Одговорност е на целото општество училиштата да бидат безбедни и отворени, вели УНИЦЕФ

31 Август 2021
Teenage student waits in line before entering the school building
UNICEF MK

Скопје, 30 август 2021 година:  – Додека децата се подготвуваат да се вратат на настава со физичко присуство, УНИЦЕФ го повикува целото општество да вложи напори училиштата да останат безбедни и отворени. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни за секоја одлука околу работењето на училиштата. Исто така, мора да се земат предвид епидемиолошката состојба со КОВИД-19 и еволутивното разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата мора секогаш да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога тоа е безбедно да се направи.

„Отворањето на училиштата за настава со физичко присуство е критичен чекор за секое дете да има пристап до квалитетно образование со кое се градат и се признаваат вештините што им се потребни на децата и адолесцентите – вклучувајќи јазична и математичка писменост, дигитални, претприемачки и вештини за работа,“ рече Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ.  „Децата и младите не смее да ризикуваат уште една година со нарушено учење. Пред пандемијата на КОВИД-19, Северна Македонија се соочуваше со образовна криза, при што над половина од сите петнаесетгодишници во земјата не успеаја да покажат основни познавања во читање и математика. Сега, повеќе од кога било, потребно е целата земја да даде приоритет училиштата дa останат безбедни и отворени за учениците да го надоместат изгубеното во учењето и менталната благосостојба“.

Дури и во заедниците со највисоки стапки на КОВИД-19, Светската здравствена организација (СЗО) препорачува да се разгледаат сите опции за продолжување на наставата со физичко присуство.[1]

„КОВИД-19 станува вирус со кој мора да научиме да живееме, па сега, императив е да се намали нарушувањето во образованието на децата и младите, без оглед на нивната возраст. Доказите се јасни дека отсуството од училиште предизвикува значителна штета по образовниот успех, животните шанси, менталното и физичкото здравје. Со можноста во Северна Македонија да се понудат две дози вакцини за сите возрасни лица и адолесценти над 12-годишна возраст, сега приоритет е да се обезбеди директно, безбедно и висококвалитетно образование за сите ученици – особено кога знаеме дека директните клинички ризици за децата се екстремно ниски“, рече д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија.

Проценувањето на ризикот од пренесување на локално ниво треба да биде земено предвид при носењето одлуки за работење на училиштето. Но, затворањето на училиштата на национално ниво мора секогаш да биде последно прибежиште кога нема други алтернативи. Освен во најекстремни случаи, ризиците кога децата се надвор од училиште се поголеми од ризиците кога се на училиште, поради три клучни причини:

  1. Затворањето на училиштата негативно влијае на учењето, здравјето и благосостојбата на учениците во критичните развојни фази со длабоки последици за секое дете, неговото семејство и нивната економија. Многу од овие деца никогаш нема да фатат чекор.
  2. Со воведување мерки за ублажување на ризикот, училиштата се безбедни средини за децата. Најновите докази покажуваат дека училиштата не го поттикнуваат ширењето на КОВИД-19 во заедницата и КОВИД-19 не претставува висок ризик за децата.
  3. Затворањето на училиштата има големо негативно влијание врз најранливите деца кои имаат многу помали шанси за пристап до далечинско учење и почесто се изложени на насилство, злоупотреба, занемарување, детски труд и брак, и други ризици.

Токму затоа, целото општество има одговорност да го намали преносот на вирусот во заедницата, за децата и младите да може да продолжат да учат на вистинското место, а тоа е во училницата. Сега, повеќе од кога било, целото општество мора да даде приоритет и да покаже национална солидарност за училиштата да останат безбедни и отворени. Сите треба да дадат свој придонес следејќи ги превентивните мерки и протоколи, носејќи маска, практикувајќи хигиена на рацете, физичка дистанца и вакцинирајќи се против КОВИД-19.

 


[1] https://www.who.int/publications/i/item/considerations-in-adjusting-public-health-and-social-measures-in-the-context-of-covid-19-interim-guidance

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.