Долготрајните конфликти, климатската криза, нарушувањето на менталното здравје и дезинформациите на интернет меѓу најголемите нови закани по децата - УНИЦЕФ

Во отвореното писмо по повод 30-годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, извршниот директор на УНИЦЕФ алармира за сѐ поголемите сегашни и идни предизвици со кои се соочуваат децата

20 Септември 2019
Профилна фотографија од директорката на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, текст во позадина
UNICEF/2019

ЊУЈОРК, 18 септември 2019 година – Долготрајните конфликти, влошувањето на климатската криза, сѐ побројните проблеми со менталното здравје меѓу младите и дезинформациите на интернет се некои од најзагрижувачките нови глобални закани по децата, изјави УНИЦЕФ денеска во отвореното писмо од извршниот директор на организацијата, Хенриета Фор.

Освен постојните проблеми со кои се соочуваат младите, како што се пристапот до образование, сиромаштијата, нееднаквоста и дискриминацијата, во воведното писмо се предупредува на новите закани по правата на децата и се препорачува начин за зајакнување на напорите за нивно решавање. Писмото се објавува како дел од одбележувањето на УНИЦЕФ на 30-годишнината од Конвенцијата за правата на детето - најшироко ратификуваниот договор за човекови права во светот.

„А вашата генерација денешни деца се соочува со нови предизвици и глобални промени кои беа незамисливи за вашите родители“, пишува Фор. „Нашата клима се менува до непрепознатливост. Нееднаквоста се продлабочува. Технологијата ја трансформира нашата перцепција за светот. Повеќе семејства мигрираат од кога било досега. Детството се измени, а со него треба да го смениме и нашиот пристап.“

Во писмото се истакнуваат осум растечки предизвици за децата во светот: продолжениот конфликт; загадувањето и климатската криза; опаѓањето на менталното здравје; масовните миграции и движења на населението; бездржавноста; идните вештини за идните работни места; правата на податоци и приватност на интернет; и дезинформациите на интернет.

За конфликтите, во писмото се посочува дека бројот на земји што се соочуваат со конфликт е највисок откако беше донесена Конвенцијата за правата на детето во 1989 година, при што секое четврто дете живее во земја погодена од насилни борби или катастрофи.

За климатските промени, во писмото се предупредува дека децата веќе се соочуваат со неконтролирано уништување на планетата и со глобална климатска криза која има потенцијал да го поткопа поголемиот дел од придобивките постигнати за опстанокот и развојот на децата во изминатите 30 години. Порастот на екстремните временски услови и затруениот воздух, долготрајната суша и интензивните поплави се дел од оваа криза, и несразмерно ги погодуваат најсиромашните, најзагрозените деца.

УНИЦЕФ работи на ублажување на ефектите од климатската криза во земјите низ светот. На пример, во Етиопија, УНИЦЕФ е пионер во новата технологија за мапирање на подземните води и развива решенија за заедниците со хроничен недостиг на вода. Во Малави, УНИЦЕФ има развиено долготраен еколошки систем со помош на сончевата енергија за да се подобри пристапот до чиста вода на заедниците. Сепак, мора да се направи повеќе за целосно да се забават климатските промени.

„Владите и бизнисот мора да работат рака под рака во насока на намалување на потрошувачката на фосилни горива, развивање почисти земјоделски, индустриски и транспортни системи, и да инвестираат во проширување на обновливите извори на енергија“, пишува Фор.

Во писмото се изразува и загриженост поради тоа што поголемиот дел од децата ќе пораснат родени во дигитална средина презаситена со дезинформации на интернет. На пример, т.н. „скриена лажна“ технологија користи техники на вештачка интелигенција за релативно лесно креирање на убедливи лажни аудио-визуелни содржини. Во писмото се предупредува дека интернет-средината, каде што вистината тешко се разликува од фикцијата, има потенцијал целосно да ја поткопа довербата во институциите и изворите на информации, а се покажа и дека ги искривува демократската дебата и намерите на гласачите, и дека сее сомнеж за другите етнички, религиозни и социјални групи.

Во писмото се предупредува дека дезинформациите на интернет веќе ги прават децата подложни на измами, злоупотреба и други форми на експлоатација, искривувајќи ја демократската дебата, а во некои заедници, дури и поттикнувајќи повторна појава на смртоносни болести поради недовербата во вакцините поткрепена со онлајн-дезинформации - чиишто резултати може да бидат создавање на една цела генерација граѓани кои не веруваат во ништо. За да одговори на овој предизвик, УНИЦЕФ пилотира програма за медиумска писменост, како на пр., програмата „Млади репортери“ во Црна Гора, насочена кон подучување на младите да забележуваат дезинформации на интернет, да ги проверуваат фактите на интернет-содржините, како и за улогите и техниките на одговорно новинарство.

„Во дигиталната ера веќе не смееме да се потпираме врз наивното уверување дека вистината има природна предност пред лагата, па затоа, како општества мора да развиеме отпорност на секојдневниот наплив од лажност на интернет“, пишува Фор. „Треба да почнеме оттаму што ќе ги оспособиме младите да знаат кому и на што ќе веруваат на интернет, за да станат активни, ангажирани граѓани“.

Околу менталното здравје, во писмото се предупредува дека менталните болести кај адолесцентите се во пораст во годините од усвојувањето на Конвенцијата, и дека депресијата сега е меѓу водечките причини за попреченост кај младите. Во писмото се повикува да се стави приоритет на соодветно унапредување, заштита, терапевтски третман и рехабилитација на децата и младите засегнати од ментални здравствени проблеми, а и да се преиспитаат стигмата и табуата околу менталните болести, со цел да се побара лекување и да се обезбеди поддршка.

На крајот, во писмото се признава дека децата и младите веќе создадоа движења низ светот во потрага по решенија за надминување на предизвиците со кои се соочуваат тие и нивните врсници, и се повикуваат светските лидери да го следат нивниот пример.

„Вие, децата и младите денес, преземате водство барајќи итна акција и оспособување на себе си за осознавање и обликување на светот околу нас“, пишува Фор. „Сега вие заземате став, а ние слушаме.“  

Контакти за медиуми

Сузи Папас Чаповска

Тел: (02) 3231-244

Ирина Ивановска

Тел: (02) 3231-172

За УНИЦЕФ

УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.

За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.

Следете го УНИЦЕФ на TwitterFacebook, Instagram и YouTube.