Една година дигитален образовен портал Едуино

17 Март 2021
Graphic design
SmartUp Innovation Lab

Скопје, 17 март 2021 година: УНИЦЕФ и партнерите одбележаа една година од Eдуинo – дигитален веб-портал за образование, соработка и професионален развој којшто започна со работа во март 2020 година како одговор на потребата од дигитални образовни ресурси за да продолжи наставата и учењето на далечина во услови на пандемија.

По затворањето на училиштата за повеќето ученици во Северна Македонија, Едуино понуди богати ресурси што ги подготвија наставниците од целата земја, дигитални содржини за наставниците и учениците, но и образовни алатки и над 400 игри за родителите на деца на предучилишна возраст за да го поттикнат развојот на своите деца дома.

“Денес, благодарение на илјадници наставници кои несебично вложија време и знаење, Едуино разви дигитална библиотека со над 3.700 видеолекции. Сите видеолекции се со содржини кои се во согласност со наставните програми за предучилишно, основно и средно образование и се одобрени од Бирото за развој на образование. Оваа библиотека е од трајна вредност за нашиот образовен систем и користењето на овие ресурси може да продолжи и во услови на редовна настава со физичко присуство,“ рече Мила Царовска, министерка за образование и наука.

“Едуино порталот создаде простор каде воспитувачите и родителите може да ги искористат своите креативни идеи и да создадат образовни материјали, да креираат игри кои може да се користат и во занимална, но и дома. Целта е постигната. Обезбедена е квалитетна едукација и анимација на децата. За само една година поставени се над 300 видео лекции за предучилишно воспитание и образование. Дополнително, развиени се и 220 едукативни активности за употреба во домашни услови, а 440 нови ќе бидат објавени до април оваа година,“ рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

“Низ процесот на создавање на Едуино, покрај креираните дигитални ресурси и алатки, се разви и заедница на едукатори за сосоздавање и иновација во образованието. Сите материјали што се креираат поминуваат низ систем за верификација и одобрување, со што се обезбедува квалитет на содржините што Едуино ги нуди, како и нивна компатибилност со наставниот план и програма“, рече Зекирија Хасипи, в.д. директор на Бирото за развој на образованието.

На средбата, учесниците им оддадоа признание на заедничките постигнувања на заедницата Едуино и разговараа за наодите од сеопфатното истражување за искуствата од учење на далечина, спроведено со поддршка на УНИЦЕФ, а во соработка со Министерството за образование и наука и со Реактор-истражување во акција. Истражувањето се одвиваше во две фази, во текот на учебната 2019/2020 и учебната 2020/2021 година.

Според повеќе од 16.000 испитаници, директори на училишта, наставници, родители и ученици, над половина од целиот наставнички кадар редовно ги користел образовните дигитални ресурси на порталот Едуино.  

„Заслугите за успехот на Едуино мора да им припаднат на луѓето што денес ги именуваме како амбасадори на Едуино. Јасно ги гледаме извонредните резултати на полетни, креативни, посветени и одлучни професионалци кои не дозволија пандемијата да ги спречи да ги образуваат нашите деца“, рече Н.Е. Рејчел Галовеј, амбасадорка на Велика Британија. 

Ако се споредат наодите од истражувањето во првата фаза што ја опфаќаат учебната 2019/2020 година со наодите од учебната 2020/2021 година, очигледно е дека и наставниците и учениците се подобро прилагодени на користење дигитални алатки за учење и комуникација на далечина. Но, истражувањето покажува и дека со префрлањето кон виртуелна настава, училиштата, учениците и наставниците се соочија со нови тешкотии и предизвици.

„Со задоволство можам да ја констатирам неверојатно брзата адаптација на образовниот систем кон учење на далечина и огромниот напор за воспоставување на Националната платформа за настава од далечина и порталот Едуино“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Едуино дојде во време кога беше најпотребно. Иако ги потврдуваме одличните резултати постигнати за една година, треба да се потсетиме и дека за повеќето деца училиштата останаа и натаму затворени. Треба да продолжиме да работиме за сите деца да може безбедно да се вратат на настава во училиште. Мора да обезбедиме повеќе од само место за учење предмети, мора да обезбедиме место за игра, дружење и развивање вештини за 21-иот век.“

И пред КОВИД-19, образовната криза опстојуваше во земјата, а затворањето на училиштата го влоши проблемот. Најранливите деца заостануваат зад своите врсници, а многумина од нив се во ризик целосно да го напуштат училиштето. Истражувањата покажуваат дека дигиталниот јаз ја одржува нееднаквоста, а образованието за оние без пристап до интернет е вон дофат.

Во рамките на тековната образовна реформа во земјата, се предлагаат решенија како што се  подолг престој/часови на училиште, поголема автономија на училиштата, учење на повисоко ниво, а и повеќе изборни предмети и воннаставни активности.

Ваквите цели произлегуваат од наодите во прегледот на ОЕЦД, а со нив може да се поддржат подобри наставни резултати кај децата и да се создадат диференцирани патеки на учење врз основа на нивните интереси и способности.

„Креирањето професионални заедници и поттикнувањето на духот на споделување и размена на идеи, мислења и ресурси е една од клучните пристапи кои се потребни за подобрување на образованието. Навистина сме горди на нашата ЕДУИНО заедница која заеднички создава нови ресурси кои се неизмерна важност на идните генерации," рече Александар Лазовски, програмски менаџер на СмартАп - Лабораторија за социјални иновации. 

Едуино порталот сега има заедница од 22.700 корисници кои добиваат неделни новости за вебинари и отворени ресурси. Над 6.000 родители, воспитувачи, наставници и други образовни професионалци придонесуваат за збогатување на ресурсите и за динамична заедница.

Како дел од Програмата за социјална кохезија и културен дијалог  Основи за иднина  финансиски поддржана од  Владата на Обединето Кралство  преку Британската амбасада во Скопје, иницијативата Едуино ја спроведува УНИЦЕФ во партнерство со Министерството за образование и наука и со Министерството за труд и социјална политика, а ја раководи Бирото за развој на орбазованието и СмартАп - Лабораторија за социјални иновации. 

Контакти за медиуми

Ирина Ивановска
Тел: (02) 3231-172
Е- пошта: iivanovska@unicef.org

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebookInstagram и YouTube.