Изјава на претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани по повод Меѓународниот ден на образованието

25 Јануари 2021
Девојче во црвена блуза свртена со грб пишува со креда на зелена табла
UNICEF/2020/Georgiev

Скопје, 25 јануари 2021 година – Денес го прославуваме Меѓународниот ден на образованието со глобална тема „Да се обнови и да заживее образованието за генерацијата на КОВИД-19“.

Пандемијата на КОВИД-19 предизвика невидено нарушување на образованието во светот. Нееднаквиот пристап до можностите за далечинско учење, загубата на приходи во домаќинствата, дискриминацијата и слабите услуги на социјална заштита значат дека најранливите деца заостануваат далеку зад своите врсници и многу од нив се во ризик од целосно напуштање на образованието.

Треба да имаме на ум дека дури и пред КОВИД-19, постоеше образовна криза, при што според последните резултати на ПИСА, над половина од петнаесетгодишните ученици во земјава не успеаја да покажат дека ги совладале основите на читање и математика.

Во нашата скорешна анализа на образовниот систем во земјата, спроведена заедно со ОЕЦД, беа посочени главните причини за негативните трендови во образовните резултати, од кои следниве се меѓу најважните:

  • Иницијалното образование за наставници не ги оспособува новите наставници со минимум наставнички компетенции;
  • Наставниците не добиваат доволно можности за континуиран професионален развој и напредување во кариерата;
  • До 14-та година од животот, учениците во основното образование добиваат речиси 900 часови помалку настава споредено со другите земји на ОЕЦД;
  • Оценувањето не е засновано на утврдени национални наставни стандарди и не пренесува веродостојни и целесообразни информации за успехот на учениците;
  • Само 28% од децата со попреченост посетуваат основно образование;
  • Нема доволно финансиски средства за поддршка на висококвалитетна настава и обезбедување подобри можности за учење на сите ученици.

Токму поради ова, без амбициозни зафати во образованието, пандемијата на КОВИД-19 уште повеќе ќе ја продлабочи сегашната образовна криза, со катастрофални последици по генерации ученици, како и по економската продуктивност и социјалната кохезија во земјата.

На овој меѓународен ден на образованието, УНИЦЕФ ги повикува сите чинители да останат посветени на реформите во образовниот систем базирани на докази, при што учениците да бидат во центарот на промените.

Истражувањата во светски рамки покажуваат дека главниот двигател на добрите резултати во образованието е квалитетот и компетентноста на наставата. Затоа, пресудни за добриот образовен систем се мотивирани и компетентни наставници. Образовниот систем, на чело со наставниците, треба да им помогне на учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел.

Во моментов, земјата е во процес на реформа на образованието. Оттука, треба да има поголемо вложување во професионалниот развој на наставниците во и вон училиштето, со цел наставниците да добијат пристап до можности за учење и можности да напредуваат во кариерата. Потоа, треба да се зголеми времето што учениците го поминуваат во основно училиште; да се обезбедат услови за целосно вклучување на учениците со попреченост во редовниот образовен систем во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост; да се зајакнат критериумите за избор на кандидати за идни наставници на наставничките факултети, давајќи им предност на оние со добри познавања и вештини за квалитетна настава; и да се стави фокус врз ефективна и ефикасна распределба на средствата, обезбедувајќи праведно финансирање и повисоки финансиски средства за училиштата воопшто.

Сега е време да се зајакне соработката и националната солидарност, а образованието да биде фокус на обновување и трансформација во насока на поквалитетна настава и учење за СИТЕ деца и млади за време на пандемијата на КОВИД-19 и потоа, во фазите на закрепнување. Време е да се инвестира во подобар образовен систем со цел образованието да стане средство за негување социјална правда, мир, почитување на различноста, човековите права и демократските вредности.

#ДенНаОбразованието

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.