Над 20 милиони деца во светот ја пропуштиле годишната вакцина против морбили во последниве 8 години, создавајќи пат за актуелната глобална епидемија - УНИЦЕФ

25 Април 2019
A doctor administrating a measles shot to a small girl held by her mother
UNICEF/2019/Georgiev

ЊУЈОРК, 25 април 2019 година – Околу 169 милиони деца ја пропуштиле првата доза од вакцината против морбили во периодот меѓу 2010 и 2017 година, односно просечно 21,1 милион деца годишно, изјави УНИЦЕФ денеска.

Сѐ поголемиот број невакцинирани деца создаде пат до појавата на морбили во неколку земји низ светот денес.

„Темелот за глобалната епидемија на морбили на која сме сведоци денес беше поставен пред неколку години“, изјави Хенриета Фор, извршен директор на УНИЦЕФ. „Вирусот на морбили секогаш ќе најде невакцинирани деца. Ако сакаме да бидеме сериозни и да го спречиме ширењето на оваа опасна, но спречлива болест, треба да го вакцинираме секое дете, како во богатите, така и во сиромашните земји.“

Во првите три месеци од 2019 година, пријавени се над 110.000 случаи на морбили во светот - што е речиси 300 отсто повеќе од истиот период лани. Се проценува дека 110.000 лица, од кои повеќето се деца, починале од морбили во 2017 година, пораст од 22 отсто во споредба со претходната година.

Две дози од вакцината против морбили се суштински за заштита на децата од оваа болест. Меѓутоа, поради немање пристап, слаб здравствен систем, попустливост, а во некои случаи, и поради страв или скептицизам во врска со вакцините, покриеноста во светот со првата доза од вакцината се пријавува на 85 проценти во 2017 г., бројка што остана релативно постојана во последнава деценија и покрај порастот на населението. Глобалната покриеност со втората доза е многу помала, со 67 проценти. Светската здравствена организација препорачува праг од 95 проценти покриеност со имунизација за да се постигне таканаречениот „колективен имунитет“.

Првите десет земји со висок приход каде децата не се вакцинирани со првата доза против морбили во периодот 2010-2017 г. (во илјади)

1. САД: 2.593.000

2. Франција: 608.000

3. Велика Британија: 527.000

4. Аргентина: 438.000

5. Италија: 435.000

6. Јапонија: 374.000

7. Канада: 287.000

8. Германија: 168.000

9. Австралија: 138.000

10. Чиле: 136.000

Според последните податоци, иако покриеноста со првата доза во земјите со висок приход изнесува 94 отсто, покриеноста со втората доза опаѓа на 91 отсто.

САД е на врвот на листата на земји со висок приход каде повеќето деца не ја добиле првата доза од вакцината меѓу 2010 и 2017 година, со над 2,5 милиони. По САД следат Франција и Велика Британија, со над 600.000 и 500.000 невакцинирани деца, соодветно, во текот на истиот период.

Во земјите со низок и среден приход, состојбата е критична. На пример, во 2017 година, Нигерија имала најголем број деца под една година кои ја пропуштиле првата доза, со речиси 4 милиони. По неа следат Индија (со 2,9 милиони), Пакистан и Индонезија (со по 1,2 милиони), и Етиопија (со 1,1 милион).

Во светот, степенот на покриеност со втората доза од вакцината против морбили е уште поалармантен. Од првите 20 земји со најголем број невакцинирани деца во 2017 година, 9 не употребиле втора доза. Дваесет земји во супсахарска Африка не ја вовеле потребната втора доза во националниот план за вакцинација, со што над 17 милиони деца годишно се изложени на поголем ризик од мали сипаници во детството.

УНИЦЕФ, со своите партнери како Иницијативата против морбили и рубеола и Гави, Алијансата за вакцинација, помага во решавањето на кризата со морбили преку:
 

  • Договарање на цените за вакцини: цената на вакцината против мали сипаници сега е најниска во историјата;
  • Помагање на земјите да ги откријат недоволно покриените области и деца;
  • Набавка на вакцини и други материјали за имунизација;
  • Поддршка на кампањи за дополнителна вакцинација заради решавање на недостатоците во рутинската имунизација;
  • Работа со соодветните земји заради воведување на втората доза од вакцината против мали сипаници во националниот план за имунизација. Камерун, Либерија и Нигерија се на добар пат за тоа во 2019 година.
  • Воведување иновации како на пр., употреба на соларна енергија и мобилни технологии заради одржување на потребната температура на вакцините.

„Малите сипаници се премногу заразни“, рече Фор. „Пресудно е не само да се зголеми покриеноста, туку и да се одржи стапката на вакцинација со потребните дози за да се создаде сеопфатен имунитет за сите“.

######

Забелешки за уредниците – податоци за нашата земја

Според последните расположиви податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на појавата на морбили во декември 2018 до 18 априлд 2019 имало вкупно 1081 случаи на морбили (стапка од 52,2 на 1,000 што е највисока стапка во последните десет години). Меѓу оние кои се најпогодени се 184 деца на возраст под 12 месеци (највисока инцидентна стапка од 787,2 на 100.000) и 189 деца на возраст од 1-4 години (втора највисока стапка на инциденца од 203,6 на 100.000). Податоците за опфат со вакцините покажуваат тренд на опаѓање на ММР вакцината од 2014 година. Просечниот опфат со ММР вакцина во Северна Македонија за 2018 година беше 74,8% за првата вакцина и 93,8% за втората доза. Од деца под 12 месеци кои имаат право на прва доза, околу 5.959 остануваат невакцинирани, од кои 2.246 (37.7%) во Скопје и 742 (12.5%) во Куманово.

Преземете фотографии и б-ролни тука.  

За анализата

Анализата се заснова врз Проценката на УНИЦЕФ и СЗО за националната имунизација во 194 земји за 2017 година. Провизорните податоци за мали сипаници и рубеола се базираат врз месечните податоци пријавени до СЗО во Женева, во април 2019 г. За земјите со висок приход, следете ја класификацијата на земјите на Светска банка според приходот, во јули 2018 година.

За Светската недела на имунизацијата

Одбележувајќи ја во последната недела од април, целта на Светската недела на имунизацијата е да се промовира користењето на вакцини за заштита од болести на луѓето од сите возрасти. Дознајте повеќе детали за напорите на Светската недела на имунизацијата на УНИЦЕФ тука.

За Иницијативата против морбили и рубеола

УНИЦЕФ е дел од Иницијативата против морбили и рубеола, јавно-приватно партнерство во кое се вклучени СЗО, ЦДЦ, Фондацијата на Обединетите нации и на американскиот Црвен крст, а кое го предводи глобалното движење за елиминација и контрола на малите сипаници и рубеолата.

За повеќе информации, ве молиме контактирајте со:

Сабрина Сидху, УНИЦЕФ Њујорк, +1 917 4761537, ssidhu@unicef.org   

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.