Млади иноватори од нашата земја се победници на натпреварот „Идеи за акција“ на Светска банка

24 Декември 2020
Тимот Нешто Нетипично со претставничката на УНИЦЕФ и директорот на Телеком
UNICEF/2019

Светска банка и Зиклин центарот при Бизнис школата Вартон на Универзитетот во Пенсилванија ги објави победниците на својот глобален натпревар „Идеи за акција“ (Ideas4Action).

Еден од седумте победници, во конкуренција од 4 000 тимови се младиот тим „Нешто нетипично“ учесници на националниот младински предизвик Генерација без граници, дел од партнерството на Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ.

Нивното иновативно решение е мобилната апликација - Walkiie со која семејствата и пријателите на лицата со попреченост се поврзуваат со волонтери, кои организираат социјални активности за овие лица.

„Многу сме среќни за успехот што го постигнавме што не е само наш, личен, туку и успех  за целата држава. Благодарни сме на приликата што ја добивме и поддршката, а најмногу се радуваме што апликацијата вистински ќе им помогне на лицата со попреченост“- рече Елена Божиновска од тимот Нешто нетипично.

Со младинскиот предизвик Генерација без граници, млади иноватори беа поканети преку јавен повик да креираат иновативни решенија како одговор на прашањето „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот? Освен финансиска, тимовите добија и менторска поддршка од инженери, ИТ и маркетинг специјалисти.

„Навистина беше чест да се работи со ваков тим млади луѓе, кои и самите се волонтери и јасно ја согледаа потребата од ваква апликација која ќе направи разлика во квалитетот на живот на лицата со попреченост“ – вели Боро Петкоски од Македонски Телеком, ментор на тимот Нешто нетипично.

Ова е второ големо признание за младите тимови од иницијативата Digital Inclusion. Неодамна, тимот e-Bionics победи на глобалниот младински предизвик Генерација без граници 2019/2020, во категоријата тимови на возраст под 18 години. Нивното решение VenusArm (Раката на Венера) е 3Д печатена бионичка рака наменета за лицата со недостаток на горен екстремитет.

 

За младинскиот предизвик Генерација без граници во Северна Македонија

Кај нас, националниот младински предизвик е дел од партнерството на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, а го спроведува Лабораторијата за социјални иновации Смарт Ап со локална поддршка од Сојузот на извидници. Младите беа поканети преку јавен повик да креираат иновативни решенија како одговор на прашањето „Како може дигиталната технологија да придонесе кон поактивно вклучување на децата и младите во образованието и во секојдневниот живот?“ Успешните кандидати беа поканети да учествуваат во работилници за разработка на идеите и петте најветувачки идеи беа наградени со по 1.000 американски долари, а добија и менторство за поддршка при реализација на проектите. Два тима беа одбрани да учествуваат на глобалниот предизвик. За да дознаете повеќе за Генерација без граници во Северна Македонија посетете ја страницата https://www.genunlimited.mk/.
 

 

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска
Тел: (02) 3231-244
Е- пошта: spappas@unicef.org
Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.