Нови препораки кои ќе им помогнат на работодавачите да ги поддржат семејствата за време на КОВИД-19

08 Април 2020
Father, mother and girl hugging and happy
UNICEFMK

Прелиминарните препораки Меѓународната организација на трудот (МОТ) и УНИЦЕФ, за поддршка на работните семејства, ги поттикнуваат работодавачите да го земат предвид влијанието на деловните одлуки врз семејствата на работниците и да ја поддржат пошироката социјална заштита онаму каде тоа е возможно. Во нив се акцентира неопходноста од дополнителната поддршка, особено за оние со ниски приходи, со цел да се минимизираат негативните последици од актуелната состојба кај работниците, работодавачите, нивните семејства и децата.

Обезбедување грижа за децата, истовремено извршување на работните обврски и обврските во домот, и справување со загубата на приходите, се само некои од предизвиците со кои се соочуваат семејствата во моментов.

Исто така, жените се несразмерно погодени од пандемијата, бидејќи тие го сочинуваат мнозинството здравствени работници. Пред појавата на КОВИД-19, жените веќе извршуваа повеќе од три четвртини од неплатената работа во рамки на негата за лица на глобално ниво и тој удел е сега веројатно веќе повисок.

МОТ и УНИЦЕФ, исто така, ги повикуваат владите да ги поддржат работодавачите и да ја зајакнат социјалната заштита, особено за ранливите семејства. Политики и практики кои се полезни за семејството, вклучувајќи вработување и заштита на приходите, флексибилно уредување на работата, платено отсуство за грижа за членовите на семејството и пристап до квалитетна грижа за деца во вонредни околности може да значително да придонесат во стабилизирање на пазарот на трудот, семејствата и општеството.

„Социјалниот дијалог - консултации и соработка помеѓу владите, работниците и работодавачите и нивните претставници - е од суштинско значење. Со цел одговорот на кризата да биде делотворен и одржлив, тој треба да се гради на доверба и широк спектар од искуства“, рече Мануела Томеи, директор на Одделот за работни услови и еднаквост на МОТ.

Меѓународните стандарди на трудот обезбедуваат силна основа за обликување на одговорите во форма на политики потребни за одржливо и рамноправно закрепнување. Тие ја опфаќаат идејата за пристап кон економијата и развојот насочен кон човекот, и ги балансираат барањата за стимулирана побарувачка, поддршка на деловните активности и заштита на работниците.

„Семејствата ќе ги чувствуваат секундарните влијанија на пандемијата - загуба на работни места, продолжен период на стрес и влошување на менталното здравје - уште многу години", рече шефот на УНИЦЕФ за развој на раното детство, д-р. Пиа Ребело Брито. „За најранливите деца, отсуството на соодветни системи за социјална заштита ја влошува нивната изложеност на кризата“.
 

Прелиминарните препораки за работодавачите вклучуваат:

  • Следете ги и почитувајте ги националните совети од локалните и националните органи и пренесете им ги на вработените.
  • Прегледајте ги постојните политики на работното место за да се осигурате дека  обезбедуваат соодветна поддршка за работниците и нивните семејства.
  • Следете ги добрите практики при спроведување на политики засновани врз социјалниот дијалог, националните трудови закони и меѓународните стандарди на трудот. Потврдете дека мерките за поддршка на работното место се достапни за сите, без дискриминација, и дека сите работници ги знаат, разбираат и можат да ги искористат без чувство на непријатност.
  • Борете се против дискриминацијата и социјалната стигма на работното место преку поддршка на обука на темата и спроведување механизми за доверливо и безбедно известување.
  • Организирајте ги  работните услови така што  ќе бидат полезни за семејствата на работниците и ќе им овозможат поголема слобода и флексибилност во извршувањето на својата работа.  Ако флексибилната работа не е можна, разгледајте други форми на поддршка за родителите кои работат, како што е поддршка при грижата за децата.
  • Поддржете ги родителите кои работат со соодветни опции за грижа за децата и осигурајте се дека работните места на тоа поле се квалитетни работни места.
  • Зајакнете ги мерките за безбедност и здравје при работа, вклучувајќи и насоки и обука за безбедност и здравје при работа и хигиена на работното место.
  • Охрабрете ги работниците да бараат соодветна медицинска помош и поддржете ги вработените кои се справуваат со стрес.
  • Поддржете ги владините мерки за социјална заштита во согласност со Конвенција на МОТ за социјална сигурност (минимум стандарди), 1952 (бр.102) и Препораката за минимум социјална заштита бр. 202. Ова може да вклучува субвенции за работниците за пристап до здравствено осигурување, осигурување при невработеност или неспособност за работа , породилна заштита, а истите треба да се прошират и на работниците во неформалната економија.

 

За МОТ

Основана во 1919 година, Меѓународната организација на трудот е единствената трипартитна агенција на ООН, што  соединува претставници на влади, работодавачи и работници од 187 земји-членки со цел да постават работни стандарди, да развиваат политики и да изготвуваат програми за промовирање на пристојна работа за сите жени и мажи.
 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.