Дигиталната апликација Сиборд му дава глас на секое дете
Дигиталната апликација Сиборд е прилагодена за локална употреба на македонски и албански јазик за да се олесни комуникацијата на децата со нарушувања на говорот и тешкотии во комуникацијата
Скопје, 12.05.2022: УНИЦЕФ и партнерите ја претставија дигиталната апликација и алатка за асистивна технологија, Сиборд, креирана за да им помогне на децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот за да можат да комуницираат и да ги искажат своите потреби, чувства и мисли.
“Комуникацијата е во сржта на секоја интеракција меѓу луѓето. Децата кои имаат тешкотии со говорот често не успеваат да бидат разбрани, а тоа може да биде пречка во нивните секојдневни интеракции, развој, образование и социјална вклученост. Со Сиборд, децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат себеси, а со тоа и шанса да покажат што можат да постигнат,“ рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. “Ги охрабруваме родителите, воспитувачите и наставниците да ја користат оваа алатка за да се премостат бариерите кои оневозможуваат активно учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството.“
„Ми претставува особено задоволство што денес ја имам можноста да ја претставам оваа дигитална алатка која ќе биде од особено значење за промовирањето на инклузијата на децата со попреченост од рана возраст“, истакна Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика. „Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со својата посветеност кон унапредување на системот за заштита на децата за да се овозможи сите деца, без оглед на нивните способности, средината од која доаѓаат, како и нивното образование и семејство, да добијат сеопфатна поддршка за развој на нивниот целосен потенцијал.“
Асистивните технологии дизајнирани за алтернативна и аугментативна комуникација може да им помогнат на децата да ги развијат своите способности да разберат и изразат зборови и концепти, со што се отвораат можности за подобрување на развојните резултати и учењето, а со тоа се поттикнува инклузија и учество во образованието и во заедницата.
Сиборд е токму едно такво асистивно технолошко решение за алтернативна и аугментативна комуникација. Тоа е бесплатна апликација со отворен изворен код, креирана со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. Може да се користи на интернет или преку андроид мобилен уред или таблет, како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи, слики и опции кои овозможуваат пренос на текст во говор.
По успешното првично воведување на Сиборд во три земји во регионот – Хрватска, Црна Гора и Србија – УНИЦЕФ и партнерите - организацијата „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, направија локализација на Сиборд на македонски и албански јазик, и креираа нов глас за аудио читач на македонски јазик – женскиот глас „Сузе“.
“Ни беше голема чест да бидеме дел од оваа иницијатива. Голема радост е за нашите студенти и за нас што можевме да придонесеме со нашето знаење и да работиме на систем кој ќе го подобри животот на луѓето. Групата за говорни технологии овде на ФЕИТ, УКИМ, има богата традиција и експертиза во технологијата на говор, особено синтезата и препознавањето на говорот. Ние, исто така, негуваме плодна соработка со „Отворете ги прозорците“ што им помогна на нашите студенти да работат на многу проекти за асистивна технологија. Токму преку оваа соработка нашите студенти го создадоа Говорко – апликација за паметни телефони за AAC - и доведе до нашето учество во локализацијата на Сборд и создавањето на новиот глас Сузе“, рече вон. проф. д-р Бранислав Геразов од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Овој процес се надоврза на искуствата на УНИЦЕФ во поширокиот регион, експертизата на тимот професори од Универзитетот во Загреб, а воедно и ги надополни напорите на УНДП кои ги креираа Кико и Хана – првите природни гласови за синтеза на говор на македонски и на албански јазик.
„Веќе 17 години работиме на тоа асистивната технологија да стане достапна за секое дете и секое лице со попреченост во нашето општество. Алатките кои денес ги претставуваме се основа на дигиталната алтернативна и аугментативна комуникација, која дополнително ќе им даде можност на стотици деца и возрасни со тешкотии во говорот да ги изразат своите комуникациски потреби“, рече Кристијан Лазарев, координатор на проектот од “Отворете ги прозорците“.
Сиборд е комуникатор што може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и од предучилишните установи, центрите за рана интервенција, училиштата, центрите за ресурси и службите за говорна терапија и може главно да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост почнувајќи од предучилишно образование и понатаму.
Досега повеќе од 170 стручни лица вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на Комитетот за меѓународна класификација на функционалности и специјални едукатори се запознаа со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го Сиборд, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестираа апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор, дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.
Апликацијата Сиборд е достапна на повеќе од 30 јазици и има пристап до базата на податоци Глобални симболи која има повеќе од 20.000 симболи и која сега ги вклучува основните пакети симболи за вокабуларот за македонски и албански јазик. Пакетите со симболи може и да се експортираат од Сиборд и да се испечатат за да се надополни работата со комуникацијата со децата преку употреба на испечатени ресурси.
Апликацијата може бесплатно да се преземе од „Google Play“ на андроид телефони или директно да се пристапи на страницата www.cboard.io .
Контакти за медиуми
За УНИЦЕФ
УНИЦЕФ ги промовира правата и добросостојбата на сите деца, во сé што работиме. Заедно со нашите партнери, работиме во 190 земји и територии за да ја спроведеме таа заложба во практична акција за доброто на сите деца, секаде, фокусирајќи се особено на најралнивите и најмаргинализирани деца.
За повеќе информации за УНИЦЕФ и нашата работа за децата, посетете ја www.unicef.mk.
Следете го УНИЦЕФ на Twitter, Facebook, Instagram и YouTube.