Додека преомислуваме подобра иднина за секое дете, да не дозволиме децата со попреченост да заостанат
Изјава од претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Скопје, 3 декември 2021 година – „Додека преомислуваме подобра иднина за секое дете, на овогодинешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост мораме да се запрашаме што може општеството да стори за да обезбеди сите деца – без оглед на нивните способности – да имаат еднакви појдовни основи за постигнување на своите целосни потенцијали.
Сите деца поседуваат огромен потенцијал. Фокусирање само на попреченоста кај едно дете без да се согледа детето во целина доведува до ограничување на тој потенцијал. Како и сите деца, децата со попреченост во себе носат можност за среќен и содржаен живот, витално учество во заедницата и придонес во градењето инклузивно и одржливо општество.
Едно општество не може да биде правично ако не се вклучени сите деца, а децата со попреченост не може да бидат вклучени ако не се промени нивната околина на начин што го овозможува и го поддржува нивно учество.
Северна Македонија направи огромни напори за воведување инклузивни практики во здравството, образованието и социјалната заштита. Воведувањетo на нов модел на проценка врз основа на Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје (МКФ); новиот закон за основно образование кој предвидува целосно воведување на инклузивно образование и преобразба на специјалните училишта во ресурсни центри; престанок на сместувањето деца во големи установи за постојано згрижување; воведување скрининг за рано откривање на заостанување во развојот; и проширување на опсегот услуги лоцирани во заедниците со кои им се обезбедува поддршка на семејствата, се некои од главните одредници во настојувањата децата со попреченост да го заземат местото во општеството што со право им припаѓа.
На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост апелираме до сите чинители да продолжат да ги одржуваат овие повеќесекторски напори за да не се дозволи заостанување на децата со попреченост. Овие реформи мора да станат реалност во секоја заедница во земјата со цел сите деца со попреченост да ја добијат потребната поддршка за да можат да одат на училиште заедно со нивните врсници и да ги добиваат здравствените и социјалните услуги што им се потребни.
Детето кое се оценува врз основа на способностите што ги има, ќе се здобие со поголема самодоверба, ќе има подобри изгледи за вклучување во образование – почнувајќи од предучилишното образование и во секојдневниот живот. А стручните работници кои ги знаат способностите на децата можат подобро да осмислат индивидуализирани планови за поддршка на инклузијата - од пристап до асистивна технологија до планови за учење. Исто така, вклучувањето на децата со попреченост им помага на сите деца во една училница да научат повеќе за сочувствителноста, правичноста, соработката и општествената солидарност, а тие вредности се одразуваат врз подобрувања на оценките и училишниот успех.
Во основа, да се гледа на децата од перспектива на она што се способни да постигнат во услови кога би се отстраниле бариерите, помага во создавањето општество во кое попреченоста ќе се смета за вообичаен дел од животот и различноста помеѓу луѓето и во кое сите деца ќе бидат вклучени и ќе учествуваат.“
Белешки за уредниците:
- На 8 декември Јане Велковски од Северна Македонија ќе има обраќање на Младински TED - Youth TED Talk на првиот Глобален форум за деца и млади (#ChildYouthForum) – тридневен виртуелен форум што ќе се одржи од 7 до 9 декември 2021 година, на кој децата и младите ќе се состануваат со лидери од Обединетите нации, владини институции, деловни субјекти, филантропски организации и граѓанското општество, како и со автори, уметници и влијатели. Во текот на три дена, тие заеднички ќе разменуваат идеи и ќе ги забрзуваат докажаните и новите решенија, ќе инспирираат заложби од учесниците за создавање промени, и ќе мобилизираат ресурси за унапредување на детските права за постигнување на Целите за одржлив развој до 2030 година. Форумот ќе се пренесува во живо на веб-страницата #ChildYouthForum и обраќањето на Јане Велковски на Youth Ted Talk ќе биде објавено на глобалната страница TED.com во петок, 10 декември 2021 година.
- УНИЦЕФ обезбеди насоки од ОН за терминологија на македонски јазик што е инклузивна за лицата со попреченост. Упатен е повик до наставниците од основните училишта од целата земја на 3 декември да одржат интерактивни предавања со децата за да работат на менување на изразите што се користат во овој домен. Материјалите вклучуваат план за наставниот час, презентација и квиз за попреченост, изработени во консултација со Бирото за развој на образованието. На уредниците им се препорачува да ги споделат овие материјали со новинарите и другите колеги што работат во медиумите, со цел во медиумите да се користат изрази со кои се поддржува унапредувањето на правата на лицата со попреченост.
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.