Новите податоци за образованието во време на КОВИД-19 обезбедуваат докази за поддршка на повторното отворање на училиштата за сите деца

Ново истражување за „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“ во Северна Македонија

07 Јуни 2021
Boy watches the TV-classroom programme broadcast on national television and writes
UNICEF/2020/Dragan Mitreski

СКОПЈЕ, 7 јуни 2021 година - Во новото истражување објавено денес од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, УНИЦЕФ, Британската амбасада во Скопје и партнерот Реактор – Истражување во акција, се истакнува дека децата кои посетувале училиште со физичко присуство во текот на учебната 2020/2021 година доживеале помалку тешкотии и покрај пократкото време на настава и дека можеле да ги следат безбедносните протоколи за КОВИД-19. Овие наоди, заедно со другите податоци за Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина ја нагласуваат важноста на подготовката за повторно отворање на училиштата за сите деца во септември.

Новите податоци покажуваат дека 88 проценти од наставниците известуваат дека учениците можеле да ги следат протоколите и мерките за заштита, а над половина од родителите известуваат дека нивните деца не се соочувале со никакви тешкотии кога биле на училиште. Освен тоа, родителите на децата кои физички посетувале училиште биле значително позадоволни од работата на наставниците и работата на училиштето воопшто.

Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека како и сите земји во светот и нашата земја се соочи со предизвикот за брза реорганизација на наставата во услови на пандемија.

„Не беше лесно, но наставниците, МОН, БРО, локалните самоуправи, директорите, родителите и учениците вложија максимални напори да имаме успешна учебна година, што ни потврдува и самото истражување - задоволството од реализацијата на учењето на далечина оваа учебна година, споредено со второто полугодие од минатата година е зголемено и кај наставниците и кај родителите и кај учениците. Податокот дека 100% од учениците, на прашањето дали во твоето училиште наставата на далечина се одвиваше според распоред, одговориле потврдно, покажува дека сме ја оствариле основната цел – наставата, и покрај околностите, редовно да се одвива. Резултатите од истражувањето ќе ги искористиме за создавање подготвен образовен систем, кој лесно може да ја реорганизира наставата, според наметнатите услови“, посочи Царовска.

„Со овие податоци се нагласува важната потреба да се даде приоритет на повторното отворање на училиштата за сите деца и да се посветат напори тоа безбедно да се направи. Иако учењето на далечина придонесе кон градење нови вештини, а новите дигитални платформи и дигитални алатки отворија нови можности за подобрување на квалитетот на образованието, учењето на далечина не треба да го замени учењето со физичко присуство. Тоа треба да го надополни. Затворањето на училиштата има разорни последици по учењето и благосостојбата на децата, а најмаргинализираните плаќаат најскапа цена“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Не можеме да си дозволиме уште една година нарушено образование. Треба да се вложат сите напори за повторно отворање на училиштата за сите деца, како и напори за отстранување на сите празнини во наученото што се создадоа од учењето на далечина и за обновување на поддршката за емоционалната благосостојба на децата.“

Амбасадорката на Обединетото Кралство во Скопје, Рејчел Галовеј рече „По повеќе од една година откако процесот на образование се пресели на Интернет, време е да процениме што функционираше, а што не, кои беа предизвиците за наставниците, за учениците и за родителите и како можеме да ги искористиме научените лекции за да создадеме подобра средина за учење.“

Во наодите од двофазното истражување на „Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“ се истакнува дека:

