Менталното здравје ги засега сите

Конференцијата за ментално здравје на УНИЦЕФ со повик за меѓу-секторска соработка во напорите да се зајакне поддршката на менталното здравје на децата, младите и нивните семејства

03 Мај 2023
Patrizia DiGiovanni, UNICEF Representative.
UNICEF/2023/Georgiev

Скопје, 3 мај 2023:  На конференцијата “Менталното здравје ги засега сите“, УНИЦЕФ, заедно со клучните чинители и партнери од земјата, отвори дискусија за системско зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, со посебен осврт на зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодеветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.

„Во текот на изминатите години направени се чекори во контекст на подигнување на свеста за менталното здравје и разбивање на стигмата поврзана со него. Сѐ повеќе луѓе  зборуваат за нивните сопствени борби со менталното здравје; сѐ почесто се разговара за корелацијата меѓу менталното и физичкото здравје. Но, очигледно имаме уште многу работа. И како индивидуи, и како колектив,“ рече Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на Северна Македонија во своето воведно обраќање.

“Сериозноста на ситуацијата налага меѓусекторски одговор за развој на веќе постоечката национална стратегија, како што сугерираат и самите студии: преку повеќе инвестиции во услуги за менталното здравје и психо-социјална поддршка за сите деца, адолесценти и семејства, поддршка за семејствата преку програми кои промовираат позитивно родителство и грижа, промена на наративот за перцепцијата на негата на менталното здравје,“ рече таа.

Elizabeta Gjorgievska
UNICEF/2023/Georgiev

Во текот на својот живот децата и младите искусуваат различен степен на ментално здравје и добростостојба. Според глобалните податоци, 1 од 10 ќе искуси и проблеми со менталното здравје.

 

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани при отворањето на конференцијата истакна дека кога зборуваме за менталното здравје, често ставаме акцент на медицинскиот третман, на состојбите што треба да се дијагностицираат и за кои треба да се препишат лекови.

“Но, менталното здравје е неопходно да се сфати како континуитет. Во разни фази од нашиот живот, секој од нас може да е со добро ментално здравје, односно да има способност да ужива во животот и да се носи и со добрите и со лошите денови. Сепак, секој од нас може и да доживее периоди на сериозна изложеност на стрес и вознемиреност. Токму поради тоа, неопходни се услуги и програми за ментално здравје, воедно и промовирање на здрава и поддржувачка средина што ја негува целокупната добросостојба на децата, старателите и општеството како целина“, рече таа.

УНИЦЕФ ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, вклучително и  главните наоди од двете истражувања за менталното здравје – први од таков вид во земјата – што беа спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија во текот на третата година од пандемијата со КОВИД-19 во средината на 2022 година.

Artur Ayvazov
UNICEF/2023/Georgiev

Целта на Студијата Менталното здравје на адолесцентите и нивните старатели за време на пандемијата со КОВИД-19 и Менталното здравје на жените во перинаталниот период за време на пандемијата со КОВИД-19 беше да се обезбедат насоки базирани на докази за да се осмислат здравствени, социјални, образовни и економски политики и активности за зајакнување на менталното здравје и добросостојбата на децата и нивните семејства.

За време на пандемијата адолесцентите се соочија со драматичен прекин на нивните вообичаени дневни рутини и оттука и со поголеми предизвици во однос на менталното здравје во споредба со возрасните. Студиите потврдуваат дека долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, имаа големо влијание врз менталното здравје на адолесцентите. Како последица на тоа, се зголеми и нивното чувство на депресија и анксиозност.

Секој трети адолесцент вклучен во истражувањето изјавил дека има симптоми на депресија. Многу поголема е веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата – дури шест пати. 42 отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. Во споредба со нивните стратели, тие исто така пројавиле повисок интензитет на суицидални мисли како последица на депресијата и стравот од КОВИД-19. И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за ментално здравје, не побарале такви услуги.

Gabrielle Fontana
UNICEF/2023/Georgiev

“Многу деца и адолесценти се борат во тишина, поради стигмата или затоа што нема доволно иницијативи што го промовираат и штитат менталното здравје и грижата за оние на кои им е најпотребна. Цената на оваа тишина може да се пресмета во изгубениот човечки капитал, а тоа влијае врз хармонијата и просперитетот на семејствата, заедниците и државите“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Студијата за менталното здравје на жените во перинаталниот период покажува дека повеќе од 54 отсто од младите мајки што пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

Значаен аспект од поддршката на УНИЦЕФ за менталното здравје е децата да учат во училишта што обезбедуваат сигурна и заштитничка околина без насилство. Во тој контекст, УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД работеше со Бирото за развој на образованието за да им понуди можност на училиштата да промовираат позитивно ментално здравје и добросостојба, да ја зајакнат отпорноста и да градат животни вештини кај учениците, да се борат против стигмата и да го зајакнат пристапот до услуги за поддршка на менталното здравје.

Conference
UNICEF/2023/Georgiev

Како резултат на овие интервенции, 60% од вработените во училиштата, вклучително и психолози и педагози посетуваа обука за воведување програма за ментално здравје и психо-социјална поддршка. Вкупно 3,000 наставници од одделенска настава беа обучени за примена на модулот за ментално здравје како дел од Националниот концепт за основно образование.

Со финансиска поддршка од УСАИД и Европската унија, УНИЦЕФ исто така обезбеди поддршка за практичарите што работат со најранливите групи деца и семејства. Повеќе од 100 социјални работници се здобија со алатки за да ја подобрат сопствената психолошка издржливост и за да обезбедат подобар системски одговор на кризни ситуации.  За потребите на децата и семејствата беше воспопставена телефонска линија за психоцосијална поддршка и совети за менталното здравје.

Conference
UNICEF/2023/Georgiev

Како еден од следните чекори по конференцијата за ментално здравје, УНИЦЕФ ќе продолжи со поддршката на унапредувањето на Националната стратегија за ментално здравје со фокус на четири области што бараат меѓу-секторска соработка:

Промена на јавниот дискурс и намалување на стигмата поврзана со менталното здравје во сите поставки: Промена на начинот на кој се зборува за менталното здравје и на јавната перцепција за проблемите со менталното здравје како и поврзаните прашања за злоупотреба и занемарување.

Инвестирање за сите
: Зголемување и подобро насочување на инвестициите во менталното здравје и во услугите за психо-социјална помош на децата, адолесцентите и семејствата.

Промовирање на менталното здравје и превенција во семејството: Поддршка за семејствата преку програми што промовираат позитивно родителство и давање поддршка за подобра добросостојба и ментално здравје на старателите.

Интервенции во училиштата и на ниво на заедницата: Обезбедување услови за сите деца и адолесценти да учат и да имаат интеракција во сигурно и безбедно окружување без насилство преку поддршка и пристап до услуги за ментално здравје за сите што имаат потреба од таква помош.

_______________________________________________________________________

Доколку вие или некој што познавате има потреба од психо-социјална помош или поддршка на менталното здравје, јавете се на 072 912 676 за анонимен и доверлив совет од клинички психолози од Универзитетската клиника за психијатрија.

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.