МТСП: Обезбедуваме топол дом за секое дете, вработените од „Мајчин дом“ Битола се подготвуваат за целосна трансформација на институцијата

16 Јули 2019
A photo of the group of employees on the training
2019

Вработените од Домот за доенчиња „Мајчин дом“ Битола се подготвуваат за целосна трансформација на институцијата. Денеска и утре учествуваат на обука која што треба да заврши на есен. Целта е да се подготви персоналот за престојните промени, кои се дел од преминувањето од згрижување во институција кон давање на услуги во заедницата на доенчињата и децата.

Со досегашниот процес на деинституционализација во „Мајчин дом“ Битола за две третини е намален бројот на деца коишто престојуваат во оваа институција. Наша цел како Министерство е на сите да им најдеме топол дом. Истовремено, обезбедуваме квалитетни услуги на локално ниво кои ќе бидат поддршка на згрижувачите, биолошките родители и на децата. Вкупниот број на деца сместени во институции е намален за 75 %, а наша главна заложба е сите деца да ги извадиме од големите безлични институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето квалитетна база на згрижувачки семејства, децата повеќе не се згрижуваат во гломазните установи.

Обуката која започнува денес опфаќа и развивање и подобрување на меѓусебната комуникација и разбирање, зајакнување на тимскиот дух, но и полесно прилагодување во нови работни опкружувања. Организирана е од Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од УНИЦЕФ и Британската амбасада.

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.