека секое дете ќе има еднакви можности за раст и развој, “ рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.
Платформата е изработена со поддршка од УНИЦЕФ и во соработка со Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори и има за цел да им помогне на родителите и старателите да ги разберат клучните развојни показатели во раното детство; да ги препознаат првите знаци на доцнење во развојот и да го стимулираат развојот на детето преку игра и вежби.
Исто така, таа нуди лесен пристап до индивидуализирани стручни насоки и интервенции, вклучувајќи опција родителите да достават онлајн-барање според кое стручни лица од Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори ќе извршат проценка на индивидуалните потреби на детето и ќе изработат индивидуален план за развој. Со оваа опција, на родителите, без оглед каде живеат, им се дава пристап до прилагодена и специјализирана поддршка и насоки за стимулирање на вештините, способностите и умешноста на нивното дете.
„ Знаеме дека најдобриот начин за поддршка на децата со доцнење во развојот е преку рано откривање и интервенција во раното детство. Со ваков пристап драматично се подобруваат шансите на децата да го достигнат својот целосен потенцијал и функционирање, да имаат поквалитетен живот и да го заземат вистинското место во општеството како возрасни. Затоа, од суштинско значење е со интервенции да се започне што порано, но и да се понудат различни услуги за поддршка на децата со развојни тешкотии. Платформата овозможува иновативен начин за досегање до децата на национално ниво, дури и во подрачја каде услугите не се физички достапни, и ги надополнува вкупните напори на Министерството за здравство да обезбеди услугите за рана интервенција да бидат достапни за сите на кои им се потребни“, рече Венко Филипче, министер за здравство.
„Раното детство е период на големи можности за развој на детето, но и период на ранливост. Земајќи во предвид дека децата со попреченост се меѓу најранливите, особено за време на пандемијата со КОВИД-19, од витално значење е семејствата да имаат пристап до услуги, особено до услуги за поддршка на раниот детски развој, “ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Првиот чекор за вклучување на децата со попреченост во општеството е да се создадат услови за оптимален развој во раното детство.“
Интернет-платформата претставува проширена услуга на Центарот за рани интервенции отворен во Скопје на почетокот од оваа година. Основан со поддршка на УНИЦЕФ и финансиран од Владата на Велика Британија, новиот центар е дел од обидот за проширување на услугите во заедницата за семејства на деца со попреченост и доцнење во развојот.
„Ние се залагаме за подобрување на политиките и практиките за социјална кохезија и различност во Северна Македонија. Затоа со задоволство ги поддржуваме услугите во заедницата прилагодени за децата со попреченост како влезна точка за нивно вклучување во општеството. Центарот за рани интервенции е дел од нашите пошироки напори за подобрување на животот на сите деца и за поддршка на реформите во образовниот и социјалниот систем“, рече британската амбасадорка Рејчел Галовеј.
Потребата од онлајн услуги за рана интервенција беше препознаена како одговор на пандемијата со КОВИД-19 која наруши некои од основните услуги за поддршка на децата со попреченост, ставајќи го товарот врз родителите и старателите. Гарантирајќи континуитет на услугата, интернет-платформата сега стигнува и до семејствата во заедници каде услугите не се физички достапни, но и до семејствата кои поради ниските приходи не ги користеле услугите во минатото.
Е-платформата е достапна на македонски и на албански јазик на http://www.ranaintervencija.mk .
Контакти за медиуми
About UNICEF
UNICEF promotes the rights and wellbeing of every child, in everything we do. Together with our partners, we work in 190 countries and territories to translate that commitment into practical action, focusing special effort on reaching the most vulnerable and excluded children, to the benefit of all children, everywhere.
For more information about UNICEF and its work for children, visit www.unicef.mk.
Follow UNICEF on Twitter, Facebook, Instagram and YouTube.