  1. Над половина од анкетираните наставници и родители беа загрижени дека децата може да се заразат со КОВИД-19 додека се на училиште, но исто така, пријавуваат задоволство од напорите што ги прават училиштата и персоналот за да се одржи безбедноста на  децата.
  2. Шеесет и осум проценти од наставниците го оценуваат квалитетот на наставата со физичко присуство како добар или одличен, а седумдесет и осум проценти известуваат дека биле во можност да ги исполнат целите од наставните програми додека биле на училиште и покрај пократкото време на настава.
  3. Родителите на децата кои продолжиле со образованието преку учење на далечина го нагласуваат недостигот од  обезбедување услуги за поддршка (психолог, педагог, итн.). Над 70 проценти изјавиле дека нивните деца никогаш не добиле никаква поддршка, мотивација или ресурси за справување со стресот и/или со социјалната изолација. Освен тоа, дури над 90 проценти од родителите рекле дека никогаш не биле контактирани од службите за поддршка за да проверат дали има потреба од таква поддршка.
  4. И покрај тоа што сите испитаници забележале подобрување на учењето на далечина во текот на 2020/2021 година во споредба со претходната година, значителен број наставници сè уште известуваат дека не биле во можност да контактираат со некои од своите ученици во одреден момент од учебната година. Овој број е намален на 63 проценти во споредба со 77 проценти во претходната учебна година.
  5. Исто така, податоците јасно ги покажуваат ефектите од исцрпеноста кај наставниците. Мнозинството наставници – 88 проценти – изјавуваат дека морале да работат во слободното време само за да фатат чекор со основните барања. Според директорите на училиштата, наставниците кои одржувале часови со физичко присуство често морале да работат во две смени за да бидат сигурни дека големината на групата/одделението ги исполнува критериумите.
  6. Насочените интервјуа со родителите на ученици со попреченост покажуваат подобрување во обезбедувањето образовна помош, како и приспособување и одобрување за физичко посетување училиште. Сепак, родителите на економски загрозените заедници, поточно Ромите, се соочиле со значителни тешкотии во пристапот до образование. Превозот до и од училиште честопати бил запрен, а нивните деца добивале само „офлајн“ материјали и никакви средства за пристап до мрежни платформи и содржини.
  7. Учењето на далечина стана поинтерактивно и поструктурирано. Наставниците, родителите и учениците известуваат дека распоредот бил јасно дефиниран и исполнет, а наставата била подиректна и помалку фокусирана само на испраќање образовни содржини. Сепак, остануваат предизвиците при оценувањето.

„Планот и протоколите за повторно отворање на училиштата покажаа добри резултати и училиштата беа во можност да ги имплементираат, задржувајќи го квалитетот во наставниот процес и осигурувајќи ја безбедноста на учениците и вработените“, рече Зеќирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образованието. „Постојат области за подобрување и тука би сакал да укажам на потребата од подобрување на вештините кај наставниците, зајакнување на службите за поддршка во училиштата и конечно, потребата за дијагностичко оценување и поправна настава. Во текот на летото, БРО ќе работи на решенија и ќе направи измени за следната учебна година.“

Ова ново истражување дава дополнителен увид за поддршка на Владата во планирањето на повторното отворање на училиштата. Со него се надополнува анализата презентирана од УНИЦЕФ и партнерите минатата недела за социо-економските ефекти на КОВИД-19 врз децата во Северна Македонија, што покажа дека националната платформа за учење на далечина придонесе кон систематизирање и унифицирање на образовниот процес за учениците кои посетуваа настава преку интернет, но, проблемот со пристапот до образование опстојува, особено за ранливите групи, како што се децата во ризик од сиромаштија, децата-Роми и децата со попреченост.

Истражувањето “Искуствата и ставовите на директорите на училиштата, наставниците и родителите во врска со учењето на далечина“ опфаќа искуства и ставови  на околу 15.000 испитаници собрани во текот на учебната 2020/2021 година и ги споредува со податоците собрани во текот на учебната 2019/2020 година. Наодите се базираат на онлајн-анкети, насочени интервјуа и фокус-групи спроведени во периодот јуни и декември 2020 година. Истражувањето го побара  Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Велика Британија, а беше спроведено од страна на Реактор – Истражување во акција. Целосниот извештај со дополнителни сетови податоци за натамошно користење од страна на истражувачите ќе биде достапен во претстојните недели.  

 

######

 

Податочни сетови и инструменти

Ги советуваме корисниците на податочните сетови да ја разгледаат структурата на прашалниците за да ги имаат во предвид т.н. логички патеки на поставување на прашањата. При интерпретација на наодите корисниците се повикуваат да ги земат во предвит ограничувањата на можностите за генерализација кои произлегуваат од начинот на селекција на примероците опишан во (линк од презентацијата).

Кликнете тука за да ги преземете податочните сетови и инструменти

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.