Новиот претставник на УНИЦЕФ ги предаде акредитивните писма на заменик министерот за надворешни работи

09 Октомври 2019
Новиот претставник на УНИЦЕФ ги предава акредитивните писма на заменик министерот за надворешни работи
UNICEF/2019/Georgiev

СКОПЈЕ, 9 октомври 2019 година:  Г-а Патриција ди Џовани, новата претставничка на УНИЦЕФ, денеска му ги предаде  акредитивните писма на заменик министерот за надворешни работи г. Андреј Жерновски.

При поздравувањето на новата претставничка на УНИЦЕФ, заменик министерот Жерновски изрази благодарност за добрата соработка на Владата со УНИЦЕФ во земјата. Тој ја нагласи важноста на тековната програма за соработка и изрази очекување за понатамошна заедничка работа за децата во наредната програма (2020-2025).

Г-а ди Џовани изрази пофалби за скорешните достигнувања на земјата во врска со децата. Таа особено ги истакна новиот закон за основно образование, сеопфатната реформа на системот за социјална заштита, напредокот во исполнувањето на заложбата на Владата да стави крај на сместување деца во големи институции и меѓусекторските реформи за обезбедување инклузија на децата со попреченост. Таа ја потврди посветеноста на УНИЦЕФ да продолжи со поддршка на земјата во реформите за унапредување и заштита на правата и благосостојбата на децата во Северна Македонија.

Г-а Патриција ди Џовани работела за УНИЦЕФ во Кенија, Етиопија, Иран, Ирак, Авганистан, Индија и Филипини. Пред преземањето на новата должност како претставничка на УНИЦЕФ во Северна Македонија, таа била заменик-претставничка во Кенија. Има над 25-годишно искуство работа со партнерите за заштита на децата од штетните ефекти на сиромаштијата, негативните искуства и исклучувањето. Како австралиски државјанин, г-а ди Џовани се приклучи на УНИЦЕФ во 1996 г. Има магистратура по меѓународно право и човекови права од Универзитетот на Нов Јужен Велс, дипломирала општествени науки на Универзитетот во Западен Сиднеј и стекнала вонредна диплома на државни студии (за работа со млади) од Колеџот Милпера за напредно образование во Сиднеј.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.